Во грејна сезона во Скопје се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја на Водно

11.11.2017 13:03
Во грејна сезона во Скопје се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја на Водно

Водно во 1920 година

 

Во текот на една грејна сезона во Скопје се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно, рече директорката на УНДП за Македонија, Луиза Винтон, на координативниот состанок со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, и заменик-министерот Јани Макрадули со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините од Скопскиот Плански Регион за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

„Толкава шумска површина се сече во другите делови на земјата за жителите на главниот град и на регионот околу него да се затоплат во само една година. Следната сезона ќе се исече уште едно Водно и тоа ќе продолжи и во наредните години ако не се преземат мерки“, рече таа.

За да се намали загадувањето на воздухот, се предлагаат три мерки. Првата мерка, која бара најмалку финансиски средства, е да се зголеми користењето на парното греење онаму каде што има мрежа, односно што повеќе домаќинства што се имаат исклучено повторно да се приклучат на парно.

Втората мерка е оние што се греат на дрва да ги заменат старите и неефикасни печки со нови грејни тела, а третата мерка, која е и најскапа, е да се зголеми енергетската ефикасност бидејќи над 50 отсто од објектите треба да се реновираат затоа што не се енергетски ефикасни.

Но, загадувањето не доаѓа само од греењето на дрва. Во истражувањето на УНДП се посочува дека голем придонес во загадувањето на воздухот има и палењето на пластика, лакирани материјали, јоргани, облека и друго ѓубре. Во студијата исто така се посочува дека, освен во општината Шуто Оризари, во другите општини не постоело совпаѓање меѓу имотната состојба на граѓаните и начинот на греење, но постоело совпаѓање со образовната структура на населението, што укажува дека треба да се едуцираат граѓаните и да се работи на јакнење на нивната свест.

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), презентирана на координативниот состанок за загадувањето што се одржа во Клубот на пратениците, дури 45 насто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 отсто на електрична енергија, а само 21 отсто се приклучени на парно, а греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

Извор: Макфакс

ОкоБоли главаВицФото