На самата граница на сонот се одвива краткотрајна претстава

23.02.2017 00:22
На самата граница на сонот се одвива краткотрајна претстава

Разгледница од Ѓудека

Денес, во првиот вторник на мај,
Ѓудека го слави Денот на уставот.

Училиштата,
Продавниците,
Станбените згради
облечени се во знамиња.

Изутрината на улиците масовно излегол
шаролик народ.

На Лета
Весело свират
Оркестри на пожарникари.
Трамваи украсени со цвеќе
Баботат по шините
Патриотски песни.

Пред споменикот на Данте
Голема воена парада.

Часовниците отчукуваат пладне.
Кон камбанариите на храмовите
Украсени со ленти
Ветрот тера
Мрки облаци.
По небото минува татнеж
На пролетна луња.

Денес, на првиот вторник во мај,
Марчинкјевич не излегува од дома.

Седи во кујната на маса,
Срка какао
И на бела страница хартија
Трпеливо со калиграфски ракопис испишува:

Конечно дојди, Духу на темнината.
Веднаш дојди, Духу на уништувањето.


Ламент

Зората е сива и на ѕидините од градот гаврани слетуваат
Бесен е ветрот На небото флота црн чад
Пред куќата превртени коли куфери играчки и стакло
Кучиња држат почесна стража крај купишта тела
Зората е сива празни се улиците и чадот Тоа е сè

Премногу лесно, да речеме, поверувавме дека Годоландија
никогаш нема да пропадне
оти има асфалтни патишта електрична струја и празник на независноста
Поверувавме во фактот дека ако дојде до пропаст
таа ќе биде како румена
Девојка со машинка во раката со венец од бодликава жица

Голема гозба имаат гавраните На небото чадот дефилира
Сето тоа Чадот тој како жива густ чад хоризонтот го потопува


Црн ангел Бел ангел

Ќе те следат Белиот ангел
И Црниот ангел

Белиот ангел заслепен од сонце
Црниот ангел кој само темница гледа
Патот ќе биде тесен како змијска трага,
И како кула крив.

Ќе одиш низ ледени пространства и градови претрупани со луѓе.
Животот е голем:
Ќе има вештачки оган и
Вештачки вилици,
Вино,
Пепел.

Се разбира ќе имаш на крајот непрегледни стада овци
И слични работи.
Поради тебе ќе ја губат главата робустните Киклопи и
Фуриите омажени.

Ќе чекориш по вода, пустински песок, циркуски арени.
Ќе има аплаузи,
Ќе има трева,
Пат тесен како конче и
Стрм како крик.

И?
Тоа би било
Всушност сè.

Бел ангел,
Црн ангел.

Црниот ангел со жица ќе ти ги врзе рацете.
Белиот ангел ќе ги подигне мечовите.


Островот Болко

Јаглени чамци пловат низ сивата река
Довикувајќи се како шумски утки.
Зад мостот под силината на ветрот се наведнува
Баз на клон, сеуште ист,

А веќе и друг, пократкотраен, недофатлив.
Покрај, крај калливата алеја, има сообраќаен знак,
Немоќен стражар на илузорниот мир.
Малку потаму се работниците од градското зеленило

Ја собираат златната галерија лисја.
Двајца пензионери шетаат околу
Напукната карпа - споменик на сеќавањето.
Сопственик на киоск со пиво

Зева и прашува дали ќе земе уште едно.
Во бескрајно тесната пукнатина
Помеѓу она што било и она што ќе биде,
На самата граница на сонот,

Се одвива краткотрајна претстава,
И иако знам каде ме води
Мојата грешна љубов, на секој од тие моменти,
На секој детаљ, им велам: да.

 

Превод: П. В.
Фотографии: Paolo Ventura


Павел Марчинкјевич (1969), полски поет, преведувач; студирал англистика. Збирки: Остави ја ноќта, нека тече; Бегај, Марчинкјевич, бегај; 18 стихови за тоа дека огнот ќе биде ружа; Со тебе склопувам сојуз; Свет за цврсти; Тиволи.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото