Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (4)

30.01.2018 14:44
Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (4)

3.5 За расизмот

За да се остварат големи профити во држава со константно производство, не би смеело да постојат флуктуации или појава на отпор во сферата на трудот. Со други зборови: не смее да има пазар на работна сила. Наместо тоа, во националсоцијализмот се зголемувала количината труд и, во согласност со тоа, исто така морало да се прошири поделбата на трудот. Меѓутоа, нејзиното проширување не се сведувало само на проширување во рамки на постоечките институционализирани облици на општествената поделба на трудот ниту се сведувало на употребата на принуда во нив. Тоа претставувало и експанзија на принудата односно реактивација на робовскиот облик на работна сила. Нејзиното насилно спроведување бара структурни објаснувања за феноменот кој инаку често се ставал во втор план – расизмот. Наспроти оние кои веруваат дека расизмот е само идеолошки додаток за комплексноста на германскиот фашизам, треба да се каже и дека тој одиграл клучна и структурна улога во поделбата на трудот, и дека затоа зазема и важно место во политичката економија на фашизмот. Оние автори кои го нагласуваат постоењето на полна вработеност во фашизмот – како Полок – често не успеваат да го објаснат квалитетот и структурата на оваа „полна вработеност“: фактот дека и германската работна сила и робовските работници, „пониските раси“, биле потиснати во политичката економија на фашизмот. Германскиот работник, кој бил далеку од тоа да има социјална или економска сигурност, работел на фиксирано работно место и со фиксна плата, што генерално го направило неважен како во сферата на политиката така и во сферата на економијата. Во исто време, не-германската работна сила, составена од разни „Untermenschen“, под-луѓе, наместо додаток во поделбата на трудот во националсоцијализмот, впрочем во него играла клучна улога. Според Видаковиќ, една од препознатливите карактеристики на економијата на националсоцијализмот била општата диференцијација на наемната работа, која имала за цел да го интензивира генерирањето на вишок вредност1. Ова вклучувало укинување на компетитивните елементи на наемната работа и воведување систем како кастата кој ги категоризира работниците во категории според нивните правни, политички и расни карактеристики. Со тоа се отворило полето на директната принуда и потполната експлоатација на трудот, наемен или ненаемен. Иако не се применувало само заради тоа, насилството што следело имало важна улога: тоа може да се посматра како сила за диференцијација, инструмент кој бил поволен за имплементирање на принципот за разликување и спроведување на категориите на трудот создадени на нејзина основа во практиката; накратко, насилството било инструмент со кој се обезбедувал работниот процес додека во исто време субјектите на трудот директно се дисциплинирале со него2.

3.6 Помеѓу економското и не-економското

Меѓутоа, не е случајно ни тоа што некои автори го отфрлаат расизмот како составен дел на економијата на националсоцијализмот: влоговите се многу поголеми отколку што може да се забележи на прв поглед. Имено, аргументите за полната вработеност кои го искучуваат расизмот од економијата подразбираат редуцирање на политичката економија на фашизмот на категории на пазарна економија која ја модификувал токму фашизмот. Vice versa, таквата редукција спречува каква било анализа на исти случаи во современите економии денес.

Прашањето до кое доаѓаме овде најдобро може да се види во текстот на Кристоф Бухајм и Јонас Шренер за приватната сопственост во националсоцијализмот3, кој го споменавме на почетокот од текстов. Со разгледување на разните функции на приватната сопственост во нацистичка Германија и развојот на нејзината државна политика, Бухајм и Шренер дошле до интересен заклучок:

„Во економската мисла станува збор за економските актери чии акции го одредуваат економскиот развој и промислувањето на институциите кои ќе ги поттикнат на тоа. Во тој контекст не-економските карактеристики на актерите како националноста, расата, верувањата итн., во голема мера се неважни. Но, тоа дефинитивно не бил случај во нацистичката економија... Според тоа, главната разлика помеѓу нацистичката воена економија и западните воени економии (war-related economies) во тој период може да се забележи само со анализа која ја надминува економијата“4.

Овој заклучок е интересен од две причини: 1) повлекува јасна разлика помеѓу економското и не-економското како Полок. Како што ќе видиме, ова впрочем ги истакнува сите проблеми кои произлегуваат од концептуалното прифаќање на поделбите помеѓу сферата на економијата и политиката, зашто одредени облици на економско однесување затоа мораат да се појават како „не-економски“, на пример, оние кои не можат да се сведат на позитивистичкото објаснување на математизираните економски односи или, поинаку кажано, една од современите форми на нивната фетишизација. Таквата поделба најпосле не може да ги опфати ниту објасни самите економски политики кои навистина биле мошне присутни и во националсоцијализмот и во современата неолиберална економија5. Меѓутоа, 2) за разлика од Полок, тие признаваат дека факторите кои инаку се сметаат за „не-економски“ навистина одиграле клучна улога кај оние кои се сметаат за „економски“ и дека она што е потребно, впрочем е „анализа која ја надминува економијата“. Иако, ова е исчекор во однос на Полок, тука под називот „економија“ и натаму се подразбира позитивистичката наука која не ги зема предвид биолошките или правните аспекти на самата економија, иако, впрочем, тие отсекогаш се дел од секоја економска одлука – манипулирањето со расизмот, националностите, доделувањето или одземањето државјанства, итн. Тие прашања не можат да се постават со обично повлекување аналогии помеѓу неолиберализмот и фашизмот ниту кој било друг систем, ниту можат да се објаснат од аспект на фетишизацијата на економскиот позитивизам. Најпосле, ако овие прашања се изостават од анализата на политичката економија на фашизмот, тогаш што ни останува од нејзината критика? Или, што е исто, ако овие нејзини аспекти само едноставно се набројат без вложување во нивните внатрешни односи, тогаш како да се објасни нивната структурна врска, доколку таа повторно се воспостави денес? Тука не станува збор за придружен пропуст, туку за аналитичко слепило, а со тоа – и политичка немоќ.

3.7 Тенденциите на Кинл

Секако, на ова може да му се контрира и тоа во две точки: прво, повторуваме, специфичниот поредок на нештата во политичката економија на германскиот националсоцијализам не смееме да го третираме како изолиран случај кој само аналогно го достигнува евопскиот неолиберализам. Фактот дека некои аспекти на националсоцијализмот можеби имаат либерален двојник не ни зборува ништо за позицијата што ја имаат во различните процеси карактеристични и за политичко-економскиот поредок на националсоцијализмот и за либерализмот. Промените во улогата на државјанствата, масовната политика на општа диференцијација на „народите“, прашањето кој воопшто може да учествува во економијата итн, се само некои од резултатите што можат да се видат и во поновите варијанти на современиот либерализам: процесите кои доведоа до такви резултати ниту се родени ниту умрени во рамки на националсоцијализмот. Преку нивното комбинирање во националсоцијализмот повеќе се обликувале начините врз чија основа е формирана неолибералната мисла, што самото по себе – со текот на времето – постепено го одредувало внатрешниот тек на повоената европска формација. Затоа, која било анализа на овие процеси не би требало да се сведе на позитивистичката мисла туку повеќе да бара начин да ги вклучи овие феномени во својот пристап. Дури кога ќе ги отфрлиме позитивистичките рамки можеме да почнеме да ги забележуваме паралелните тенденции кои ги поврзуваат фашизмот и неолиберализмот.

Второ: Според тоа, она што е потребно да се објасни е како се создале овие тенденции. Тука само ќе ја споменам едноставната, но ефективна теза која ја развил Рајнхард Кинл: се однесува токму на диференцијацијата и создавањето на гореспоменатите тенденции. Секако, клучот е во самите либерални општества, но на мошне специфичен начин. Според него, во либералните теории и постоечките граѓански општества се наоѓа фундаменталната „поделба на моќта“ помеѓу „народот“ во сферата на политиката и „претприемачите“ во сферата на економијата. Од оваа поделба на политичкиот суверенитет на народот и нивното економско претприемништво се јавува противречен облик на власт: демократија без социјална основа (преку ограничување на економската моќ на пониските класи) под социјалното владеење на политички несигурните повисоки класи6. Начините на кои се решава оваа противречност во кризни времиња ќе влијае на тоа кои тенденции својствени на оваа противречност можат да се развијат. Едноставно кажано, со тоа е обезбедено плодно тло од кое можат да се развијат специфични облици на владеење. Според Кинл, тоа се:

-Социјална држава: се состои од државни интервенции и насоки, без укинување на приватната сопственост, систем во кој се сочувани двата елементи на противречностите;

-Социјализам: експанзија на демократијата во сите сфери на општеството со што моќта за управување со трудот, производството и заедничките добра се преместува од велот на приватната сопственост и му се става на располагање на народот;

-Фашизам: се состои од укинување на демократијата во сферата на конституцијата на политичката волја, особено тогаш кога политичката демократија почнува да се проширува во социјална.

Иако, овој опис може да делува шематизирано, она што е важно е што тој ги опишува овие тенденции според нивните меѓусебно исклучиви решенија за противречностите на граѓанското општество. Потоа, решенијата на овие противречности во различни облици владеење создаваат резултати и во сферата на политичкото и во сферата на економското, не и покрај, туку токму заради нивната поделба во граѓанските општества. Имено, додека социјализмот тежнее да ја укине институцијата на приватната сопственост и капиталистичките односи на производство, фашизмот, како што видовме – и со тоа ја завршувам критиката на Полок – не само што ги чува, туку впрочем ги интензивира надвор од нивните сопствени ограничувања во граѓанското општество, истовремено присвојувајќи огромен дел од општествениот производ за себе. Во таа смисла, националсоцијализмот претставувал верен чувар на сопственоста, а не нејзин уништувач.

***

„Критиката“ на политичката економија на германскиот националсоцијализам ни овозможува неколку заклучоци кои им противречат на митовите кои се однесуваат на напредокот на фашизмот, а постојат сè уште: 1) тој не се појавил самиот од себе во вид на „зло“ туѓо за Европа – како и другите фашизми, националсоцијализмот бил еден од израстоците кој се развил од внатрешните противречности на граѓанското општество и „поделбите“ во рамки на либералните облици на владеење; 2) иако не се случил сам од себе, тој развил сопствена автономија во однос на фракциите на владејачките класи како и во однос на масите – според истиот принцип, иако се појавил како специфичен облик на „вонредна состојба“, германскиот националсоцијализам не може да се сведе на „постојана вонредна состојба“, германскиот националсоцијализам не може да се сведе на „постојана вонредна состојба“ („permanent state of exception“) – туку овој процес повеќе 3) резултирал така што самиот фашизам станал облик на владеење, со што целосно ја остварил тенденцијата на инхерентна противречност од која се развил: додека бил на сила, тој не ја укинувал приватната сопственост ниту приватното остварување профит, туку наместо тоа 4) ги проширил нивните можности далеку над она што можело да биде можно во laissez-faire економијата што му претходела; и 5) користејќи го она што погрешно се означувало како „вон-економски“ мерки: го подредил целото наследство на политичкиот либерализам и работничките борби – накратко, човековите права и законите за труд – на барањата на таквата економија преку расизмот и насилството кои биле со јасна структурна природа и се наоѓале на онаа страна од легалноста/нелегалноста. Неговата превентивна негација на можностите за отпор на наемната работа и неговата употреба на власта над животот и смртта биле воедно последици и предузлоци за конкретна реализација на таквиот систем: далеку од тоа дека биле „вон-економски“, тие впрочем во голем дел ги претставувале деловите на внатрешните противречности на граѓанското општество, а кои – во кризни времиња – можеле и воделе кон нивна трансформација во други облици на владеење. Секоја анализа која сака да го допре прашањето за односите на либерализмот, фашизмот и развојот на неолиберализмот во 20 век, мора да ги препознае таквите односи не како надворешни додатоци, туку како внатрешни процеси на нивната формација. Како и зошто тие се исклучени или вклучени во овие системи зависи од квалитетот и обемот во кој се поништуваат или одржуваат противречностите на граѓанското општество од кое потекнале. Исто така, ова е одговор на прашањето дали постои „златен пресек“ на фашизмот одвоен од односите на производството кои тој ги подразбира: како таков, не може да постои посебно. Нема „златен пресек“ на фашизмот дотолку што самиот фашизам може да се претстави како конфигурација на „златниот пресек“ на капитализмот или – како што тврди Видаковиќ – впрочем, негова хипер-реализација, остварена преку интензивирање на неговите противречни тензии.

Исто така, германскиот случај е значаен зашто претставува најдлабока промена во таквите односи која е неспоредлива другаде. Постои поголема дистанца помеѓу италијанскиот фашизам, португалскиот саларизам, шпанскиот франкоизам итн., и германскиот националсоцијализам, отколку помеѓу самиот националсоцијализам и неговите капиталистички варијации – само преку динамично спроведување на нивниот нестабилен однос националсоцијализмот успеал да се воспостави истовремено како облик на владеење и како средство за ширење други фашизми преку сопствениот капиталистички облик. Таквото средство и таквото владеење се воделе не само од структурните детерминанти или идеологии, туку и од процесите на приватизација и штедење кои се насочувале не само кон „пониските народи“, туку пред сè, кон сопствениот Volk.

__________________________________________________

[1] Zoran Vidaković, Stari i novi fašizam, Komunist, Beograd, 1976, стр. 100 па потоа 147

[2] Кинл има малку поинаква, но важна варијанта на аргументот: според него, фашизмот исто така го карактеризирала ирационалноста која не можела да се сведе на категоријата интерес: затоа испраќањето на Евреите и Ромите во концентрациони логори само се совпаднало со интересите на капиталот. Никаква конвенционална сметка или „државна причина“ не можела да објасни зошто една земја, која губела во војната на два фронта и на која очајнички ѝ требала повеќе работа сила, во таа ситуација брзала да ги насочи своите преостанати воени ресурси – возовите, пушките и муницијата – кон истребување на европските Евреи. (стр. 177). Ова нè доведува до важното прашање за несведување на насилството на инструментално ниво во служба на крупниот капитал. На ниво на политичкото, Кинл го споменува ова неколку пати кога зборува за либералните облици владеење кои исто така го користат насилството, но само кога е потребно да се загуши отпорот, и никогаш не го користат однапред. Меѓутоа, целата смисла на опишувањето на политичката економија на националсоцијализмот е да се опишат нејзините контрадикции кои се нераздвојни во нормалното функционирање на самиот национален социјализам, без оглед на реализацијата на нивните екстреми. Со други зборови, нема ништо „ирационално“ во оваа ирационалност која би му била туѓа на фашизмот, и за возврат, и на европските капиталистички општества воопшто.

[3] Christoph Buchheim & Jonas Scherner, ”The Role Of Private Property in the Nazi Economy”, The Journal of Economic History, Vol. 66 (2): 290-416 (2006). Оригиналот е достапен на: http://aryanism.net/downloads/books/buchheim-scherner/the-role-ofprivate-property-in-the-nazi-economy.pdf

[4] Ibid., стр. 412.

[5] Аналошкиот пристап на Ишај Ланда е еден таков пример зашто токму тука ги октрива своите граници. Со критикување на истиот тој заклучок кој го донеле Бухајм и Шренер, тој тврди: „Имено: во строго економска смисла, нацистите биле банални. Иако, авторите се економски историчари, изгледа дека се несвесни за обемот во кој, исто така во посебна економска смисла, нацистите не биле сосема хетеродоксни, и дека нивниот биолишки расизам го споделувале многумина, особено на западот, во Франција, во САД и Англија, дури иако нацистите самите ги развиле таквите идеи до морничави заклучоци без преседан.“ Потоа, тој продолжува со едноставно повлекување аналогии помеѓу либералните расистички автори и нацистичките автори, што на крајот ја промашува мошне важната поента на Бухајм и Шренер која бара сосема поинаков пристап.

[6] Reinhard Kühnl, Oblici građanske vladavine : liberalizam – fašizam, Izdavački centar Komunist, Beograd, 1978, стр. 91.

 

(продолжува)



Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел


 

Слики: Готфрид Хелвајн
Превод: Алек Кузмановски

ОкоБоли главаВицФото