Што значи референдумската победа на Ердоган за Турција

17.04.2017 01:33
Што значи референдумската победа на Ердоган за Турција

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ѝ честиташе на својата партија на победата на референдумот, јавува агенцијата Анадолу, додавајќи дека повеќе светски политичари веќе контактирале со Ердоган за да му честитаат.

„Според неофицијалните резултати, 25 милиони луѓе гласале за, што е за 1,3 милиони повеќе од оние кои гласале против“, рече Ердоган.

Според резултатите од пребројувањето кои ги пренесува агенцијата Анадолу, пребројани се околу 98 отсто од гласовите, а 51,32 отсто од гласачите го поддржуваат зголемувањето на овластувањата на Ердоган, додека 48,68 се против.

Резултатот на референдумот ќе се одрази на напнатите односи на Турција со Европската Унија. Турција го спречи мигрантскиот бран кон Европа, но Ердоган најави дека ќе го преиспита договорот по референдумот.

Ердоган на власт до 2029 година?

Измените на уставот, вкупно осумнаесет, ќе му овозможат на Ердоган да именува и сменува министри, да се кандидира уште двапати за претседател (што би значело дека може да остане на власт до 2029 година) и повторно да преземе водство над својата партија АКП. За нив се одлучуваше на референдум затоа што не добија двотретинска поддршка во парламентот.

Ердоган тврди дека со тоа сака да обезбеди стабилност и економски раст, додека критичарите сметаат дека сака апсолутна власт.

Одредени елементи на поделбата на власта ќе останат и во променетиот устав. Така, кај одредени прашања, парламентот би можел да ги поништи одлуките на претседателот, да води свои политички истраги или дури да го смени претседателот со двотретинско мнозинство.

Но, Ердоган и во постоечкиот систем успева да ја подрие демократската правна држава: опозициските политичари се затворани и шиканирани. По пропаднатиот пуч минатото лето, Ердоган отпушти 2700 судии.

Затоа е тешко да се замисли дека Турицја по денешниот референдум ќе стане подемократска.

Турската опозиција се жалеше на незаконитостите во корист на Ердоган.

„Забележани се бројни незаконитости кои ја фаворизираат владата“, рече Ердар Аксунгер, заменик претседател на главната опозициска партија Републиканска народна партија (CHP).

Извор: www.index.hr