Сега кажувам #6

18.01.2018 17:29
Сега кажувам #6

Ивана Галапчева

Имаш 17 години. Работиш во кафиќ на шанк веќе цела година и штедиш за факултет. Дечкото е урбана фаца во градот, околу десетина години постар од тебе. Отворено и доста смело ти се пушта веќе со месеци. Го одбиваш на фин начин при секој обид. Работен ден е. Завршуваш втора смена и се спремаш за одење дома, сабајле треба да си во школо. Местото е празно, освен дечкото во прашање и пар негови другари кои остануваат да се допијат во присуство на еден од газдите на кафиќот. Тој забележува дека се спремаш за одење, доаѓа до шанк да те праша дали може да те однесе до дома. Уморна си, не ти е до повуци-потегни и директно го одјебуваш. За некое чудо, не инсистира понатаму, и се враќа назад кај другарите на маса. Се поздравуваш и фаќаш пат под нозе до дома. На пола пат, тут-тут, некој ти свирка од кола. Се вртиш налево и го гледаш дечкото во прашање, насмеан од уво до уво, ти одмавнува во знак на поздрав. Срцето забрзано ти чука, но му мавнуваш назад и продолжуваш натаму. Колата и дечкото забрзуваат движење, ти воздивнуваш и не му ја мислиш многу. За два дена е викенд и имаш дневна смена. Штом се појавуваш на работа, ги здогледуваш дечкото и неколку негови другари како пијат кафе, ништо чудно, ионака се дел од инвентарот. Во моментот кога стапнуваш внатре, дечкото остро извикува „здраво лепотице“, а другарите шеретски се смејат под мустаќ. Се поздравуваш и влегуваш во шанк. Приметуваш некое чудно шушкање и повремени скришни погледи од секој поединечно, но никому ништо. Дури подоцна ти текнува (а теоријата ти се потврдува со наслушнати муабети од овој-од оној), дека дечкото смислил малограѓанска паланечка тактика на „ако стварно не можам да те освојам, барем другите нека мислат дека сум те освоил“ и ги фолира другарите дека вие нешто тајно се мувате. Вин-вин за него. Ниту можеш да обвиниш, ниту да негираш нешто што се инсинуира без зборови. Урбана фаца? Не, моја грешка, извинете. Паланечки лузер.

Ана Василева

Имав 17 години и се враќав дома со ноќниот воз Белград-Скопје. Прилично беше празен и привремено останав сама во купето. Влезе полицаец. Побара пасош, почна да ме прашува некои лични прашања, нешто шеги. Почна да вели дека сум убава, дали сум сакала жена да му бидам, близу живеел овде до пруга. Беше голем и се навалуваше кон мене и веќе бев преплашена. Полицаец! По кој да викам, сфатив дека помош нема. Наеднаш влезе, затвори врата позади себе, изгасна светло во купето и инсистираше да го бацам во уста. Доаѓаше сè поблиску до мене. Тоа траеше некоја минута и возот застана негде, па за среќа се собра и избега. Седев стаписана и ме знаев што да правам до крајот на патувањето полна страв.

Ирена Цветковиќ

Додека студирав, еден професор, уште во прва година, ме канеше во својот кабинет, ми ветуваше дека ќе ме ангажира како демонстраторка, само доколку дојдам еден викенд надвор од Скопје со него. За мене испитот го закажа во недела, па од страв морав да одам со мајка ми. Утредента ми се јави на телефон и побара конечен одговор за заедничкиот викенд. Собрав храброст, реков НЕ и тогаш тој ми рече: епа тогаш дај ми ја мајка ти на телефон можеби таа ќе сака. Ѝ се доверив на една професорка од истиот факултет, а таа ми рече: остај тоа, батали, на сите така им прави, и онака сега ќе оди во пензија.

Слика: Кели Биман

Слични содржини

Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став

ОкоБоли главаВицФото