За законите кои го затскриваат криминалот и извршителите кои ги прекршуваат законите

05.01.2018 12:39
За законите кои го затскриваат криминалот и извршителите кои ги прекршуваат законите

Една криминална власт чија главна цел беше да го исцица народот до последна капка крв, внесе хаос во законското регулирање кој содава привид на право, а всушност го овозможува неправото. Криминалната власт ја тргнавме, криминалот не.

Резултатите на криминалното владеење беа страшни и многу видливи: Граѓани плачат во УЈП поради блокирани сметки за МРТВ, повеќе од 167 илјади блокирани сметки на граѓани!, Блокирани сметки на 27 илјади граѓани заради РДТ, …

Пљачката започна со дислоцирање на извршувањето од судската постапка и од надлежноста на судовите. На тој начин се сруши целовитоста на судската постапка, и во исто време се оневозможи судовите да вршат контрола врз процесот на извршување на пресудите. Судот изгуби фактичка контрола над извршителите (а со тоа и на извршувањето на сопствената пресуда) освен ако странката поднесе приговор согласно членот 86 од Законот за извршување.

Наместо судот да води грижа за извршувањето на сопствените одлуки, оваа задача ѝ беше предадена на извршната власт (Извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, член 32 од Законот за извршување. Министерството за правда врши надзор над работата на извршителите, член 54 од Законот за извршување), со што се прекрши принципот на подлеба на власта.

Вториот чекор во создавањето услови за пљачкосување на сопствените граѓани беше направен со изигрувањето на законот направено од страна на извршителите. Имено, извршителите наместо да се држат до одредбите од Законот за извршување, решија да ги применат одредбите на Закон за платен промет со што свесно создадоа хаос во примената на правото.

Само како пример:

Во Законот за извршување нема одредба со која се дозволува блокирање на трансакциона/трансакциони сметки на должник (тоа го има во Законот за платен промет, а во Законот за извршување е поврзано само со правни лица).

Според членот 118 – Забрана и пренос на парично побарување се спроведува во износ кој е потребен за намирување на доверителовото побарување.

Тоа значи дека ако е долгот 300 денари се врши забрана и пренос на 300 денари, а не на сите средства од трансакциската сметка и секако не се плаќаат никакви пари за одблокирање на незаконски блокирана сметка.

Според членот 141 – Со налогот за извршување врз плата се определува забрана на определен дел од платата и му се наложува на работодавецот, кој на должникот му ја исплатува платата, паричниот износ за кој е наложено извршувањето да му го исплати, односно да му го исплатува на доверителот.

Тоа значи дека не се блокира трансакциската сметка туку преку работодавецот се задржува дел од платата.

Според членот 149 – Извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице, се спроведува така што со налог за извршување ѝ се наложува на банката паричниот износ за кој е издаден налог за извршување да го исплати на сметката на извршителот.

Тоа значи дека не се блокира трансакциска сметка туку се исплаќа бараната сума.

Според членот 40 извршителот е должен:

-да прибира податоци за имотната состојба и други податоци за должникот во функција на извршувањето,
-да поднесува барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување,

Според членот 116 извршителот е должен да изземе од извршување одреден вид примања.

Тоа не може да се направи со блокирање на трансакциска сметка туку со собирање многу конкретни податоци на индивидуално ниво, односно, со почитување на членот 149 од Законот за извршување.

Според членот 117 во голем број случаи има ограничување на извршувањето на ниво на 1/3 од месечните примања.

Тоа значи дека не се блокира трансакциска сметка туку се исплаќа најмногу 1/3 од месечните примања со што не се загрозува егзистенцијата на должникот и/или неговото семејство.

СЕКОЕ БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА НА ФИЗИЧКО ЛИЦЕ Е СПРОТИВНО НА ЗАКОНОТ И ТРЕБА СООДВЕТНО ДА СЕ КАЗНИ. КАЗНАТА СЕ ОДНЕСУВА КАКО НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ ТАКА И НА БАНКИТЕ КОИ ВО ДОГОВОР СО ИЗВРШИТЕЛИТЕ ОСТВАРУВААТ ЕКСТРА ПРОФИТ, ОДНОСНО, НЕОСНОВАНО СЕ БОГАТАТ.

Орган кој врши надзор на имплементацијата на Законот за извршување е Министерството за правда. Тоа значи дека Министерството за правда под итно мора да преземе активности со кои ќе се обезбеди почитување на Законот за извршување и со кои на секој актуелен извршител кој побарал блокирање на нечија трансакциона сметка веднаш ќе му биде одземено правото за вршење извршителска дејност согласно членот 66 од Законот за извршување.

Меморандумот склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршителите е очигледно направен со најдобри намери да се заштитити одредена ранлива група во услови на правен хаос, а во област во која МТСП нема вистинска надлежност.

Ваквиот вид потези се многу разбирливи во услови кога се гасат пожари, меѓутоа, применети на долги патеки можат и самите да придонесат за продолжување на правниот хаос.

Имено, извршувањето врз средства кои доаѓаат од социјална помош е изземено согласно членот 116.

Тоа значи дека извршителите според Законот за извршување немаат право да бараат извршување врз овие средства и не е потребен никаков меморандум со кој ќе се гарантира ова, туку е потребно Министерството за правда да обезбеди почитување на законот.

Според членот 41 – Извршителот при спроведување на извршувањето е должен по електронски пат, за конкретен должник да побара податок од евиденциите кои ги водат органите на државната управа, или од правно лице кое води регистар.

Тоа значи дека извршителот има начин да добие одредени податоци, а давањето достап на извршителите до податоци за сите приматели на социјална помош е давање ново и многу широко право.

Според членот 65 од Законот за извршување – извршителот ќе биде парично казнет или привремено ќе му биде одземено правото на вршење на должноста извршител доколку „бара пристап до податоци за лице кое не е должник“. Ова меѓу другото се гарантира и со заштитните механизми на органите задолжени за чување на овие податоци, односно посебната процедура преку која извршителите имаат достап до конкретни податоци за конкретен човек.

Тоа значи дека делот од меморандумот со кој на извршителите им се дава директен пристап до податоците за сите приматели на социјална помош ја заобиколува оваа заштитна клаузула и може многу лесно да биде злоупотребено.

И секако, надвор од оваа заштитна капа остануваат сите останати спомнати во членот 116:

И надвор од оваа заштитна капа остануваат сите оние спомнати во членот 117:

ДРЖАВАТА МОРА ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕ ОД НЕПРАВОТО (СИТЕ ГРАЃАНИ) И ДА ГО САНКЦИОНИРА СЕКОЈ ОБЛИК НА ПРЕКРШУВАЊЕ И/ИЛИ ЗЛОУПОТРЕБА НА ЗАКОНИТЕ (СЕКОЕ ПРЕКРШУВАЊЕ).

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Џо Веб