Американдрим

30.03.2018 13:24
Американдрим

Воздушно пристаниште. Јо, добро звучи, убо. Неговиот авион, неговиот реоплан, ќе исплови од воздушно пристаниште. Сплит – Лондон – Лос Ангелес.

Целиот живот сонува како заминува низ пучината со стариот пароброд кој ги вози скитниците на запад. Сонува дека Рекс пристанува до боковите на неговиот остров и го одвезува со музика за танц од палубата. Дека е Шејн, дека е Елвис, дека е њујоршки таксист, дека има банана пред белата куќа на Флорида и мала пустина во Тексас. Дека ќе ја најде својата висока црнкиња со големи бели заби. Онакви заби за какви што раскажуваше вујче Ник кога се врати на островот од Америка, каде што го пратија да научи да поправа и авионски мотори.

– У Америка – рече – сите имаат заби. Големи, ко бисер бели заби!

Беше тоа 1950-та, па Прошперовиот десетти роденден. Вујче донесе бела маица врз американско знаме и лименка Кока-кола.

– Тоа ти е, мај литл, американдрим!

Лименка! Единствената лименка во местото сè додека неколку години подоцна некој не донесе жолта од Швепс, од Трст. Ама тоа не беше американски сон.

 

А од утре сè ќе биде потполно поинаку. Веќе утре ќе ја види својата Били Џин, својата убава црнкиња со бели заби која ја запозна преку интернет.

 

На жичената клупичка наспроти него седи младич, со раста, во широки панталони, со слушалки на ушите. Прелистува некое списание и потсмешливо го погледнува.

Весниците се за сè криви и телевизијата со таа, таа... пропаганда! Светот се срами од Америка, тој чувствува дека светот се срами од неговата духовна татковина, но тој е верен и солидарен! Proud to be American – е отпечатено на неговата припиена спортска маица и сите попреку го гледаат, сега тоа веќе навистина го чувствува. Го вовлекува стомакот. Од задниот џеб на панталоните вади чешле за да ги замазни оние неколку влакна кои му стрчеа под шапката, а и да ги вработи рацете.

Нешто не е в ред.

Типчето со раста-фризура сега веќе отворено го предизвикува, зјапа во него. Му ја покажува насловната од списанието кое пред малку го прелистуваше. На нејзе фотографија на некој човек, мршав, негов врсник. Човекот има ширум зјапната уста. Тој човек, според облеката, е некој Арап и тој плаче. Не се гледа зошто плаче. Нема здробени, мртви тела, како што инаку има на воените слики. Не се фрла никаква старица во прашината по загинатите синови, ниту детенце плаче по мртвата мајка. Тоа е фотографија на еден маж, има црвено-бел шал околу вратот и тој тука седи и така плаче, со широко отворена уста.

Прошперо го одврати погледот од младичот, зјапајќи во авионите кои слетуваа на пистата.

Август е и луѓето се уморни од горештината. Тоа е сè, десетина денови лето, сонот е готов, утре сите овие туристи пак ќе ги навијат будилниците.

Сите освен него. Тој ќе полета кон својот сон, во меката и темна прегратка на сонот. Тој, Американец по душа, воспитание и поглед на свет, ќе ја открие Америка.

Би сакал нешто да му рече на оној бушавиот, ама веќе го нема, знае тој сè за Америка и сè за тероризмот. Може да му објасни. Ама типот некаде отшета со слушалки на ушите, веќе е далеку, се врти и му го покажува средниот прст. Гомнар низаеден! На местото на кое седеше остана она списание со очајникот на насловната. Некого сигурно загубил. Тој на насловната.

 

Веќе ги повикуваат за лондонскиот лет. Прошперо ја голтна плунката и ја симна белата шапка. Со црвено шамиче ја избриша потта од челото. Патниците ги вадат пасошите и уредно го напуштаат ова делче од светот. Последен повик за Лондон.

Одејќи кон излезот, скришум, го фрли списанието на момчето во корпа за ѓубре. Се стресе како да избегнал гадна опасност. Па се обиде да се насмее мислејќи пак на Били Џин, која веројатно веќе смислува што ли ќе му зготви за вечера таму во Лос Ангелес. Сочен хамбургер и помфрит со кечап? Пченка и котлети? Вафли со сладок сируп за појадок – тоа отсекогаш сакал да го проба. Секој ден за десерт – пита!

 

На самиот излез пак се смрачи, на нешто ко да се сети... Одеднаш снеможе и се спушти на клупата од жица: зарем не би било повеќе американски кога сега би останал во воздушното пристаниште и би оставил авионот да му одлета...

– Господине, дали Ви е добро?! Сè е в ред? Господине?! – загрижено го викаше младата земјена стјуардеса руса како ангел.

... А тој долго да го следи со насолзен поглед како во холивудските филмови.

Превод: Игор Исаковски
Слики: Jasper Johns
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.


 

ОкоБоли главаВицФото