Сега кажувам #2

17.01.2018 10:36
Сега кажувам #2

Весна Костовска
#сегакажувам, а и тогаш кажав!

Кога го завршив магистерскиот труд, и кога требаше да се доуточни датумот на одбраната, во Деканатот апсолутно ја одбиваа мојата молба да бранам на почетокот на јуни, заради можноста на мојот ментор единствено во тој период да присуствува во Скопје. Но откако менторот лично се јави, е тогаш датумот без проблем беше закажан за јуни. Е сега, следува интензивното јавување на една личност, којашто ми укажа дека исклучиво со негова заслуга е одреден датумот да бранам во јуни. Следуваат чести телефонски повици со често доаѓање на работа, и со гласно извикување по скали... каде е пилето мое, и со постојани закани дека ќе стори сѐ да не поминам на одбраната. А и оние моменти на цццццц, и шушкање по ходниците... Но додека не дојде моментот на одбраната, игнорирав и молчев . Пред сѐ, затоа што трудот го работев чесно, сериозно, и со многу длабок пристап. И бидна денот на одбраната... избезумена, сама со себе седев во една просторија на факултетот, како во некој безвременски простор на непостоењето. Тогаш застанав пред комисијата, повторувајќи си ги имињата на ќерка ми и син ми. И сето помина чесно и достоинствено. Потоа на сите што ја ценеа и познаваа личноста, им укажав на она што го преживеав. И не ме ни интересираше што сфатиле, дали ми верувале. Важно ми беше дека понатаму секогаш многу лесно се справував со вакви ситуации.

Јана Јакимовска

На ликовна колонија, после ручек, ме вика директорот, 50+ годишен, да потпишам договор. Ме внесува во неговата хотелска соба, која за време на колонијата инаку ја дели со жена му. Таа не е внатре. Потпишувам, ме обиколува, ми става раце на рамена и ми вика „ајде сад да те пољубим“. Не сакам да се бацувам со него, ама општеството ме учело да не бидам кучка, да бидам фина. „Само у образ“, му реков. Се обидуваше да ми ја улови устата додека јас упорно ги вртев образите и мислев само на вратата од собата. На крај попушти. Го исцинкарив кај еден повозрасен колега. Утредента, пред другите, ми рече „да он није мислио ништа лоше“, и имплицираше дека јас погрешно сум интерпретирала најпријателски гест. Имав 23 години и тоа беше првата ликовна колонија по студиите.

Мила Шопова

„За кикирики и грицки ќе ти се најдат, уз пијачка“, ми кажа пред да ја спуштам слушалката одлучна дека ќе ја одбијам неговата понуда да работам хонорарно во невладината во која тој беше член на управниот одбор. Дипломат од кариера одговорен за млади дипломатски кадри, ми се јави неполни два часа откако со стисок во натколеницата ми порача да останеме во контакт.

Еден час претходно во изверзиран „џентлменски маневар“, придржувајќи ми го палтото со лицето се влета во моето. Наведнав глава и го оттурнав. Се сретнавме да рапортирам за штотуку завршената пракса во дипломатско-конзуларно претставништво во странство и да разговараме за следните чекори во можна дипломатска кариера и идни планови. Беше протоколарна средба каква што имале и други пратиканти и практикантки. Нешто помлад од мојот татко, се сетив на нашиот разговор, само неколку минути пред тоа, кога тој приспомнуваше: „Се познавав со татко ти... мојот, пак, беше пријател со дедо ти Ацо“.

Толку беше провидна лажната доверба што ја градеше. Штотуку наполнив 22 години. Ниту една од повозрасните жени со кои го споделив настанот не ме охрабри во одлуката да се соочам со него и да го пријавам. Сепак му пишав мејл, да му соопштам дека одбивам каква било работа, понатамошен контакт и соработка. Во мејлот искажав протест за случката: „Ако дознаам дека ова се случило на некоја друга девојка, ќе направам сè што можам да се обзнани твојата злоупотреба, меѓу другото и на јавна функција“. Тогаш за толку имав снага, #сегакажувам #tanitregoj!!!

Цртежи: GRACE HEEJUNG KIM

Слични содржини

Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Став

ОкоБоли главаВицФото