Турнеја или стек од бизон

18.07.2017 03:55
Турнеја или стек од бизон

Државата (мора да) има обврски во културата и уметноста и тоа никој не (сака да) го негира. Ама спорно е – или барем за мене е спорно – каде се лоцирани тие обврски односно каде ги препознаваме тие интереси (државни, национални, јавни) што би требало да бидат поддржани (и) со буџетски средства, односно со средства од даночните обврзници. А кога ќе го спомнете поимот даночни обврзници – а морате, зашто тоа се нивни а не државни пари – сликата околу интересите веќе драстично се менува. Во крајна инстанца, тој кој ги дава парите – ги определува интересите! Добро, се разбира, не буквално, туку посредно, преку демократските инструменти наречени избори односно изборни програми на партиите и гласот даден, или не, за истите. Иако таа логика кај нас не секогаш функционира баш на тој начин. На пример, дали оние гласови – повеќето фиктивни, се разбира, но еве да земеме дека имало доста и реални гласови – за довчерашното злосторничко здружение на власт автоматски значат и глас „за“ сите нивни монструозни злосторства во културата, почнувајќи од „Скопје 2014“, преку ординарните кражби на буџетскиот денар и буквалниот поткуп на грото на македонската култура? Се разбира – не, иако бандитине тоа така сакаат да си го толкуваат, бидејќи така им се чини дека ги оправдуваат сите недела контра културата на сопствениот народ. Ама, во нивните предизборни програми никаде не пишуваше дека „Скопје 2014“ како „национален интерес“ ќе се гради од стиропор, дека ќе го „градат“ неранимајковци и приучени калфи со звучни титули, никаде не пишуваше, односно даночните обврзници не гласаа за неброените изложби и откупи на барабана со звучен прекар, па згора и на женатаму, или за оној библиотекарон кого го преоблекоа во академик и го побудалеа од хонорари за разноразни „едиции“, или за „професоркана“ во осум управни одбори (па дури и во „Македонски пошти“) и којзнае колку надзорни одбори и комисии? Или, сведено, значи ли во вокабуларот на „најпатриотската“ македонска партија дека изразот национален интерес подразбира да се пљачкосува сопствениот народ и земја?

Зашто, извинете, ама ние друго – не видовме! И тоа што го видовме не можеме поинаку да го наречеме. Тие можеби мислеле дека ѝ прават добро на државата, на народот, на земјата (иако сум сигурен дека точно знаеле што и како правеле), дека раскалашните (не само) културни буџети трошени исклучиво на одредена „интересна“ група македонски „уметници“ (и по некој уметник, колку за маја!) навистина биле во наш односно т.н. национален интерес? Не верувам, зашто и најглупавиот меѓу нив сигурно не поверувал дека баш сите оние 2.000 „проекти“ со кои што се фалеше онаа претходнана мустра биле во полза на македонската култура, проекти без коишто оваа држава ќе паднеше на колена, барем во културен поглед. Или, поставете го прашањето обратно: можете да замислите на какво развиено културно рамниште би биле ние кога навистина би имале по две илјади такви проекти годишно? Тоа го нема ни една Франција, Германија, Велика Британија, па ни сите заедно. Или, можете да го поставите прашањето и на друг начин, на пример: дали навистина еден македонски филм, па нека е и од Милчо „национале“, може да биде од таква важност за државата, од таков национален интерес, за да Владата, директно и неотповикливо, му изброи цели два милиони евра со еден потпис на тогашниот премиер? Или, ако тоа е само еден пример – но никако не е осамен, барем во филмот! – тогаш може ли некој сериозно да појасни како една азиска турнеја – пазете, турнеја, не концерт! – на музичарот Четкар може да биде национален интерес за да биде финансирана од државниот културен буџет? Или концерт на Калиопи во Загреб, или на која и да е друга естрадна македонска шушумига? Па уште и финансирањето на нивните албуми, па видео спотови…? Можете ли да замислите колку пари според сличната логика ќе требаше да издвои Британската влада за да ги финансира турнеите и концертите на едни Битлси и Стоунси кои беа вистински светски ѕвезди? Да, на Битлси и Стоунси им беа дадени (заслужени) ордени за ширење на британската култура, ама нашиве бандити со ордени не се задоволуваат! Тие сакаат – пари!!! И по можност што повеќе и повеќекратно. Тие би да добиваат ем државна поддршка, ем да продаваат билети за концертите, да им бидат финансирани албумите и спотовите, а потоа истите јавно да ги продаваат, да се државно абонирани ама и бизнисмени. И парите да ги туткаат во вреќи. Згора на тоа, ако капне – а течело, не само што капнувало – и некое партиско митингче, или прослава, или нешто слично, нашиве „ѕвездички“ се пресреќни. Ни го остварувале „националниот интерес“ во културата! И тоа му доаѓа прилично слично како онаа вечно гладна сељачана во УБК и БЈБ кои морале да јадат стек од бизон по цена од 5.900 денари, или бифтек од дивеч за 5.000 денари, па октоподи на жар и слични глупости, жртвувајќи си ги стомаците за некаков национален интерес во безбедноста!!!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слика: Александар Дојранлиев

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото