Што правел Артур Рембо откако се откажал од (својата) поезија

02.02.2018 02:50
Што правел Артур Рембо откако се откажал од (својата) поезија

Артур Рембо

Еден од највлијателните и секако најконтроверзни фигури на француската книжевност од времето на симболизмот, Артур Рембо, станал вечно олицетворение на „проколнат поет“, во изразено декадентната втора половина на 19 век.

Наречен enfant terrible на книжевната сцена, младиот поет успеал своите ремек дела да ги напише до својата 18 година од животот. Рембо го сметале за една од силите на природата – а, тој воопшто не се грижел за конвенциите од своето време, што била особина која му донела многу непријатели. Неговата љубовна афера со уште еден француски поет од тој период, Пол Верлен, во најмала рака била турбулентна. Врската завршила мошне насилно – Верлен во Брисел пукал со пиштол во Рембо и го ранил. Но, сите овие епизоди и тоа како ѝ се познати на пошироката јавност. Мистериозниот период на животната авантура на поетот почнува после споменатиот инцидент, кој се одиграл во Белгија 1873 година. Верлен завршил во затвор заради ранувањето на Рембо, додека Рембо се вратил дома за да го напише своето единствено прозно дело Престој во пеколот, кое во голема мера влијаело на модернистичките писатели од 20 век.

Во 1875 година, бунтовниот 21 годишник кој ја извртел париската книжевна сцена наопаку, се одлучил за радикален пресврт во својот живот и објавил дека засекогаш завршил со пишувањето. Бидејќи одредено време поминал во Европа, практично препешачувајќи ја, се качил на брод кој пловел за тогашната Источна Холандска Индија (денес република Индонезија), каде се пријавил да биде платеник во колонијалната војска. Строгиот војнички живот бил далеку од идеалите на чувствителниот поет, па затоа решил да се откаже после само 13 дена служба. Некако успеал да избега од џунглата Суматра, под постојана опасност да биде стрелан заради своето дезертерство, за повторно да се качи на брод кој одел назад кон неговата татковина.

Од Франција, тргнал за Хамбург, каде добил работа како благајник во циркус. Бегал постојано; како демоните да го спречувале предолго да остане на едно место. Потоа се преселил на Кипар, каде бил надзорник на градилиште. Во Ларнаки, град на југоистокот од Кипар, се разболел од тифус, па отпатувал назад за Франција, за да закрепне. Но, повторно не се задржувал. Копнеел по нови авантури. Африка го повикувала на југ – мистериозната и оддалечена земја која им ветува големи богатства на оние кои се одважни.

Рембо некако успеал да се пикне во бизнисот со кафе во Етиопија, и бидејќи се покажал талентиран за трговија, бил поставен на чело на караванот кој одел за речиси митскиот, град тврдина Харар. Наскоро станал независен трговец кој, покрај кафето, неколкупати тргувал и со оружје со локалните бандити и овчари. Харар бил трговски рај во Етиопија, пред денешната престолнина Адис Абеба да го преземе водството на тоа поле, кон крајот на 19 век. Харар важел и за место на кое првпат било одгледано култивираното растение кафе. Трговијата со кафе била профитабилна, но ѝ недостасувала авантура, она што го барал Рембо. Понатаму, патот го одвел на исток, на брегот на Црвеното море.

Рембо во Хараре, 1883 година.

Дури многу години подоцна се открило дека поетот се занимавал со опскурни работи како шверц со оружје за некои локални племенски главатари. Во 1885 година ѝ пишал на својата мајка, жалејќи се за својата ситуација, но истовремено откривајќи ја и својата најнова деловна шема. Етиопија во тоа време била во мошне турбулентен период. Египет под Исмаил Паша постојано се заканувал да се прошири на сметка на етиопската територија, додека Британците и Французите го покажувале својот интерес за оваа земја на рогот на Африка. Покрај сето тоа, растечката колонијална сила – Италија – сè повеќе ги изразувала своите желби за империјалистички походи.

Со оружјето можело да се оствари голема заработка и Рембо го знаел тоа. Затоа набавил 2 000 пушки од Европа, со околу 60 000 патрони, надевајќи се дека ќе ги продаде за петпати поголема цена од набавната. Потоа, поетот тргнал на пат со двајца партнери за да го продаде оружјето во градот Ентото, во близина на денешната престолнина Адис Абеба. Направил договор со Менелик Втори, кралот на Шое, едно од најмоќните етопски кралства, кој наскоро ќе дојде на власт како цар на Етиопија, способен успешно да ја одбрани својата земја од сите напаѓачи. Од друга страна, Рембо немал среќна рака. Целиот бизнис се претворил во фијаско – двајцата негови партнери умреле, а продажбата се одложила на 11 месеци, кои поетот ги поминал во самотија, во Џибути, чекајќи дозвола за транспорт на оружјето, надевајќи се на финансиски надомест кој ќе го изведе од мизерната позиција.

После 4 месеци опасни патувања низ подмолните источноафрикански пустини, најпосле стигнал до градот Ентото, за таму да го дочекаат доверителите на неговите покојни партнери кои барале дел од профитот за себе. Рембо бил очаен. Доверителите му ја зеле заработката, оставајќи го речиси без ништо. На крајот на оваа несреќна зделка, напишал:

Од зделкава излегов со 60 проценти загуба од сопствениот капитал, а и да не ги споменувам 21 месец ужасните напори потрошени на ликвидација на оваа несреќена афера.

Потоа, во 1888 година се вратил во Харар, каде бил сакан и почитуван од градоначалникот Рас Маконен Волде Микаел, чиј син Тафари ќе стане Хајле Селасие, цар на Етиопија. Артур Рембо бил еден од ретките странци кој уживал таква почит и доверба во источна Африка. Бил првиот Европеец кој некогаш бил задолжен за надгледување на извозот на кафе од Харар, и третиот што некогаш влегол во тој град.

Во 1891 година, поетот кој рекол дека не му е гајле за неговата поезија, умрел без скршена пара во Марсеј, откако заради рак на коските останал без нозете. Во последните денови од својот живот, се обидел да се врати во Африка, но неговото здравје продолжило да пропаѓа и наскоро го стигнала смртта.

Тогаш Артур Рембо имал само 37 години, но историјата ја променил 16 години претходно, кога неговата поезија добила многу следбеници, додека тој бил остусен од Франција. Денес се смета за еден од најголемите автори на модерната книжевност – некој што само блеснал на овој свет и кому должиме многу заради сите негови достигнувања.

Извор: http://www.glif.rs

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото