Скопје – поглед во српската иднина

16.05.2017 01:42
Скопје – поглед во српската иднина

Значи, вака изгледа кога популистички режим издишува во живо, пред камери. Брутално, гадно, мизерно, ниско – а и како поинаку? Таков е популизмот кога се создава, кога расте и цвета, кога владее со полна сила, кога ги прима првите сериозни удари, кога почнува да паѓа, кога запаѓа во декаденција. На крајот, кога се руши и разградува. Најпосле, кога умира, со последните атоми сила сакајќи не само да преживее, туку и да убие. Нему и онака му е исто. Таков е во сите фази, само што завршната добива нота на крвава гротеска.

Значи, тоа го видовме пред некоја вечер во зградата на македонското Собрание: завршна ерупција на деструктивниот гнев на смртно ранетиот Мордор. И, кој – со неговите платени службеници – остана да го брани? Само оние на кои тој им е природно живеалиште, уличниот џган, мангупите и разбивачите на изнајмување, угледните приградски лудаци, по некој седокос лудак од едниот или другиот пол, и тоа е тоа. Она што останува по секое сеење како нераспределив удел со кој никој не знае што да прави. „Непотребни луѓе“, како оние кај Достоевски, на кои бескрајно циничниот Голем инквизитор ќе им ги наполни главите дека се сол на земјата, последните бранители на „вистинските вредности“, најзаколнатите меѓу заколнатите ќерки и синови на татковината и останатите татковини. Иако, баш и тој, Големиот инквизитор, ги презира толку длабоко колку што никогаш не би ги презирале оние кои мразат страсно. И ќе ги измие рацете од нив во првата прилика, како што, еве, веќе тоа и го прави.

Ги гледавте тие слики, гледајте ги уште, и тоа повнимателно. Толпа која руши и влегува со намера да изгази, уништи, сотре, да го претвори човечкото тело во куп месо и крв на подот. Лицето на моронот, лишено од навестувањето на мисли, кое на крвавиот човек упорно сака да му се обрати и на нешто важно и мудро да го поучи, па постојано му довикува „Заев! Заев!“. Седокосото машко говедо кое од страв кубе избезумена жена за коса и ја влече по подот. Креатури кои како да се собрани од сет за римејк на Виридијана на Буњуел, типот со каубојска шапка кој сладострасно запали цигара под скалите на Собранието и ги инхалира своите петнаесет минути слава, врескавата баба која токму, во епицентарот на самобендисаниот варварски кермес, ги доживува најсреќните моменти во својот живот. Гледајте ги добро зашто, којзнае, можеби во нив ќе ја видите иднината.

Значи, тоа ли е сиот заумен луна парк, тоа ли е „македонското сценарио“ со кое нè плашат српските властодршци? Изгледа бизарно, заумно, нестварно – ако не се задлабочите. Под површината приказната е многу посериозна.

Во драгоцената студија Што е популизам, штотуку објавена на српски (Fabrika knjiga и Pescanik), Јан-Вернер Милер ја воочува важната особина на секоја популистичка политика и владеење: таа секогаш за себе ја монополизира позицијата за настапување и дејствување „во име на народот“, додека сите други ги прогласува за „отуѓени елити“ или нивни слуги. Сите ние не сме „народ“: тоа се само некои од нас. Консеквентно, популизмот под „вистински народ“ ги подразбира само своите следбеници, а не севкупноста на населението и сета шареноликост на едно општество. Затоа политиката што му се спротивставува на популизмот не може да има легитимитет независно од бројот на оние што ја поддржуваат: ако е малцинство е нелегитимна зашто е малцинска, а ако стекне мнозинство, повторно е нелегитимна, зашто самото тоа мнозинство е нелегитимно. Слично размислуваше и Милошевиќ, но се одржа само тринаесет дена: го однесе бунтот на оние кои не беа расположени тој да ја мери валидноста на гласовите.

Таквиот изнуден бунт беше демократски зашто неговата смисла беше во почитувањето на изборната волја. „Македонското сценарио“ е обратно: тоа тежнее кон укинување на изборната волја на граѓаните, ако таа не ги исполнува критериумите на оние кои, замислете, од неа би биле оштетени. По изборите беше формирано ново мнозинство (67 од 120 пратеници), и тоа природно реши да формира влада. Зошто популистичката структура која со заби и нокти се држи за власта тоа насилно ѝ го ускратува? Тука треба да се вратиме на согледувањата на Милер за природата на популизмот: бидјќи не го признава тоа аритметичко мнозинство како релевантно и како „вистински“ vox populi. Како е можно тоа? Така што, во нејзиниот волшебен свет, „вистинскиот народ“ секогаш живее на една, нашата страна, а оние другите се дел од легитимното народно и државно (па потоа и изборно) тело само во мера во која Ние ќе процениме дека тоа им припаѓа. Оттука Ние впрочем и не можеме да ги загубиме изборите; во нашето владеење, иако формално закотвено во рамки на системот на парламентарна демократија, е впишан силен револуционерен елемент: ние, најпосле, сме пронајдената автентична сила на „вистинскиот“ народ, и во таа смисла за нас историјата е завршена. Доста беше лутање, експерименти и „нестабилност“: отсега владее Вистинскиот Народ, а случајно, ете, токму Ние сме интерпретатори и катализатори на неговата суверена волја.

Во македонскиот случај Албанците не можат да бидат вистинскиот народ со самото тоа што се Албанци (иако можат да послужат додека се во коалиција со Нас), но ни етничките Македонци кои размислуваат поинаку, исто така, не се дел од вистинскиот народ со самото тоа што ѝ се спротивставени на таквата популистичка дистинкција. Оттука се „нашето“ чувство дека имаме право, а и должноста да ја браниме државата и општеството од нив самите, тогаш кога ќе застранат.

Добро, но каква врска има тоа со Србија? Секаква можна, зашто начинот на размислување на овдешното популистичко движење за власта е идентично. Се разликуваат само според фазата: имено, овдешниот сè уште има мнозинство (нешто сосема друго е како дојде до него и како го одржува). Кога ќе почне да го губи, сетете се на сликите од Собранието: силеџиите и мародерите, бабите и неранимајковците, магарињата и кретените ќе ви се присторат како неодоливо познати.

Извор: http://www.vreme.com/