Упатените странци за СК014 (4) - „Ова ѓубре од ретро спектакл навистина изгледа евтино“

19.03.2017 14:12
Упатените странци за СК014 (4) - „Ова ѓубре од ретро спектакл навистина изгледа евтино“

 

Дмитри Виленски: Колку далеку може да се оди со популизмот?

Дмитри Виленски е член на рускиот колектив „Што да се прави“ („Что делат“), една од најпознатите уметнички групи кои се занимаваат со политика, уметност и активизам. Во март 2013 година во Скопје одржа предавање на покана на Контрапункт.

„Пред спомениците што ги видов - занемев. Но, истовремено, многу е интересно. Ќе ги одбегнам вообичаените коментари, бидејќи сè е толку очигледно. За мене е вистинска загатка зошто вашата елита, која би требало да е проевропска, одлучила да се облече вака наивно националистички. Навистина глупаво, зашто ако во сегашно време сакате да го трансформирате јавниот, урбан простор, што правите? Ќе поканите некој врвен архитект како Заха Хадид, Рем Колхас, која било ѕвезда, и тие градат некои фини модернистички работи. Понекогаш тие се за никаде, обично се за никаде, но сеедно - тоа е начинот на кој влегувате кај вашите европски пријатели, знаете, Брисел. Но, овде луѓето избрале комплетно различен начин. За мене тоа е загатка, тој чист популизам. Прашував дали постои некое независно социолошко истражување, дали ова на луѓето им се допаѓа, а можно е да им се допаѓа.

За мене е поинтересно прашањето колку далеку може да се оди со популизмот во урбаната продукција на просторот. Уште едно прашање е: како во државата била одобрена финансиска конструкција за овој проект на разубавување, зашто повеќе од сигурно е дека е контроверзен; го засилува конфликтот со Грција, бидејќи е малку опасно да ги донесете Филип и Александар, луѓево навистина ризикуваат во однос на иднината на сопствената држава. Перење пари? Дефинитивно. Но тоа можете со секоја градба, може да ја донесете Заха Хадид и можете да перете пари, а може и со ова ѓубре. Исто е. Тоа не влијае на степенот на корупција. Истовремено, се креира интерес за Скопје како за европска престолнина на кичот. Навистина изгледа евтино, можеле да го направат малку подобро и во овој стил на ретро спектакл.“



Златко Паковиќ: Скопски разгледници

Паковиќ го посети Скопје во 2016, за време на „Шарената револуција“, и напиша текст за градот и состојбите. Еве еден фрагмент:

Кој ќе тропне по божем-дорските столбови од триесет метри височина, лесно ќе ја почувствува под прстите нивната шуплина, тенкиот гипс врз стиропорот кој е платен со суво злато од даночните обврзници, за градот да личи на она што никогаш не бил и што никогаш не било град - на жив привид од архитектура, на кулиси во кои треба да живеат луѓе и да гостуваат странци.

Можеби најужасни се глетките на големите прозорци, божем-класицистички, кои покриваат по два ката, па кога ја гледате зградата однадвор ви се чини дека има, да речеме, два ката и поткровје, а всушност над приземјето има пет ката со две низи прозорци.

Денес сè во новата архитектура на Скопје е божем-урбанизам, божем-древност, божем-класичност, божем-барок, божем, божем, божем, како што е сè во една паланка. Видливост и препознавање на тој привид сега му даваат шарените бои од протестот на Шарената револуција, бои на живот врз тоа бело пластично божем-мермерно мртвило.

Мариуш Шчигел: Креација на корумпирана и компромитирана власт

Полскиот писател Мариуш Шчигел во септември, 2016 година престојуваше во Скопје по повод промоцијата на својата книга „Готленд“.

„Скопје – град кој треба да го симболизира идентитетот на Македонците, креиран од страна на нивната десничарска, корумпирана и искомпромитирана власт – е веројатно еден од најинтересните градови на светот. Полн со знаменитости стари 5, 3 или 2 години. Преполнет со споменици. Има плоштади кои изгледаат како сите споменици на светот да се собрале таму на некаква конференција. Архитектонската политика – еквивалент на нашата полска историска политика“, напиша Шчигел.

Линеа Вест: Наивно како Лас Вегас

Линеа Вест, писателка и кураторка која работи во Музејот на модерна уметност во Њујорк, во февруари 2017 година, во Скопје одржа предавање на покана на „Факултет за работи што не се учат“:

„Ќе го раскажам моето искуство на средбата со ’Скопје 2014’: прв пат дојдов во Скопје во август 2013 година и бев вџашена од новите градби, за кои дотогаш немав слушнато; тоа што го видов беше навистина изненадување. Тргнав по улицата од Железничката станица кон центарот, по кејот на реката, и како што се приближував до централниот плоштад почнав да се прашувам: Што е ова? Какви се овие градби? Дотогаш немав видено нешто слично. Првично ми се чинеше дека се работи за квинтесенцијален посмодернистички град од типот на Лас Вегас, каде се позајмуваат разни стилови од историјата на архитектурата, за да се предизвика фанатазијата. Но, сега мислам, дека споредбата со Лас Вегас е површен поглед на нештата. Таа огромна реконструкција е симболички гест кој оди подлабоко, тоа е еден вид буржуаска желба да се „цивилизира“ градот со грандиозно минато преку многу специфична визуелизација.
Се разбира, ’Скопје 2014’ може да се гледа и како реакција на модернистичката архитектура поврзана со социјалистичкото минато. Но не се работи само за реновирање, туку за целосно реосмислување на градот со цел да се воспостави алтернативен историски наратив кој ќе биде единствениот што треба да е прифатен и запаметен. Што се однесува до колективната меморија, барањето јавноста да го заборави социјалистичкото минато и да го памти само минатото што е претставено преку овие споменици е многу проблематично.“

Подготвила: Александра Бубевска
Монтажи: Свирачиња (врз фотографии од филмот
Deep Red)

ОкоБоли главаВицФото