Поема за неизлечивоста

09.08.2017 13:38
Поема за неизлечивоста

Од другата страна на семенката
изгрева обесчестена светлина Невиноста
свирепо запеа За ваше добро о носителки
на нежен закон
Оставете ми ја власта на страдањата
Во вашето кралство од сенки
Која смрт е зрнце бисерно и на која тревка
од младоста да ја нанижам За ваше добро
овој црноспев е о болести
јас неизлечив поет ви се отворам
и ракава одобрение на светот ја покренувам
Како виножитото по кое
облакот храна струи во коренот
А јас сум гладен и пеам Освета на сè
е мојата вечност
Небото е слив за бегства

И Веслачот го снемува под облакот
а се јавува Клучарот со свеќа
од жолтата боја на пламенот
(Јас сум замок)
се изродува црна боја за да се ткае
од машка и женска преѓа знаме
и едно оф меѓу небото и земјата
Печалбарска музика на чулата
Врват женски нежности врват во чии
очи се насликувам како скитник
И зошто да ми е жал за една таква
струја одисејска Се разбудувам
на нивниот брег со испеана песна
Во вселенски грч
Месечарот е вонземјина струја
собирач на сенки и небески химни
Од склопот на други љубови ќе се врати
тој
Да се имаме себеси како ветер во чулата
Секоја ситница има по една нота
од химната на убиствата
Едни закони има светот
други поетот
трети болестите
И еве како сум за нив убав
и војсководно отворен
и како прелетуваат сенките на оние
на кои душите им се вагаат на сончеви зраци
Можеби нивните тела се убиени
но нивните сенки се живи и бегаат
Јас сум црн јавач на огнот
и од моите духовни намигнувања
воскреснува заспаниот оган на времето но таму
Таму во составот на нејзиното тело
е замокот на ружата
Мирисот на времето во мене и една дамка
боја во бистрите води на дното
каде гатаат изгубени струи но
кога семенката ќе се порече во плодот
Клучарот брои болести
и отслуженото сонце го заменува со ново
Лилјакот проповеда расплод а црнината негова
во однос на синевината морска
беше замок на бои
а јас брат на таинствената вечност
На крајот на мојот дух каде најмногу копнеам
и цути жито
каде во тагата ги барав и створив хорот сестри
ми се враќаат тие жетварки на болката и ми бајат
како на дете
А од реката
во вртлог од монолози
чашка вода ми подаваат бродоломници
Отаде светот се спасува мислата
Одоваде светот останува мојата неизлечивост
на поет
Облици издишете се
во општиот облик на братството на светлините
Една светлина знае
да се издвои кобно и ко ламја
да рика во видот
и да ги открива светлосните мани на сонцето
Веслачот се враќа со понудица Зад него на
небото
син отвор од веслото на кое го гледаме
насликан спасот
о хорови
Веслачот беше онаму каде што
сиромашните имаат скришно сеќавање за Рајот
Нежни ѕвездини геометрии испреплетени градови
школки оставете ме
мене неизлечив поет да се играм
и да ви се отворам со сите нежности
Мојата ѕвезда ќе падне врз мојата глава
како круна И ете
во една таква состојба устрелан
лежи поетот
о хорови вселенски
тогаш и Корабија е видлива
По патека со одблесок од испарувања
пее тој тивка молитва за повраток
Но повраток нема Има само испраќање
Затоа тажам над песокта пред морето

Клучарот се враќа со оние што немаат сенка
Ним сонцето не им даде сенка Тие
немаат ништо темно
освен само црни очи Тие
не сокриваат ништо и не знаат за ноќ
тие болни
што одат со творецот на оваа поема
да се скријат во најблескотната светлина
Вие што барате сенка по смртта на поетот
ќе имате сенка квечерина и пород
и многуѕвездена ноќ
и далечина во која ќе се довикуваме
а вака сме само стадо на болка
Клучару каде е мојата сенка
мојата кратка младост Според преданието
на видот мораш да имаш сто очи
Во потајно огледалце под стапките
се огледува таа
а небото ѝ се шета
со брачна ноќ во очите
о хорови венчални
Зеницата често не го развева
таинственото знаме на светлината што страда
Можеби е во прашање неснаоѓање
и желба за порок
о хорови
додека ја пишувам оваа поема
и најмала ништожност може да ме убие
сè да ме изневери
и зборот да ми се обесчести
о хорови на болот
Прстен и верност нудам Говор на секој предмет
Јас неизлечив поет Чиста убавина
о хорови
што како оплакување ми се врткате во круг
неизмолен се враќам од својата поетска црква
во Корабија
на чиј олтар има ехо на лудило
и освета преку вечност

Исплетена е мрежа од потајни движења
за пеперугата О нека ловат
о нека само ловат Мајко
Околината лудо како црн плашт врз себе
ја стави поетот и во друго време загази
но ти во сонот ги слушаш стапките на неговиот
бол
Имаат ист ритам со морето жолтите птици на
сушата Клучару
штом го забележиш бранот што не валка
На кое место и во кое мноштво на светот сме
фрлени
Таму кај ми весла ракава со стих водам љубов
со неродените
Клучарот болен за тајна
лудата девица како цвеќе ја обра во кругот
на месечеви мени
кон каде веслав
оти душите неизлечиво ни беа врзани во орхидеи
заради која плачам во длабочината на Азија
како што гори слама така гори светлината во
моиве очи
сè дури јас неизлечив поет
со душа на бајкотворец
не се скријам во замок од бои Спасување
нè препознава силниот дух низ небеско решето
о хорови на неродените
Затоа тажам над песокта пред морето Сурија
потсмевачи
ме следат
априлски Гробари на смеата
еве ви го последниот динар за вино
па продолжете ноќта да ја мотате на бело вретено
од зора
Без светлината на духот
утре и сонцето не ќе знае каде да изгрее На дуел
на дуел празнините на времето Телото
театар на храната во игра на небоземни страсти
Од оружје болка ми подарува
Една мала држава напрсток и игра ми е во
походот на песната
Немоќните ги одобруваат неверствата но јас
неизлечив поет
на тие слепоидни животни им го враќам видот
во поемава
и тие болни очи на сознанието ги врамувам
во икона на неизлечивоста
Треба и во оној пуст предел да се пее
Ако ме пресрете смртта и нејзе ќе ѝ запеам
и таа од мојата песна занесена како и јас кон
својата средина
за својата обврска ќе се заборави
јас на целта ќе стигнам

Водам љубов со неродените
Што имаат сенка за ноќта а немаат тело за денот
Клучару гуштеру и колку тајни да ти испокрадоа
прибери нè нас во одаја од ѕвезди
Поете подари ни ги своите грешки и својот бол
за да се родиме ние неродени
Хор девојчиња
Картаџио на младоста
Таму каде што скришно ни лутаат мислите
каде што ти ја отвораме својата девојчинска карта
јави ни се
Мојата неспокојна ноќ
во вашите зеници застанува
Моето небо со мојата ѕвезда кец
плови во вашата нежност
Таму каде што ви лутаат мислите
се претворам во тело на неродените
Но мене сонцето со поинаков закон ме ништи,
но јас неизлечив поет во занес на вечноста
со два зрака од очиве
ќе го прецртам сонцето на небото
и според преданието на видот
ќе се најдам во сите вечности
О хорови на неродените Љубов
Појди на распетие да се родиме ние неродени
Нека те исмејуваат во осаменоста
Нека те презираат Умирај на секој чекор и
боледувај
од скришна болка за да се родиме
ние твои неродени песни
И јас
во утробата каде што светот ја одбегнува смртта
завртувам уште една страница ноќ:
Голема моќ на игра во нас имаат неродените

На крајот препознавам лудило
и тоа ми е добар знак на жетва
Откривање на нова убавина
кон која на ходочастие го заведувам светот
Последната ноќ ќе ја заклучам
со катанец од ѕвезда.

Извор: Корабија, Култура, Скопје, 1964.
Слики: Џиа Ма

Радован Павловски (1937), еден од најзначајните македонски современи поети. Автор е на дваесетина поетски книги, a пишувал и есеи, патописи и песни за деца. Добитник е на повеќе македонски, југословенски и светски книжевни награди. Поважни збирки поезија: Суша, свадба и селидби (1961), Корабија (1964), Високо пладне (1966), Боемија на Природата (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972), Зрна (поезија, 1975), Молњи (поезија, 1978), Синот на Сонцето (поезија, 1999), Океан во капка (2008). Автор е на книгите есеи Што може поезијата (1993), Демократска џунгла (политички есеи, 1994), како и на патописот Отклучување на патиштата (1986).

ОкоБоли главаВицФото