Иванов-црква-партија-држава

29.12.2017 02:33
Иванов-црква-партија-држава

Врховен командант.

Од четиринаесет страни четиво, може лесно да се пропуштат два моменти, а важни се за да се сфати деструктивноста на Иванов.

Тоа се неговите ставови за Истанбулската конвенција, односно неговите сфаќања на родовите прашања и ставот за МПЦ – Охридска Архиепископија и нејзиното приклонување кон православната екумена.

Во едното лежи остра критика, а во другото надеж и нетрпение, на еден вистински претставник на македонските верници.

И двата случаја се длабоко политички обоени.

Моралот и етиката во начинот и праксата на родителско воспитување ќе бидат компромитирани од поинаквото поимање на родот и полот или што би се рекло, претседателот се плаши дека високо моралните родители нема да можат да влијаат на создавањето нови хомосексуално ориентирани генерации. Никаде не спомнува, ама паралелата е повеќе од очигледна.

Односно, тој вели дека Истанбулската конвенција, во своите добри намери во борбата против насилството врз жените и семејното насилство, сепак, непотребно навлегува во ортодоксната зона на верникот и моралистот, Ѓорѓе Иванов.

Што би се рекло, поздрав за борбата против насилството врз жените и жртвите на семејно насилство, ама дали тоа значи правда само за оние правилно сексуално ориентирани?

Односно, „воведувањето на новото поимање“, со акцент на новото, за родот и полот ќе доведе до наметната толеранција, онаму каде што и не треба да се толерира.

Одредените ризици, како што вели Иванов, би биле неморални деца, генерации што имаат слободна волја и критичко мислење и религиски неоптоварени умови, родители без влијание и интегритет да создадат потомство според својот лик, со истите морални и етнички вредности?

Или, Иванов се плаши од изумирање на новата ариевска раса на антички Македонци, но и помазаници и вистински следбеници на православието.

И ако одиме по „парадоксот на Иванов“, на крај ќе излезе дека место да помогне, со вакви загрижувачки примеси, Истанбулската конвенција ќе придонесе до распад на нашето угледно, со цврста волја (или со стап во рака) демократски градено општество.

Пресудете сами.

Од друга страна, не случајно, иако ненаметливо, политичката улога на МПЦ-ОА и нејзината трагична судбина беа составен дел од обраќањето на Иванов.

Тој како вистински верник, не дека не ги препознава и другите вери и оние надвор од сите вери, ама за доброто на државичката, несомнено признавањето на МПЦ-ОА во светот е значајно за порастот на моќта и влијанието на црквата, сега кога единствениот партнер во злочинот е во опозиција која си ги лиже сопствените лузни, па нема време и за туѓи.

И нормално, ако политичкото влијание и таа фина заедница црква-партија-држава се обнови, моралот несомнено ќе порасне и тогаш, во контекст, на родовите прашања, можеме да зборуваме за отворено и слободно општество.

Лудо, зар не?

Претседател на секуларна држава, да, но со отворена порака дека МПЦ-ОА мора да вложи напори конечно да се решат односите со Српската православна црква, алудирајќи најверојатно на добронамерната Бугарската православна црква да и биде посредник на МПЦ-ОА за решавање на нејзиниот статус. Не дека тие имаат или имале против. Кој следи црковна политика, јасно му е, а и така и не се разликува од веќе стандардизираните правила на политичка игра во Македонија.

Зошто овие две парчиња од обраќањето на Иванов? Затоа што десет години наклонетоста кон едноумие и градење држава, столб на национализмот, традицијата, верата, промовирање на македонскиот идентитет и супериорност над останатите, гледање од височина преку грандиозноста на Скопје 2014, партизирање наместо политики, автократија под превезот на демократија, ќе се срушат како кула од карти ако се дозволи ваквото „неморално“ владеење на Владата.

Или, Иванов бара она што бараат граѓаните. Да не е обратно? Граѓаните мора да бараат она што тој и неговите газди бараат?

Не заборавајте, претседателот зборува во име на сите нас, граѓаните на Македонија, иако не мисли на сите нас.

Слики: Свирачиња

Извор: https://civilmedia.mk