Секој час вести

27.02.2016 02:42
Секој час вести

Шести јули 1980

Една велесила, управувајќи се од грижата
за својата безбедност, ја зазема
соседната земја. Милион бегалци, меѓу
нив жени, деца и старци, талкаат номадски
во близина на границата на својата татковина.
Мажите вооружени со минатовековни
пушки одат во планините да се борат
со агресорот кој бара безбедност.
Претседателот на другата велесила
тажно се смешка. Европејците
цели три недели грозничаво
расправаат за развојот на насаните. Левичарската
германска младина протестира против
вооружувањето и планира во случај на војна
создавање мали, подвижни одреди
за самоодбрана, вооружени со минатовековни
пушки. Американскиот диригент заговара
последните денови пред крајот на светот
да се слуша музиката на Бетовен. Пензионираниот
банкарски чиновник покажува на телевизија
магнетофонски ленти со снимени гласови
на умрените. Мртвите немаат многу да кажат,
ги изговараат своите имиња,
плачат или нè поздравуваат со кратки
како здив птичји крици.
Ти и јас седиме крај отворениот прозорец,
ги гледаме темнозелените листови на јаворот,
недела е, врне, се смееме
на сезнаењето на новинарите и суетата
на политичарите. Беспомошни сме
и ведри, ни се чини дека разбираме
повеќе од другите.


Секој час вести

Радиото секој час дава вести.
Спикерите знаат сè; невозможно е,
Би се рекло, секој час
Да се убива, краде и мами. А сепак е
Така, часовите како лавови ги проголтуваат
Залихите живот. Стварноста потсетува
На џемпер излижан на лактите. Кој
Слуша вести не знае дека во близина,
Во градината мокра од дождот
Шета мал црн мачор и си игра,
Се бори со тврдите стракчиња трева.


Победа

Нè убиваа и овие и оние, бевме
под нож, пред округлото око
на пушката, на крстот на нишанот,
но не сме невини, и покрај
сè не сме невини,
имаме песјаци, нокти, тупаници,
се браневме жестоко и
изгубивме; победата
лежеше во дострелот на воздишката.


Пораз

Навистина умееме да живееме само во пораз.
Пријателствата се продлабочуваат,
љубовта внимателно ја крева главата.
Дури и стварите стануваат чисти.
Ластовиците играат во воздухот,
населени во бездната.
Треперат лисјата на тополата.
Само ветерот е неподвижен.
Мрачните појави на непријателите се издвојуваат
од светлата подлога на надежта. Тие, зборуваме за нив, ние, за нас,
ти, за мене. Горчливиот чај годи
како библиските претскажувања. Само да не нè
изненади победата.


Боцки

Уште кога диктаторите би сакале
да ги читаат нашите гневни, бесни
и солидно напишани песни, поезијата
сигурно би го променила светот. Но
ни ружите не знаат за делата кои им се
посветени. Боцките не пијат крв.


Ах, тенкови

Ах, тенкови. Рскавица под тенката
кожа. Крај на споредбата. Средство
за повраќање кое лудува по ливадите
и полските патишта. Некој плаче. Гасениците
ја гнетат жетвата, лисјето. Од тој пустош
искокнуваат црни зрна и ја прекинуваат
секоја споредба.


Песна за емигрантите

Во туѓи градови доаѓаме на свет,
ги викаме татковина, но само накратко
имаме слобода да се восхитуваме на нивните ѕидови и кули.
Одиме од исток кон запад, а пред нас се
тркала големиот обрач на огненото
сонце, низ кое лесно како во циркус
скока припитомениот лав. Во туѓите градови
ги гледаме делата на славните мајстори
и без чудење ги препознаваме своите
лица на старите слики. Постоевме
уште порано и дури го познававме страдањето,
само ни недостасуваа зборови. Во православната
црква во Париз последните бели седи
Руси му се молат на богот кој
е помлад од нив цели векови
и беспомошен како и тие. Во туѓите градови
ќе останеме, како дрвја, како камења.


Во споредната улица

Во споредната улица која не спаѓа
во ниту еден град, туку расте
како предолг ракав и сраснува
со споредните улици
од другите градови, една старица храни
подивени мачки и им зборува
со поспани зборови. Нејзините прсти ги допираат
румените јазици на мачките, мали орхидеи.

 

Адам Загајевски на Окно:

Во туѓата убавина
Рамнотежа


Адам Загајевски (1945), поет, писател, преведувач и есеист. Се смета за еден од најважните полски современи поети, како и еден од најголемите живи поети воопшто. Автор е на дванаесет поетски збирки, три прозни книги и седум книги со есеи. Предава литература на Универзитетот во Чикаго.

Препев: Иван Шопов
На сликите: Инсталација, Laddie John Dill

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото