Зошто нема да го потпишам писмото на Билјана Ванковска

19.02.2018 02:04
Зошто нема да го потпишам писмото на Билјана Ванковска

Прво и основно, зашто се заснова на класична емоционална уцена и суптилно ја провлекува реториката на „патриоти“ и „предавници“. Демек потпишаните се единствени што се загрижени за преговорите, а оние што ги поддржуваат преговорите се автоматски „предавници“.

Второ, затоа што во писмото подло се подметнуваат невистини меѓу вистините (набројаните факти), за да се протне нечија агенда што со право и во самото писмо се нарекува антизападна. Велат, сакаат да нѐ замолчат со етикети од типот на „националисти, реакционерни елементи и антизападно ориентирани кругови“. Класична замка во која со наводна нивна виктимизација се протнуваат токму такви ставови-реакционерни, националистички и антизападни.

Но, со ред:

Точките 1) и 2) се набројување историски настани (со одредени слободни квалификации и толкување такви настани, посебно под точка 2) каде што се вели дека „поради слабоста на државата, неспособната дипломатија и плашливото и субмисивно државно водство, разговорите прераснаа во преговори“. Ова е слободно толкување на настаните околу приемот во ОН и не е фактичка состојба. Тука веќе се наѕира мотивот на авторката (ајде нека се и автори) на писмото. Го заговара ставот дека не морало тогаш да влеземе во ОН под привремената референца, што е игнорирање на историските настани од тоа време и воопшто фактот дека постои спор и блокада од Грција.

3) Одлучувањето за тоа прашање излегувало од рамките на Уставот и никој немал уставно овластување да одлучува за промена на името. Ова е класична манипулација со описот на ситуацијата бидејќи како и резолуцијата на ОН од 1993, така и Времената спогодба нѐ обврзува да најдеме решение за името со Грција преку посредство на ОН. Дали тие ќе се наречат разговори или преговори воопшто не е битно. Суштината е дека сме обрзани да разговараме/преговараме и да најдеме решение (инаку на англиски јазик именката во множина „talks“ се преведува како преговори или разговори).

4) Фактот дека нѐ признале 137 држави досега не убеди ниту една меѓународна организација дека спорот со името е решен. Без меѓусебен договор, на што сме обрзани, не може спорот да се реши на друг начин (засега).

1. Бадинтеровиот извештај денес е историски документ, а во изминатите две децении многупати бил користен за да се докаже апсурдноста на грчките барања, но правно веќе нема сила и очигледно е дека ниту една од меѓународните организации не го зема предвид.

2. Писмото ја обвинува владата и преговарачите дека се однесувале како виновници и дека признавале иредентизам (претпоставувам поради чекорот да се преименуваат аеродромот и автопатот), а ги игнорира фактите на „антиквизацијата“, нешто што можеби не е формално прекршување на Времената спогодба (како што и самиот Суд во Хаг пресудил), но е јасна и видлива провокација кон Грција и создавачите на таа политика секако можеле да ја претпостават реакцијата на Грција и меѓународната заедница, со оглед дека еднаш веќе сме се согласиле да не се однесуваме на тој начин (барем не тоа да биде државен проект).

3. „Кој ве овластил да преговарате за името и идентитетот?“ Со оглед дека не знаеме точно што би содржел тој договор, ваквиот исказ е исто така подло подметнување.

4. „Зошто вршите притисок врз јавноста дека е ова историски миг за влез во НАТО...“ И ова е подметнување со оглед дека влезот во НАТО е директно врзан за решение на спорот со името. Досега никој не успеал, па ни Судот во Хаг, да ја промени таа одлука на НАТО. Предочување на реалните состојби не е притисок на јавноста.

5. „...Вие политичарите и од власта и од опозицијата се обидувате да задушите секаква суштинска дебата и да избегнете отчет пред граѓаните за чиј идентитет преговарате...“ Повторно подла манипулација, бидејќи прашањето се дебатира во јавноста најмалку 25 години, а со оваа точка авторката или авторите на писмото бараат преговорите кои се водат во моментот да бидат претставени пред јавноста, тоа да предизвика можност за мобилизација на секакви радикални групи и да се спречи евентуално решение. Освен што е подметнување, тоа е играње и со чувствата на луѓето и опасно. Всушност, авторката или авторите бара(ат) нашата власт да се однесува исто како и грчката власт во јавноста, со што вината за евентуалното нерешавање на спорот ќе биде и на двете страни. Никој не гарантира дека сега ќе се реши спорот, но одговорното однесување подразбира да се даде сѐ од себе за спорот да се реши и да има јасен виновник ако тој и овојпат не се реши.

Потоа, писмото продолжува да манипулира на начин што слободни толкувања на настани, лични политички погледи и убедувања се обидува да ги претстави како неспорни факти.

Повик на „интелектуалци“ од типот „сплотете ја нацијата“ не е повик за свесно и совесно размислување и одлучување на секој поединец во таа заедница. Напротив, тоа е повик чија цел е да создаде психоза, страв од пропаст поради „предавството“ што наводно ќе се случи, и слично. Слични повици имаа интелектуалци од национални академии во соседството и многу добро знаеме каков е ефектот на тие повици.

Ете, токму затоа нема да го потпишам писмото на Ванковска (и останатите).


Слики: Francesco Vullo