Двете хашки самоубиства: дали е подобро да те фали Шешељ или да ти го загорчува животот?

30.11.2017 18:52
Двете хашки самоубиства: дали е подобро да те фали Шешељ или да ти го загорчува животот?

Во 2014 година Шешељ се пофали дека го малтретирал првиот хашки самоубиец од просторите на поранешна Југославија. „Во Хаг правев сè за да му го загорчам животот на Милан Бабиќ. Ако не бев јас немаше да се убие“, се гордееше Шешељ. Денес, откако Слободан Праљак се погрижи неговиот самоубиствен чин да го види целиот свет, „Шешко“ реагираше поинаку: „Ова е јуначки потег и е за почитување. Иако тој беше наш непријател на борбеното поле, ова е за почитување“. Токму Шешељ е еден од оние што Хаг ги ослободи, заради што Република Хрватска се жалеше и го проколнуваше Трибуналот. Тогаш каква е смислата? Совршена. Милан Бабиќ, за разлика од Праљак, не беше со фанатична конституција потребна за студен премин преку повампирувањето и дехуманизацијата нужни за извршување масовно злосторство. За рационализација на концентрационите логори, мачењето, силувањето, злоставувањето, ограбувањето потребна е цинична ментална акробација по што поединецот, воениот злосторник во сопствената глава се преобразува во херој на задача, супериорен спасител, убиец на бубашваби и спроведувач на неопходната дератизација.

Праљак, интелигентен и образован како и Шешељ, имаше ментална сила за таков вид самооправдување. Трите факултети го научиле дека постојат повеќе и помалку вредни луѓе; дека постои милост, но условна, локализирана во непосредната околина и опиплива благодарност, никако во форма на општ принцип. Тоа е за педеришта.

Цинизмот на незапирливото споредување со Сократ е неизмерен. Праљак не е осуден заради расипување на младите, туку заради создавање предуслови за убивање на младите. Најпосле, тој се изнаживеа – умре на 72 години, за разлика од неговите многукратно помлади жртви. Подеднакво цинично е да се бара сочувство заради смртта на Праљак, заради неговото семејство, кое свесно го намали за еден член. Не само затоа што, за разлика од Праљак, луѓето од логорите газени од чизмите на ХВО немале избор, туку и затоа што генералот со својот потпис на режијата на денешниот спектакл го украде денот и заслуженото задоволство за страдањето на – илјадници луѓе.

Постхумно уништување на животот

 Затоа неговото самоубиство, наместо со Сократ, повеќе може да се спореди со самоубиството на Херман Геринг или малку поанонимните „маченици“ на Даеш. Принципот на Даеш е сличен: уништување максимален број животи. А, во таа смисла, Праљак навистина даде сè од себе. Покрај она што го правеше додека беше жив, тој ќе продолжи да ги уништува животите на Хрватите и муслиманите на подрачјето на БиХ, токму со поттикнувањето неслога и конфликтни толкувања на неговата „страдалничка“ фигура. Постхумно ќе ги полни шаржерите во нивното веќе бескрајно долго и непотребно гледање преку нишанот. Поточно, тоа им е потребно само на ретките – и блиски на Праљак – сопственици на хациенди, новобогати, клептократи и други социопати, кои денес арогантно ги растеруваат малкумината што останаа во БиХ.

Кога зборуваме за постхумните жртви на Слободан Праљак, полицијата и новинарите најдобро знаат дека објавувањето вести, само вестите за анонимно самоубиство охрабруваат бројни очајници на таков чин. Што тогаш може да предизвика реалното шоу што Праљак го приреди во судницата? Особено кај бранителите за чие здравје декларативно се борат нашите патриоти.

Негови постхумни жртви, секако, се и семејствата на жртвите чие истребување тој го организираше, според наодите на правосилната пресуда која сега, заради неговото „херојство“, не ја споменува никој или се споменува туку-така.

Жртви се и верниците кои, суштински екстремисти, се натрупаа во Католичката црква за да се молат за него. Жртви се зашто исклучиво се научени да сочувствуваат со човекот што беше способен да изврши воено злосторство, а не да сочувствуваат со семејствата на неговите жртви. Воениот злосторник, за разлика од „обичните самоубијци“, заслужува и нормален, католички погреб, зашто „можеби се покајал во својата свест во моментот кога го пиел отровот“, како што теоретизираат и езотеризираат мантиите, само неколку часа откако целиот свет го слушна тврдоглавото обраќање на Праљак до судијата: „Испив отров!“ Супериоен и во смртта, во очите на установата што го проповеда Евангелието.


Понизност кон жртвите без употребна вредност


Неговото самоубиство нималку не наликува на она што го стори човекот чиј последен мачител беше Воислав Шешељ. Поранешниот претседател на таканаречената Република Српска Краина, Милан Бабиќ, извршил злосторства, но се покаја пред очите на целиот свет. Рече дека се срами. Дека го боли. Дека никому, па и себеси, не може да се оправда за она што го направил. Рече дека се надева дека неговото каење може некому да му го намали страдањето. Повика на помирување, зашто припадноста на човечкиот род е поважна од која било разлика помеѓу етничките групи. Му се заблагодари на бога за можноста да се покае. Ги замоли Хрватите да им простат на Србите. Ги преколнуваше своите сонародници да се насочат кон иднината, сочувството и правдата, кои можат да го намалат злото што е направено. И потоа умре во тишина.

Понизноста кон жртвите што ја демонстрираше Бабиќ пред да си го одземе животот едноставно нема употребна вредност во дневната политика на денешните држави и затоа слабо се памети. Но, знаеме што сакаше Праљак да се заборави побрзо – неговата одговорност за ѕверствата, како и целиот здружен злосторнички потфат во кој учествуваа творците на државите во кои луѓето сè помалку сакаат да живеат.

Извор: http://lupiga.com

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото