Непознатата ѕвезда

16.02.2017 01:33
Непознатата ѕвезда

„Незгодна национална појава“, вели за Бернар Бифе неговиот биограф, британецот Николас Фоулкс. Во Музејот на современа уметност во Париз, до 26 февруари, ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики од Бернар Бифе, еден од најоспоруваните уметници во Франција во 20-иот век.

Доминик Гање, кустосот на неговата голема париска изложба, објаснува како овој уметник доживеал чудна судбина, како за човек што доживеал огромен успех. „Се надевам дека оваа изложба ќе ги разобличи предрасудите и ставовите и ќе ја оживее расправата околу прашањата на реализмот, фигуративноста и апстракцијата и ќе ја покаже несомнената вредност и разновидност на она што можеби ќе остане запаметено како еден од најфасцинантните ликовни изрази во изминатиот век, а кој извршил и значајно влијание“, вели Гање.

И Фабрис Ергот, директор на Музејот и Удо Кителман, директор на берлинската Национална галерија, заеднички го поздравија претходникот на поп-артот, овозможувајќи им на новите генерации, за првпат, да се сретнат со ликовите што не се гледаат во очи, со црните линии, со изгубените погледи...

„Со тенденциите на враќање кон сликата, денес, трендот на 'бедпеинтинг' (сликарство инспирирано од улицата, плакатите и графитите), неговото дело се согледува во сосема друго светло“, вели Ергот, кој Бифе го нарекува „непознатата ѕвезда“.

Дали тоа значи дека се откриваат или повторно се откриваат повеќе од сто платна кои Бифе ги насликал помеѓу 1940 и 1999 година?

Осамениот монден

По Втората светска војна Бифе го сметале за врвна фигура на новото француско сликарство и го споредувале со Пабло Пикасо. На биеналето во Венеција, 1956 година, како крунисан француски првак, имал сопствена сала за изложување. На 28-годишна возраст, Бифе бил милионер чиишто слики биле најскапо продаваните во Европа. Меѓутоа, тогаш не ги откупила ниту една француска институција.

Репортажи во познатите весници, позирање пред новиот дворец и новиот ролс-ројс, со Франсоаз Саган, од времето на „Добро утро, таго“... Бил сликарска ѕвезда, како што Били Холидеј бил музичка ѕвезда. Неговата страсна врска со големите фигури на Сен-Жермен де Пре, со џет-сетот и со актерките од филмовите на новиот бран, го однеле во сончевите медиумски предели. Истите оние за кои денес сонуваат младите уметници и кои носат добра репутација. Но, тоа што честопати се наоѓал на насловната страница на „Пари мач“ и што повеќе го истакнувал својот животен стил отколку сликите, го чинело недостоен во очите на критиката, за која неговото отфрлање на апстрактната уметност било сомнително.

Иако бил миленик на медиумите, иако неговиот потпис бил огромен, Бифе останал срамежлив и затворен. Неговите современици го нарекувале апстрактен реалист, срамежлив дрзник, осамен монден, сликар којшто лудо го сака сликарството. И така, тој многу познат сликар станал осема непознат. Но, тоа не е единствената противречност поврзана со него.

Неговите платна ги прикажувале стравот и тегобноста на генерацијата штотуку излезена од Втората светска војна. Сепак, преголемата слава и популарност, во моментот кога успехот на младиот уметник може да го претвори во недостаток, фрлаат сенка врз неговата уметност. Иако успехот и парите му овозможиле да слика слободно и неуморно да се посвети на создавањето на неговата уметност којашто вознемирува, загрижува, предизвикува тегобност, честопати сурова и окрутна и сосема различна од уметноста на неговото време.

Историчарот на уметност и писател, Филип Дажен, ја истакнува неговата неподнослива провокативност, кршењето на нормите и запрепастувачка смелост. Истата смелост што некогаш била моторот на авангардата, истата смелост што без трага исчезна од делата, кои денес толку многу сакаат да се допаднат. „Што всушност претставува смелоста денес?“, се прашува Дежен и порачува дека тоа би можела да биде и оваа голема изложба, која, досега, еднодушно ја одбивале сите значајни музеи, иако станува збор за најпознатиот и најпопуларниот француски сликар на неговото време. Тој самиот знаел да каже: „Не ги сакам уметниците, уметниците се будали, ги сакам само сликарите“.

Недоличноста во сликарството

На неговите жестоки, силни остварувања, наизглед „закатанчени“, кои не се обѕирале на добриот вкус, своевремено им се восхитувал и Енди Ворхол, но и Ватикан, па неговата слика „Исусовиот живот“ се нашла на почесно место во Музејот на Ватикан. Сепак, вистинското признание пристигнало од далечната Јапонија. Таму се наоѓа единствениот музеј во светот посветен на Бифе, кој за себе рекол дека е верник, но извршил самоубиство кога се разболел од Паркинсонова болест, бидејќи веќе не можел да слика.

Средниот век, религиозната уметност, книжевноста, историјата, биле теми на сликарот што немал свој ментор. Неговото визуелно паметење било исклучително, а негови големи идоли биле Шарден, Гринвалд, Рембрант, Курбе, Мане, Дега, Џакомети...Тешко е да имитира неговиот стил без сенки, еднодимензионализмот, динамичноста, издолжените фигури и сплесканата перспектива.

Според американската историчарка на уметноста, Алисон Џинџерас, тој останува „еден од кумовите на недоличноста во сликарството, кој сè уште и тоа како може да ја надразни мрежницата на окото“.

Невозможно е Бифе да се распредели во некој од познатите уметнички текови. Неговите слики остануваат недофатливи за историчарите на уметноста. Неговите дела кои личат на монументални стрипови уште од 1944 можат истовремено да им припаѓаат и на попот и на панкот.

Извор: Политика
Слики: Бернар Бифе

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото