Роб

01.08.2018 16:32
Роб

 Даниел, човекот кој после стана мој роб, го запознав една вечер во супермаркетот.

Брзав од работа да стигнам пред затворањето на дуќанот.

Требаше да купам вино и моцарела за вечера, сладолед од лешници. Не очекував никого, планирав да вечерам сама на терасата и да изгледам филм, после.

Продавницата беше празна, касиерката ја заклучи вратата после моето влегување.

 


Чучеше на дното од ходникот, помеѓу полиците со алкохолни пијалаци од едната и кисел зеленчук од другата страна. Не ме виде веднаш, беше презафатен со обидот во ранецот да спика литар вотка и голема тегла со пиперки.

– Ве молам, побрзајте, веќе помина девет! Не мислиме цела ноќ да останеме?! – протестираше малата шилеста касиерка.

Тогаш ме забележа и остана вкопан. Јас се насмеав.

– Дојдете со мене! – реков. И тој тргна зад мене кон касата. Јас платив: и вотката и пиперките. Не беше вечера каква што планирав, но имав друштво.

 


Кога бев помлада, ги замислував можните исходи од ситуациите во кои жена заминува со непознат. Таа не заминува поради секс, заминува за да види што ќе случи понатаму. Во стварноста – жената речиси никогаш не заминува со непознат кој ја кани кај себе во ауто, стан, канцеларија, на пијачка во бар.

Еднаш, пред неколку години, пред Универзитетската библиотека замолив непознат маж да ми запали цигара. На неговата запалка пишуваше дека е многу добар ебач. Потоа многу добриот ебач ме праша дали сум прочитала што пишува на неговата запалка. Во тој миг помислив на сценариото кое можеби се одигрува во неговата глава: ммм, ајде да провериме, велам, одиме кај него во стан и паѓа дупење. Не, не верувам дека на тоа се надева. Сепак, замислувам како кажувам: ммм, ајде да провериме. Тој е во неверица, се смешка збунето, но бргу се одмрзнува, фаќа залет, ја прифаќа сопствената понуда или нешто измислува, збунет е, баш сега нема каде – што е помалку веројатна, но можна варијанта на развојот на настаните. Во стварноста велам: да, да, прочитав; ја враќам запалката, се вртам и влегувам во предворјето на библиотеката. Не мислам дека е луд или манијак. Не сум преплашена, навредена, по малку ми е смешно. И е смешно. Нормално, сето тоа е нормално. Сосем нормален кретен.

 

Работам добро платена работа во фирма која се занимава со увоз и има синџир познати продавници. Понекогаш работам цел ден, шефовите ме ценат и бргу напредувам.

Даниел никогаш не работел, главно е дома, ретко излегува, најчесто до продавница по продукти за ручек. Готви, чисти, пегла, ги храни мачките, ја уредува градината. Му купувам трева и цигари, двапати годишно облека. Првите месеци не сакав да јаде со мене, обично се хранеше со сендвичи или со остатоците од мојот ручек. После, најмногу од досада, го викнав на маса.

Имаше семејство некаде на море, им украл некаква заштеда, тиквар; јасно дека не сакаат да го видат. Накусо, кај мене му беше најдобро.

 


Во средите, а понекогаш и во викендите, доаѓам во неговото сопче, го јавнувам и, после играта, одам во својата соба на спиење.

 


Ретко доведував други мажи. Сè додека не го запознав Иги. Но, ни тоа не траеше предолго. Не сум тип за долги врски. Еве како пукна.

Тој ден околу пет попладне му се јавив на Даниел од работа и му реков што да зготви за вечера:

– Имаме посебен гостин.

– Сакате да кажете дека имаме посебен гостин?

– Тоа не е твоја работа. Излади вино и смени ја постелнината.

Околу десет, Игор и јас втрчавме во станот.

Даниел со згрчено лице и со крпа во раката стоеше среде трпезаријата:

– Сè се олади.

– Нема врска, ние веќе јадевме. И пиевме! – го повлеков Иги за рака кон спалната соба.

– Хаха, Исушениот не е расположен. Па како си денеска, Исушен?! – мојот вечерашен дечко поднапиено се клештеше гледајќи во Даниел.

– Еби се, шминкеру! – промрчи Даниел и ја спушти главата.

Со сета сила го плеснав по устата. Плукна крв и веднаш почна да ги брише плочките.

Игор се доближи до вратата:

– Еј, ебате, ова е болно, тој твој роб, откачи го... е, ако стварно, ако сакаш да бидеш со мене, откачи го...

– Ма што зборуваш, Игоре? Таму ти е вратата ако не ти се допаѓа – слободен човек си, чао!

– Чао?!

– Уште си тука?! Даниел, кога ќе го избришеш подот, испрати го гостинот, а потоа однеси го тоа вино во мојата соба!


Даниел е моја сопственост. Не може секако да се постапува со Даниел. Кој го навредува него, ме навредува и мене. Ние сме како некаков чуден брачен пар. Даниел ми е како сопруга.

Кога сакаше да се вработи во кафе бар, јас му реков:

– Даниел, бејби, тоа нам не ни треба. Ако баш сакаш нешто да работиш, можеш да ми помагаш околу документите за фирмата или запиши курс за странски јазик.

Освен тоа, нема да трпам да смрдиш на чад и пиво и околу тебе да се вртат клинки.

 

Тоа повеќе не го спомнувавме.

 

Понекогаш замислував дека на Даниел некоја клинка му пали цигара, а на запалката ѝ пишува: фантастично пушам. Потоа, нишајќи со рамениците, го прашува Даниел дали прочитал што пишува на нејзината запалка. Ги замислувам исходите од таквата ситуација. Можам да замислам два. Во едниот му пуши таа и тука е можниот почеток на крајот на неговото ропство. Во вториот случај му пушам јас, откако тој ќе ми ја раскаже епизодата во која ја одбил девојката. Му пушам жалосно, да го задржам. Го плаќам и тука исто така почнува крајот на нашиот среќен робовладетелски однос.

Во реалноста, клинките со таков натпис на запалката се исто толку ретки како и жените кои заминуваат со непознати кои запалуваат со слоганот добар ебач. Теоретската можност такво нешто да се случи сепак постои и апсолутно е вон моја моќ. Затоа му забранив на Даниел да излегува од станот без мене. Не баш со тие зборови, молчешкум му дадов на знаење дека тоа ни малку не ми се допаѓа. Беше доволно.

 

Во овие шест години почна да личи на мојата мајка; порано беше сув, би можело да се рече дури и згоден, сега е некако лошо здебелен, отромавен, колковите му се заоблија, косата му се проретчи, стомакот му претекува преку работ од панталоните, а ножињата му останаа тенки, прошарени со вени од стоење.

Го фаќаа депресии. Пред три дена го затеков пред телевизорот како шмрка во шамиче.

– Еј, што цимолиш. Ајде, мрдни се малку, среди се, избричи се, те носам надвор.

– Ма не моожааам, не, не можам. Погледнете како изгледам!

– Океј, како сакаш, немој после да ми се жалиш дека никаде не те водам!

Во својата соба средував некои документи кои ги имав донесено од канцеларија, а потоа си легнав, релативно рано. Го чув Даниел како тропа со садовите во кујната, но немав сила да му речам да се стиши, бев многу уморна.

 


Некаде околу еден по полноќ ми затропаа на врата двајца полицајци; го доведоа пијан и напушен. Стоеше меѓу нив двајцата како ученик фатен во престап. Збунет.

Се искрал од станот и пиел до фајронт во маалскиот бар.

– Ваш ли е овој? – праша високиот полицаец.

– Да, мој е – промрморив изненадено.

– Следниот пат не го пуштајте без пари! – се пошегува другиот, понизок, румен младич во сино.

Даниел стоеше скиснат, јакната му висеше низ левата рака, а со десната ја придржуваше косата над челото, не осмелувајќи се да ме погледне в очи.

– Простете – процеди низ заби откако ја затворив вратата – бев...

– Даниел, јас навистина веќе не знам што да правам со тебе – воздивнав и помирливо го фатив за рака.

Но знам, јас секогаш размислувам што ќе го задржи Даниел. Кога веќе не знае што да прави со себе, ако треба, ќе му родам дете. Би било добро да се има едно слатко детенце. Тоа секако би нè освежило.

– Даниел, веднаш дојди во соба! Веднаш!



Превод: Игор Исаковски

Слики: Michael Bergt

Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.