Кога општината не сака, жителите на Карпош сами ги бараат загадувачите

06.08.2017 23:59
Кога општината не сака, жителите на Карпош сами ги бараат загадувачите

Веќе подолго време жителите на општина Карпош секојдневно се соочуваат со проблемот на загадувањето на воздухот. Од пријавите до надлежните органи нема никаков резултат, па тие преку групата на Фејсбук „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош", почнаа да се организираат во патроли во потрага по загадувачите.

„На нашите барања нема одговор ни од општината Карпош, ниту пак од Министерството за екологија и животна средина. Некој тука секоја вечер пали отпадни материјали и го загадуваат воздухот во Карпош“, велат граѓаните.

Во неколку наврати тие успеале да лоцираат барем дел од можните загадувачи. Локациите им се познати и на општинарите, тие се од двете страни на Вардар, од Сарај до хотелот „Александар Палас“. На овој потег, на неколку места, секоја вечер после 20 часот нешто се пали, велат граѓаните и апелираат итно да се преземат мерки за решавање на проблемот со загаденоста.

Пред три вечери група граѓани се организирале и го провериле делот кон Визбегово и Момин Поток. Веднаш наишле на оган на отворено од каде што се ширела неподнослива миризба.

„Мирисот од пожарот на чад се чувствува низ цел Карпош. Точната локација на овој оган е наспроти куќата на Црвен Крст во Момин Поток. Во тој дел има објекти кои се заградени со високи огради и не може да се види што има и што се случува позади нив. Недозволиво е општина со толку жители и со толкаво загадување кое се повторува секоја вечер да не излезе на терен. Недозволиво е да се трошат пари на секакви глупости, а да не се најде начин да се лоцираат нелегалните загадувачи на нејзина териоторија. Ако се сака, во рок од неколку часа, само со 2 дрона кои би фотографирале, може да откријат сите загадувачи на територијата на Карпош. Ако општинските власти и понатаму го игнорираат овој проблем, ќе сметаме дека свесно го одобруваат труењето на своите жители“, пишува во еден од постовите на оваа Фејсбук група.

Извор: https://www.mkd.mk

ОкоБоли главаВицФото