Мојата земја

22.05.2017 01:45
Мојата земја

Мојата земја

Мојата земја денес личи на
неизбричен рудник.

Јаден е тој пејзаж. Речиси банкрот.

Лошо спиела. За што известува
утринскиот печат.

На оградата лузна
од плакат:
историјата не подложи на рекламирање.

Девојче на долго стебленце
бега во бесмртноста на душата.

Мојата земја оди низ земјата
со орел истетовиран на
крупниот влакнест ножен лист
кој
се обидува да полета
се обидува да полета
се обидува да полета.


Ѝ велам на својата земја

Ѝ велам на својата земја:
исели се
отпатувај.
За момент биди странец.
Потоа врати се
и настани се во себе.
Промисли го сето тоа
уште еднаш.
Фати се себеси
во лет.

Поради што толку се радуваш, зошто си се спасил?

Поради што толку се радуваш, зошто си се спасил?
Играш околу изгорена куќа.
Кому толку се радуваш?
Единствен си што се спасил.
Ни глушец не преживеал. Ни лилјак.
Ни вилинско коњче ни пеперугата мртовечка глава.
Ни тревата. Ни каменот.
Со што викаш ако гласот не е спасен?
Кому викаш ако увото не е спасено?
Што ќе направиш со својата спасена смрт?
Срцето ти чука. Рацете ти мавтаат.
Дали поздравуваш некого или се простуваш со него?
Дури немаш од што да се фрлиш
(Нема планини).
Ни да се удавиш
(Нема океани).
Нема со што да се отруеш
(Леандерот свенал).

Крзното од ласица
што го имаш на себе
во најдобар случај
само може да те гризне.


11. Септември 2001.

Поети разузнавачи побожни даночни обврзници

Пејачи јувелири
ќе објавуваат
лични описи на злосторите.

Понекогаш дури и стихови. Понекогаш дури и песни.

Јувелирите грижно ќе ги брусат фактите.
Соодветниот облик. Соодветниот сјај.
Прецизната бижутерија на катастрофата.

Се разбира
сите ќе се нудат за печатење.

Само мојот кројач
со кого тивко разговарам
со рамен бод
ми рече
дека светот се распарал.

Додека шивачката машина
злорадо се смее.

Птици

Детето е родено ненормално.
Од устата му бризнал вулкан
и приумрел во воздух.
Од очите му прогледал огнот
и ја запалил куќата.
Детето може да се набљудува само кога спие.
Тогаш личи на ангел
Кој паднал на глава.
Но детето нешто знае
И на нешто сака да нè предупреди.
Од таа причина
Се запишало на курс по согласки.

После педесет години
Детето одлучило да се претвори во птица.
Сега лета по околината.
Може да се препознае по тоа што доцна навечер
Ненадејно почнува да скока и да вика:
- Човештво! -
додека сите други птици
кричејќи бегаат.


***

Историјата повторно еднаш
нема да ја исклучи пеглата

вели надевајќи се огнот
загледан во дрвото.

 

Гратчето Свет

Сè потешко е сите да се соберат крај маса.
Веќе трет пат удира гонгот. Се лади боршчот.

Најточни се мртвите.
Па децата што се распрашуваат за слатките. А ние?

Сме го паркирале сеќавањето
на забрането место
и во нашето гратче Свет сега
го чекаме доаѓањето на часовничарот
пензионираниот полицаец.

Слики: Brendan Monroe
Избор и превод: П. В.

Ева Липска e родена 1945. во Краков. Завршила Ликовна академија, но се определила за поезија. Пишувала и проза и драми, но и текстови за краковското кабаре Подрумот кај овните и текстови за рок бендови. Не припаѓала на ниедна книжевна група ни правец, иако критичарите ја вредуваат во Новиот бран. Преведувана е на сите попознати јазици. Добитник е на најпрестижните полски и светски книжевни награди. Последниве години е и кандидатка за Нобеловата награда.

ОкоБоли главаВицФото