Полуисчезнат човек

21.04.2018 03:25
Полуисчезнат човек

Кристијан Караџафери, впрочем како што и името јасно му укажува, е дете од мешовит брак. Колку и да го негуваше мислењето дека тоа, особено во современиот свет, а посебно во новиот, Дваесет и прв век, тоа е предимство, често се фаќаше себе си како се претставува само со името или пак со презимето, зависно од друштвото или од средината во кои ќе се најдеше.
И тука, токму тоа недоследно поведение, беше всушност симптомот на неговиот проблем кој го исправаше пред непријатности што наскоро животот ќе му го турнат во тотално безредие…ако веќе не и во редица од несреќни случувања.
Но, доколку ве интересира неговата, ви ветувам, сосем необична приказна, тогаш да појдеме по ред...

1.

Во суштина, сѐ беше в ред со Кристијан Караџафери.
Она, пак, што не беше во ред, беше вон него: новото време кое од една страна нашироко прокламираше слободоумни вредности, а од друга тесноградо ги поддржуваше оние најконзервативните. Во име на мноштвото вредности во тоа ново време одново се промовираше волјата на неприкосновните лидери кои тука, дома, наоколу, но и уште пошироко, растеа како печурки по... нов потоп.
Местото на брзо истрошениот демократизам го заземаше новиот бран популизам, „а во срцето на популизмот, како што е добро познато, зад привидниот плурализам, цути – едномислието“ – си мислеа и јавно говореа порано многумина; а, потоа, откако најголемиот дел од нив видоа дека од тоа нема никакво фајде (и дека, обратно, имаат само штета од критичкиот говор!), на тие опсервации останаа малкумина, а со нив секако и Кристијан Караџафери. Каде и да погледнеш: лево или десно, погледот, така да се каже, ти го исполнуваше монотониот пејзаж, било на тајгата, било на преријата исполнети со скрката на едномислието. Кога Кристијан Караџафери го забележа, тоа веќе беше едно тотално распростането, слободно може да се рече, светско едномислие. Малите системи како овој тука, загрижено забележуваше тој, ги имитираа оние големите, а ситните лидери комотно создаваа тврдокорни персонални режими, под блаконаклоно положената сенка на големите центри на моќ.

„Новите системи прокламираат различност, а реализираат истоветност“, нерадо ќе заклучеше Кристијан К., прелетувајќи по насловите на весниците додека трпеливо седеше покрај зглавјето на болниот татко близу до ноќната масичка врз која, за да му бидат на дофат додека Кристијан беше на работа, безредно и сѐ позалудно залудно стоеа различните лекарства, тунктури, апчиња, кремови и капки... и филџанот со секогаш полуиспиениот чај. „За првото“, му стануваше сѐ појасно, „се грижат сѐ побројните, a подоцна недобројните, невладини организации, а пак за второто, неприкосновената, хомогенизирана држава“.
Кристијан полека, внимателно ги прелистуваше страници на весниците, чијшто поостар шум го тргнуваа од полусонот во кој, сѐ повеќе лебдеше неговиот деветесетидвегодишен татко, некогашниот енергичен гросистички трговец Темистокле Исаак Караџафери. „Просторот за дејствувањето на поединците и воопшто на индивидуалистите, во големиот стан на општеството“ – си велеше додека, во малечката кујна ја пригреваше пилешката супа од ќесенце, за себе и за татко му – “личи на еден социјален шпајз за чување на преостанатата зимница, која инаку забрзано се истрошува“...

„Треба да се жениш“ – му рече уште еднаш татко му, којнае по кој пат во заедничкиот живот, пред конечно, сосем мирно да се прости со својот дел од тој живот.
Татко му почина тивко, во сон, едно доцно попладне, истата таа зима. На погребот присуствуваа, секретарката на неговиот оддел во фирмата во која Кристијан работеше, и уште тројца и тоа нешто помлади, од преостанатите пријатели на татко му кои, изѕемнати од студот на брзо извршениот погреб без говори и верски ритуали (сите над гробот приложија по една длабока воздишка), и сите, со љубезни оправдувања, ја одбија неговата покана за ручек упатена до нив, како што налагаше редот на нештата воопшто, а посебно во граѓанското семејство Караџафери, чијшто претпоследен член само што замина во она што, кој знае зошто, обично се нарекува вечност, а во суштина е една смрзната дупка.

„Животот е една разлика во температурите“, рече еден од тројцата старци, без подетално објаснување и испуштајќи изобилна пареа од устата, веројатно мислејќи на околностите во кои човек се раѓа и се погребува. Околу лакираната дрвена летва што, кој знае зошто наместо ромб сите ја викаа пирамида и која служеше да означи дека покојникот не е религозно приврзан, а и за тоа да ги носи приковани со мали клинчиња, белите пластични букви со кои во случајов беше напишано името, средниот иницијал со презимето, и годините на раѓањето и на смртта на покојникот, Кристијан К.заедно со љубезната колешка од работа симетрично ги подредија венецот што сам го купи, букетите со зимски цвеќиња со бои згаснати како и нивната возраст, кои ги донесоа пријателите на татко му, и големата, претставителна икебана со десет црвени гербери обвиена со дебела црна лента со кадраво испуштени краеви, којашто ја приложи внимателната колешка. Ромбоидната пирамида која на студот не сакаше да се забоде во брзо замрзнатата могилка, еден од гробарите ја ослони на стариот мермерен споменик со плитка релјефна претстава на агнел со скршен израз на лицето, чија половина од телото според уметничкиот концепт на вајарот се губеше во сѐ поретката штукатура и на крај се стопуваше со плочата на која се наоѓаа многубројните и разновидни имиња на генерациите од истото семејство, толку одамна врежани врз него, што сега беа подизбришани или покриени со темна, со децении фаќана мемла...
„Ех, имаше прекрасен татко“ – воздивна најстариот од тројцата пријатели на татко му, кој подостана да се поздрави со Кристијан К.– „Темистокле Караџафери, верувај, многу ќе ми недостасува и мене. И смеата, и говорот, и остроумните забелешки...Дури и неговото вешто мамење на шеш-беш“ – се обиде да се пошегува старецот.
„Вас, господине професоре, особено Ве сакаше. Ги ценеше изборите на книги што му ги правевте како експерт по литература“ – рече Кристијан со пригоден, но и искрен тон, а потоа додаде – „Би сакал уште еднаш да Ви ја повторам поканата за ручек, за негова душа.“
„Извини сине, не ќе можам. Од една страна, на студов, да простиш, ептен ме притиска простатава “ – доброќудно му одговори старецот, а потоа додаде нешто што Кристијан нерадо го чу – „...а, од другата пак, толку ми солзи левово око што во еден момент ми се стори како пред очи да ми исчезна цела една половина...“
„Од што?“ – потпраша Кристијан.
„Од тебе бе сине. Половина од тебе!“ – ги крена рамениците стариот.
„Па...тоа е...како да кажам...доенкаде разбирливо – рече Кристијан со извесно чувство на нелагодност - „Погреб ѐ, солзи, возбуда...сето тоа си го прави своето...“
„А, не!“ – простодушно одрече стариот – „На моја возраст веќе навикнуваш на нив. И на погребите, како и на привидите кои главно се поврзани со изчезнувања, физички, оптички, дури фигуративни и метафорични... – изрецитира на брзина професорот – „Туку речи, сѐ се тоа едни старечки будалштилаци, што деноноќно ти се јавуваат сѐ додека еднаш не се смириш... еве, како Темистокле сега!“ – расположено извика најдобриот пријател на татко му, се ракуваше уште еднаш со ужалениот син, се насмевна кревајќи ги проретчените веѓи и смешно проттрча напред, мавтајќи му при тоа со кренатата рака; и им се придружи на другите двајца другари кои веќе беа влезени во едно од трите таксија што Кристијан ги беше повикал за развезување на присутните од малиот траорен собир.

По заминувањето на колешката, која уште еднаш му изрази искрено сочувство за ненадоместливата загуба и обѕирно се извини за неможноста да ја прифати поканата за ручек поради обврските што навистина ги имаше на работа, Кристијан си помисли колку присуството на таа малечка, симпатична жена него го трогнувало отсекогаш, а посебно овој пат, кога го допираше по надлактицата со нејзиниот лесен стисок на раката, а право в срце со светнатите, питоми очи на милниот, и некако...сосем незаштитен лик.
Кристијан постоја уште малку, фрли уште еден тажен поглед врз симетрично распоредените букви од името и презимето на Темистокле И. Караџафери и, рековме веќе - како што тоа го налагаше редот по извршениот погреб – со третото такси, самиот се одвезе до омилениот ресторан на татка си во кој, за секој случај, беше резервирал место за деветмина, по едно, си рече, за секоја одживеана деценија на покојникот.

Седна на челото од долгата, празна маса која келнерите, полни со разбирање, тивко и брзо ја растурија, си порача ордевер и аперитив, и спроведувајќи го редот, така сам, продолжи да размислува најнапред за мајка си која беше почината веќе цели петнаесетина години, потоа и за татка си кој нејзе и на бројните претци што почиваат на истотото место, им се придружи токму тоа пладне, потоа за тоа дека е штета што никој од присутните, особено неговата колешка, не можеа да го придружуваат на овој почесечен ручек, а потоа продолжи, одново да размислува за својствата на ова време полно со апсурди и со парадокси, кое татко му, на некој начин со длабока согласност, дури и со извесно задоволство, сега го беше оставил зад себе.

„Секој има свое време“, знаеше да каже Темистокле И. Караџафери, „Јас, на пример, кој доаѓам од една друга епоха, едвај го преживеав и претходното, црвено, а камо ли ова црно време, денес.“

А што се однесува до ова време - не престануваше да размислува Кристијан Караџафери, полека испивајќи ја втората чаша мерло со пилешкото во недоволно згуснатиот сафт од портокал - што ако активистите, хуманистите и интелектуалците што настапуваа по јавните трибини и по медиумите непрекинато го апострофираа првиот дел од хуманистичката дилема „да се биде, или да се има“, кога во стварноста поради оние ликови што непрекинато се менуваа на власт и на различните функции и раководни места по компаниите, по банките, по агенциите, по центрите и комисиите на недобројната државна администрација, се остваруваше само нејзиниот мизерен, бездостоинствен втор дел. „И токму поради тоа“, мислеше Кристијан К., чувствувајќи го богатото букѐ на најскапото мерло во ресторанот, „токму поради тие довчерашни голтари кои денес сѐ повеќе имаат, во најширокото општествено мнозинството, сѐ повеќе - се нема“. И колку што едните - сѐ погласно, пошироко и послободоумно - ги декларираа, агитираа, ги скандираа и ги промулгираа правата на маргинализираните, на ранливите и на којзнае кои сѐ не ексклузивни опшетствени, социјални и сексуални групи и подгрупи, коишто, секоја во својот фах, графа и преграда, се залагаа за слободата на поединецот и за малите етнички заедници, култури и јазици, толку во стварноста доминираше токму спротивното...

Слободата под тие околности се однесуваше како јагула: колку притискаш да ја фатиш, толку повеќе ти се лизга и ти бега во милта во која најубаво се чувствуваат, ловат, кркаат и гризат здебелените, мрсни крапови. А порано, се сеќаваше и самиот Кристијан, слободата полефтерно пливаше во бистрото езеро на самиот живот, не дека и во неа и тогаш не живееа и крапови, но во онаа вода тие не се чувствуваа во својот елемент, како денес.

„Сите ja поддржуваат големата слика...“, си велеше Кристијан Караџафери доцна навечер останат покрај ресторанската маса на која го беше изел и вториот десерт, беше испил лимончело како непотребен дижестив по долго развлечениот ручек, чекајќи го и своето второто кафе; и истоштен, колку од загубата на последниот член на некогаш големото семејство, можеби уште повеќе од размислувањата за парадоксите на своето време, заклучи: “...а нејзините помали делови, сѐ повеќе се запоставуваат - и се губат“. И, останувајќи на сликата на слободата што се излизгува од рацете како змиулеста и лигава јагула, ги замисли тие нејзини помали делови како јато од јагулчиња што додека со голи рачиња ги ловеа активистите и членовите на невладините организации, тие бегаат од домашното езеро, и исчезнуваат од овие води, го препливуваат целиот океан за да заминат, водени од силниот инстикт („слободата е инстикт!“, остро и непогрешливо притоа заклучи тој!) најдалеку, дури онаму...во Саргаското море... Вториот дел од приказната, оној за враќањето на слободните јагули дома, го остави за теоретските размисли, за некој друг пат.

Знаеше дека сега, откако остана сам дома, ќе има многу време за мислење и за премислување, за размисли, за сликовити претставувања и за сложени разглобувања.
Но...сето тоа него го правеше, колку тажен - денес тоа за прв пат силно го почувствува во веќе ноќно стивнатиот ресторан - и многу, многу осамен.


2.

Кристијан Караџафери - кој, како впрочем и сите вие почитувани читетелки и читатели, живееше во мешовита средина во која доминираше тоа ново и исклучиво единство: една главна нација (ајде, добро, две; а и тие секоја за себе!), но затоа една водечка родова припадност, една прифатлива сексуална ориентација, една деноминација, една, една, една... - јавно ги промовираше своите плурални, мулткултурални, универзалистички, космополитски стојалишта, како што тоа о прави еден дел од вас. Но, кога почувствува дека тие гледишта поминуваат единствено во невладините организации или меѓу сѐ поретките истомисленици, и тој почна да станува повнимателен во декларирањето на своите преференции.
Неговата општочовечка свест, совест и определби, почнаа да му се удираат од глава. На пример, кога се воведоа слободни денови за верските празници, Кристијан Караџафери веќе деклариран атеист, и покрај тоа - а можеби и токму поради тоа што во семејството имаше припадници на дури три деноминации и две заедници од видот на верска секта (Сведоци на Јехова од едната, и Бекташии од другата страна) - тој беше должен на работа да доаѓа и на едните, и на другите неработни денови.
Во неговата фирма „за увоз и трговија en gros со керамика, порцеланска опрема и ситна галантерија за бањи и тоалети“, во која тој веќе дваесет и четири години работеше - како комерцијалист според новата номенклатура на називите, или како трговски патник и продавач, „по старо“ - неговиот шеф, еден обичен билмез кој во трговското претпријатие дојде во исто време со него, а напредуваше многу побрзо, за сето тоа време го гледаше прилично недоверчиво, а како времето врвеше и меѓусебната антипатија растеше, потоа и сѐ поодбивно. Пополнувајќи пред него еден од инаку безбројните формулари што се појавуваа пред нив, шефот на комерцијалното одделение го запраша - за националната припадност.
„Космополит!“ – автоматски договори Кристијан Караџафери.

Се разбира дека тој не би бил доследен на своите определби кога и во оваа пригода не би се определил отаде секоја нација, значи токму како космополит, но на тоа самоодредување шефот прокоментира дека така можат да се определат само космонаути, и... ја остави графата празна.

Потоа на ред дојде графата за јазикот на кој зборува. Одговорот „повеќе јазици“ не му беше прифатен од шефот, по што уследи потпрашањето на билмезот „добро, бе, на кој ебан јазик зборувате дома?“... Како што тоа можеше да се претпостави според неговото сложено име и презиме, Кристијан Караџафери зборуваше барем пет јазици кои ги беше научил од мајка му и од татко му, но и од бабите и дедовците кои, уште од мали нозе го учеа да зборува и да пишува, секој од нив на својот јазик. Шефот на комерцијалното одделение само одмавна со големата ќелава глава, ги собра густите веѓите над шпртото носе со подизраснати влакненца, ги стегна очите, го искриви тесното усте кое така се вовлече во една точка, и ја остави празна - и графата за домашниот јазик на Кристијан Караџафери...

Потоа, анкетно и статистички неприлагодливиот Кристијан Краџафери во себе им одбруси едно спокојно, помислено, обопштено, но искрено изречено „море шо ве ебам сите!“, па на самата таа, како и на сите наредни анкети, деловни, општествени и државни и статистички операции, празни ги оставаше и горе спомнатата, како и графите за брачна состојба, деца, имотна состојба, политичка активност, религиона определеност, партиска припадност, дури и оние за сексуалната ориентација, па и таа за родовата припадност...престана да дава одговори, оставајќи ги и тие графи празни. Воопшто, на неговите формулари освен името (дури и тоа напишано со иницијалите К.К.), местото (токму овој град) и датумот на раѓање (имаше неполни 52 години), празно остануваше и сето останато, дури и нешто пошироката графа за познавање светски странски јазици (ги знаеше уште четири). Со тоа, сѐ попразно стануваше и чувството на К.К. за сопствената средина во која, со одбивност констатираше дека, сѐ повеќе, сета негова рагранета личност, бујната приваност, па и неговиот професионален и општествен живот..., требаше да се пикнат во графи, и тоа сѐ почесто, со однапред предвидени опции и (празни квадратчиња покрај нив) од кои, не можеше да се изберат (со штиклирање или со „х“-ирање!) повеќе од две, најмногу три... Или пак да останат празни, невидливи.


3.

На ова место, треба да се каже дека К.К., години со ред, уште додека му беа живи двата родитела, негуваше дискретна и би се рекло лирична врска со секретарката на матичниот, комерцијален сектор, со која се зближија поради тоа што во неа препозна питома, осамена и на некој начин сродна душа. Погодувате, беше тоа онаа милна личност која не го остави сам на погребот на татко му. Таа се викаше Мила Домазет и имаше сини, тажникави очи на симпатичното лице испрскано со пегички со боја на цимет, тринаесет години помалку од него, вродена луксација на колкот поради која дискретно, за К.К. дури и привлечно, поткривнуваше на едната нога, и сѐ уште жива мајка за која, како најмало од вкупно петте деца, остана да се грижи токму таа.

Таа и таква Мила Домазет беше причината поради која - едно доцно попладне уште пред седум години, токму во просторијата во кое двајцата работеа, а од време на време (кога ќе ги преплавеше страста, а условите тоа и ќе им го овозможеа) водеа и љубов – таа, забрзано трепкајќи со навлажените кафени очи, со тешко срце го одби неговиот предлог за брак и преселување во неговиот стан во кој Кристијан живееше со својот татко.
„Мама тоа не би го преживеала“ – му рече тогаш тивко Мила Домазет, испуштајќи солза која почна да ѝ се тркала по мазниот образ правејќи циметните пегички да сјаат со неодолив сјај.
„Можам јас да дојдам кај вас. Татко ми не би имал против...“ – нежно ѝ беше прошепотил Кристијан Караџафери иако се сомневаше дека тоа ќе го допуштат околносите пред сѐ неговата обврска да се грижи за татко му, но сепак додаде – „Мене не би ми пречело за тебе да станам и домазет. Дури и Домазет.“ – се обиде да направи и мала шега, но виде дека згреши зашто токму во тој момент Мила почна тивко да липа и милно ја положи главата на неговите гради кои поради трогнатоста што и него фати да го преплавува, сѐ побурно и побрзо се креваа и се спуштаа.

„Кри...истијан“ - прошепоти таа меѓу две липања – „Драг мој Кристи...јан...“ – додаде, и без оглед на реченицата во која немаше глагол, тој се разнежни зашто има искази на кои не им треба ни глагол ни стандардна синтакса, оти тие искази се полни со нешто друго, многу подлабоко и поподатно за разбирање, многу поважно од граматиката и од јазичките или било кои други правила.
„Ајде да им кажеме на сите дека ќе се земеме“ – рече тој полетно, предивикувајќи, место согласност, нов бран на тивок и речиси очајнички плач.
Ги чувствуваше безгласното липање врз градите и нејзините солзи по веќе сосем навлажнетата кошула, и тоа така го надразни К.К., што тој ја крена милната глава на Мила Домазет, и страствено ја бакна.
„Мила“ – прошепоти и тој на истиот оној неграматички начин, исполнет со искрена љубов и со наплив на топла страст, и додаде – „Драга моја Мила!...“.
Таа му одговори на избликнатата страст и, како што тоа бидува меѓу несреќно вљубените партнери, потоа Мила последователно доживеа три интензивни оргазми.


4.

За жал сиот тој сплет на односи, којшто се создаваше над професионалната, но и над приватната, дискретна личност на К.К., не остана без последици. Почна да му се јавува чудно чувство дека е некако некомплетен, како да недостасуваше дел од него. Си рече дека со тек на време тоа ќе исчезне и дека ќе му се врати чувството на целовитост што го имаше порано. Но, тоа чувство на некомплетност не само што не сакаше да исчезне, туку дури и постојано растеше... Сѐ додека едно утро, кога застана пред огледалото да проконтролира како му стои сивиот костум ден порано земен од хемиско чистење, додека ја местеше неупадливата вратоврска – не можеше да си ја види десната рака, за потоа јасно да види и дека таа сосем недостасуваше, и тоа сосе цел еден дел од неговото тело. И тоа не мал дел. Недостасуваше цела една половина на К.К.!
Најнапред, си рече дека тоа така му се причинува, можеби дека вообразува поради некоја здравствена аномалија, поради некаков привид како оној што го опиша најдобрито другар на неговиот покоен татко (од што бргу се откажа зашто стариот му беше рекол дека му се привидува токму истово), или во најдобар случај, поради тоа што сѐ уште не е разбуден и дека ова го сонува, но откако до солзи се потштипна за да се увери дека е буден, си рече дека нешто не е во ред со одразот и дека најдобро ќе биде да оди на работа и таму да провери дали навистина со него се случува нешто необично. Ќе ја праша, си рече, пред сѐ Мила.

Тој ден Мила не беше дојдена на работа, но без оглед на тоа, се испостави дека сознанието стекнато пред огледалото, за жал, беше вистинито:
„Кај ти е, бе, тебе е другата половина?!“ – веднаш му се развика шефот проследувајќи го прекорот со карактеристично стиснатото усте.
Тој не делуваше толку изненаден колку што се покажуваше груб и гневен, што сѐ заедно Кристијан јасно го забележа кога шефот рече – „Ако мислиш дека вака преполовен ќе добиеш цела дневница, гадно си се зебал!“.

Неговите колеги, извесно време го загледуваа полуисчезнатиот К.К. и се дошепнуваа кога ќе ја забележеа неговата нецеловита појава, а потоа се навикнаа и престанаа да му обраќаат поголемо внимание. Наспроти тоа што на крајот од месецот, како полуисчезната личност К.К. доби и половина од личниот доход - како што тој сѐ уште сакаше да ја нарекува својата плата печалена во жестоката конкуренција на сѐ посуровиот пазар на керамички производи и ситна галантерија за бањи и тоалети - полуисчезнувањето имаше барем една добра особина; зашто токму со невидливата рака тој можеше да му покажува среден прст пред сѐ на шефот на комерцијалниот сектор, а потоа и ралични местенки секому кој тоа го заслужуваше. На еден завидлив колега кој се наоѓаше пред пензија и кој постојано го озборуваше и којшто, дури, можеше да се наведе и како една од повеќето причини за неговото половично исчезнување, К.К. му намести опаш од ролна тоалетна хартија што не престана да се одмотува како што злобникот брзаше кон канцеларијата на секторскиот раководител за ситна пластика, на нова партија озборувања.

Тронтавата благајничка со големи гради, црно испишани веѓи и точка на обрзот, која пак поради некоја сосем неопределена антипатија, со задоволство му ја преполови платата закинувајќи му уште цела недела пред половичното изчезнувањето, со незаинтересиран израз на лицето и свртен на другата страна, со невидливата рака така убаво ја притисна за огромната лева дојка што, три пати повторувајќи го енергичниот стисок, ја натера еднаш да врисне од изненадување, а уште два пати да го голтне врисокот поради неочекувано појавеното слатко задоволство... И така тоа, и на тоа слично.


5.

За К.К. не само што не беше проблем да ги вдвои напорите, па така, и двојно да ја покачи продажбата, а со тоа да ја компензира ускратената половина, туку во тоа чувстуваше задоволство зашто, сега - кога поради стопроцентното покачување на личната продажба беше повикан кај првиот човек на фирмата - можеше да му каже и на директорот дека тој, половина човек, може да продаде два пати повеќе стока од другите кои се привидно цели, а реално продаваат само – половина.
„Разбирам...“ – му велеше со измешано чувство на признателност и нелагодност извршниот директор на фирмата којшто К.К. го беше повикал на разговор, како што беше стандарден ред, во присуство на шефот на комерцијата кој, пак, подуплашено трепкаше повеќе пред апстрактниот авторитет одошто пред смешниот лик на извршниот директор, дури не ни регистрирајќи дека директорот, за чудо, почна да се правда пред својот потчинет соговорник – „...но вие колега Кристијан...“
„Слободно обраќајте ми се само со иницијалите...“ – убедително рече полуисчезнатиот комерцијалист – „За мене не е битно дали човек има некакво име и презиме, туку со кои способности располага. Еве на проимер, на колку луѓе не им ги знаеме комплетните имиња и презимиња, па ги препознаваме според едното од нив, или според понекогаш сосем заслужените прекари, но им ги занаеме, да речеме, функциите... Еве на пример, тука присутниот шеф на нашиот комерцијален сектор“ – рече полуисчезнатиот човек...
„Му го знаете прекарот?“ – изненадено праша директорот.
К.К. направи мала пауза, фрлајќи поглед врз шефот на комерцијалниот сектор којшто потполно се беше изгубил во овој разговор помеѓу својот надреден и подреден во фирмата, заусти, но не успеа да одговори, зашто се слушна еден неочекуван исказ:
„Мене ме викаат Ламбро Говедото...Ламбро ми е, знаете, името“ – неочекувано се јави шефот на комерцијата и извади некоја глупава насмевска – „но мислам дека така ме нарекуваат, мислам кога ме викаат ‘Говедо’, оние што ме мразат поради строгоста и така да кажам принципиелноста.“
„Да?...“ – со видна нелагодност се поткашла извршниот директот, а К.К. се направи како да не го слушна тој коментар и одговори на претходното прашање на извршниот директор.
„Не, господине Директоре. Јас го препознавам и именувам според функцијата што господинот Шеф тука ја обавува. Тој е за мене шеф и кога, вистина ѐ, другите меѓу себе го нарекуваат ‘Ламбро Говедото’ “ – сериозно рече К.К. и потоа додаде – „Мене инаку слободно викајте ме според иницијалите, чисто поради обраќањето и, секако, поради деловната евиденција. Би сакал да го изгубам и името и презимето...“
„Како тоа да ве викам: Ка-ка?“ – ответи директорот – „Незгодно е...мислам, така вашето именување би добило пејоративно значење, Човече Божји...“
„Ете, можете да ме викате и така, но пред сѐ мислев да ме викате К.К., чисто кирилично“ – ги крена веѓите полуисчезнатиот човек и покажувајќи му го средниот прст со невидливата рака, продолжи – „Иако и со првото именување не би биле далеку од начинот на кој кон мене се однесуваат другите“ – додаде К.К. и дискретно погледна во шефот на комерцијалата, кој премре од страв дека сиот досегашен однос кон својот комерцијалист сега ќе му се скрши на незаштитената, крупна, испотена и сосем светната глава.
„ ....сепак“ – несигурно прокоментира директорот во обид да ја оправда целата работа со преполовената плата – „вие драг мој Ка-ка, пардон К.К., на работа носите само половина од вашата личност и појава“.
„Не верувајте ѝ на појавата, уважен господине Директор, верувам дека понапред би требало да ги имате предвид резултатите од работата...и тоа, не само моите резутати...“ – му одговори спокојно и задоволно К.К. и со невидливата рака му покажа прво „шипинка“, потоа, три пати по ред и остар - лакт.
„Секако...Но, сепак, не можам да се апстрахирам од тоа дека само половина од вас е присутна, и така да кажам, активна“ – рече директорот и со мрцлаво движење на раката го отпушти саштисаниот шеф на комерцијата кој почна тешко да дише, и којшто освен тоа, му се стори сосем одвишен во необичниот разговор во кој само пречеше.
Овој веднаш стана и, токму во моментот кога, во снисходливата поза, се обиде што е можно побрзо да си замине, Кристијан, со безизразен израз на лицето, само за кратко ја подаде невидливата нога на која шефот така силно се препна, се испружи и се излизга по подот од сјајните керамички плочки од првиот италијански увоз, што на крајот шумно тресна со крупната глава во вратата оставајќи подиспукана вдлабнатина на местото на сударот...
„Што правиш бе говедо едно?!“ – му се испушти на директорот, повеќе уплашен од неочекуваниот тресок, одошто од штетата.
На тоа, Ламбро брзо стана и уште позбунет, држејќи се за темето на кое веднаш се појави крупна џумка, без збор му се поклони на својот претпоставен и потоа изчезна од директорската канцеларија.
„Шефот Ламбро!“ – рече неодредено К.К. и значајно сврте со главата – „Кутриот...“
„Ај пушти го таму, да не го гледам“ – рече директорот – „Мислиш не знам кој коњ е?! Само... баџанак е на мојот брат и морам да внимавам на него... пред сѐ од семејни причини“ – си ја олесни душата директорот.
„Пред сѐ?!....“ – изненадено праша К.К.
„Ма, да, човече!“ – разочарано потврди директорот.
К.К. ги неодредено ги крена веѓите.
„Како тоа?“
„Па, така – неочекувано, доверливо шепнувајќи кон К.К., додаде извршниот директор – Тој е внук од сестра на Апостол Дрвошански ?
„На Претседателот?! “ – кликна од изненадување К.К.
„Ве молам не употребувајте Голема Буква за тоа Дебло на највисоката позиција на власта. Тој му е вујко на Говедово, пардон - на говедово. Еднаш дури сакаше да го постави и на моево место. Среќа, се замеша мојот дел од семејството и јас така се спасив...“ – рече гласно директорот и заедно со потта на ненадејно оросеното чело, го извади од себе и зерот што очигледно долго време го носел.
Откако се избриша со хартиена салветка по светнатото чело, му рече на К.К.
„Но, почитуван Ка-ка...“
„К.К.!“
„Пардон, К.К. - да продолжиме ние со службениот разговор...“
„Па ете, како што веќе ви соопштив, сметам оти токму моите комерцијални резултати се највалидниот факт, дека иако сум вака...преполовен, нели, јас работам со двојна ефикасност во значаен трговски бенефит на нашава фирма“ – не без задоволство рече К.К., а потоа се наведна кон директорот и со доверчив тон додаде – „Дури, склон сум да сметам дека токму моето полу-исчезнување може да е предноста што ги создава резултатите од продажбата...“
„Добро оставете го сега тоа ...“ – рече директорот на фирмата сосем не сфаќајќи дека Кристијан му ја кажува најточната вистина зашто неговата сложена личност и потекла само навидум невидлива, во суштина му ги отвораа портите на партнерите кои носеа по некое од социјалните својства што во себе богато ги содржеше полуисчезнатиот човек.
„Извинете, но морам да ве прашам“ – заусти директорот – „Како е можно кај вас да изчезнува и она што го носите врз себе, мислам, половина од кошулата, од костумот, кравата, приврзокот што, ако не се лажам, го носевте на десната рака... Знаете, подготвувајќи се за средбава, јас ги изгледав една додуша постара верзија на филмот ‘Невидливиот човек’, таму обично облеката му останува на главниот јунак...“
„А!“ – рече К.К. и полн со разбирање особено зашто некој му обрнуваше толку внимание на неговото изчезнување, објасни – „Па не изчезнувам јас како приватна, туку само како општествена и административна појава. Тоа што кај мене исчезнува еден точно определен, така да кажам, иделен дел од личноста. Затоа со тој идеален дел, иделано го снемува и сето она што го носам врз тој дел...“
„Инаку – еве!“ – рече К.К. и од зад невидливиот дел на виделина ја извади и втората половина од краватата, дури ја појави и десната рака со спомнатиот приврзок, но поради нелагодноста на положбата, одново ги врати на исчезнатата страна.
Извршниот директор кому ништо веќе не му беше јасно, ја гризеше долната уста и кимаше со главата на која се истакнуваа ококорените очи. Потоа, повторно со доверчив тон, го праша својот необичен соговорник.
„Добро, К.К., какво е чувството дека...мислам... сте останале без половина од себе“ – праша директорот со нескриено љубопитство.
„Непријатно“ – рече К.К. без двоумење – „Иако понекогаш си мислам дека, кога си полуисчезнат човек, за тој факт мораш да водиш сметка и за едно повисоко ниво...“
„Како то мислите?“ – го собра челото извршниот директор, мислејќи дека полуисчезнѐтиот човек ќе каже нешто што ќе го засегне токму неговото...ниво.
„Па, така...“ – се обиде да објасни Кристијан – „Ако исчезнува половина од тебе, тогаш е важно и која половина исчезнува...“
„Не можам да раз...“ – заусти директорот.
„Еве вака: ако сум наполу исчезнат човек, битно е дали сум исчезнат по вертикала и каде тогаш ќе ми припадне срцето, или пак ме снемало по хоризнотала, и каде тогаш ќе се најде...“ – тука запре К.К.
„...Половиот орган“ – значајно заклучи директорот.
„Поконкретно, целиот, нели... комплет“ – се обиде да го корегира К.К., а при тоа да не делува и вулгарно - „Како што гледате“ – значајно додаде полуисчезнатиот човек – “...јас во овој период, работев со срце. А тоа, на еден убав начин, може да биде стимулативно и за другите колеги.“
„Точно, сосем сте во право“ - рече директорот сѐ уште вчудовиден од заклучокот; и успеа да запраша доверчиво наведнувајќи се кон Кристијан – „Извинете, нооо...што ќе биде во случај да ви се промени половината?“.
Кристијан само ги крена веѓите, овозможувајќи му на директорот да го појми единственот можен заклучок.
„Катастрофа!“ – гласно рече директорот, на што Кристијан веднаш одреагира.
„Па, не сосем!... И таа ситуација може да покаже предимства. Вие знаете дека во нашава работа треба...пред сѐ метафорично речено...да се има муда, нели така...“ – брзо одреагира К.К. - „Во таков случај, најважно би било за почеток да го имам барем вашето разборање.“
Директорот несигурно потврди со замислено кимнање. И посака исчезнувањето по хоризонтала никогаш да не се случи.


6.

Но, како за инает, токму тоа се случи некаде во мугрите од првиот ден на летото. На утринското туширање, по мачно проспиената ноќ поради горештината што и таа година тешко го беше притиснала градот и која го тераша да се превртува ту на едната, ту на невидливата страна, К.К. откри дека одново му се појавила исчезнатата половина. Многу се израдува, зашто си помисли дека конечно им дојде крајот на маките и на неговото несреќно полуисчезнување!...Но, овие ситуации никогаш не се така едноставни, па само што расположено го насочи тушот кон долната половина на телото, забележа дека - недостасуваше токму тој дел, дека одново му недостасуваше цела една, сега само друга половина, и дека капките му се лизгаат по нозете и капат како по готска грагојла или по обичен исфрлен олук, по неговиот утрински полувиснат, но за жал сега невидлив полов орган. За кутриот К.К. тоа беше речиси трагедија, зашто покрај преполовената општествена појава и идентитет, овој модус на изчеснување го прикратуваше и за родовиот интегритет, особено за половиот дел од тој интегритет, на кој инаку Кристијан Караџафери со причина беше особено горд... Се чувствуваше непријатно и тешко, како некој да му го осакатил и одземал, така да се каже, првиот дел од презимето кое го сакаше во неговата мултикултурална сложеност и особено интегралност. Појми дека на новиот модус на исчеснуавање му одговараше и нова форма на иницијалите во чија дискреција полуисчезнатиот човек извесно време веќе го беше повлекол својот идентитет. Затоа им додаде и една (дискретно описна) заграда: тој сега - чисто иницијално! - се викаше К.(К.).
Сепак, тоа ново исчезнување имаше и некои свои практични страни. Така, едната од нив се покажа уште веднаш, со оглед дека, во своето ново разочарание, кога свежо истуширан излезе на улицата само по тенка кошула во риги и куси ракави и, поради строгиот деловен код на облекување, уште и по задолжителната кравата која, додека чекореше, овој пат се покажуваше цела и кога се мавташе лево-десно. За разлика од неговиот полов орган којшто го повторуваше тоа исто движење, само невидливо за сите па и за него. Место тешките кожени затворени обувки тој облекуваше (автоматски невидливи) апостолки или пластични папучи што зиме-лете стоеа на балконот...и...тоа беше сѐ што новиот К.(К.) носеше на себе. Освен тоа, тој сега пушташе две машини за перење помалку, онаа во која порано ги туркаше чорапите и боксерките, и другата наменета главно за панталоните...
И така, лебдејќи со горниот дел над асфалтот, долниот дел од телото му се ветрееше на летната жега и горештина, невидливо и сосем пријатно изложен на сончевите зраци.
„Види!“ – ѝ рече К.(К.) на Мила кога, пред да стигнат другите колеги, се појави на работа и застана пред неа.
„Неее!“ – тивко изговори Мила не можејќи да го задржи очајничкиот тон, што избликна без нејзина конторола...
„Добрата, драга Мила“, си помисли К.(К.), „само таа искрено ме жали. “
„Не грижи се, мила“ – ѝ рече тој – „сѐ си е на своето место. Јас сега, цел, постојам само за тебе“.
Тогаш тој нежно ѝ ја фати малата дланка и како рака на грижна негувателка ѝ ја спушти на... невидливиот дел од себе.
„Ах!“ – се оттргна извик на радост и олеснување од усните на Мила зашто се увери дека само навидум беше изгубен, така да се рече... изворот на единствената нејзина животна радост.

„Кој ли би можел да ги разбере жените, тие кревки, драги, сочувствени суштества“, во навев на лирска топлина си помисли К.(К.) откако милата Мила одново залипа, и среќно вртејќи со главата, пролеа пар бисти солзи радосници, овој пат пред видно навлажнетите очи и пред невидливиот стврднат пол на Кистијан К. когошто таа не го испушаше од раце дури ни кога во просторијата влезе оној ист озборувач од неговиот оддел, кој поради фатена врска со шефот, сѐ уште не беше заминат во пензија. Угурсузот знаеше за нивната врска, па стапувајќи во големата заедничка канцеларија, врз нив фрли поглед полн со презир, не забележувајќи ништо од деликатната ситуација, ни повторната појава на десната половина на својот колега, ниту новоисчезната долна половина, додека К.(К.) брзо зема во рацете неколку листови од бирото на Мила и ја покри нејзината рака останати на истото место и положба, со прсти свиткани во форма на шуплив цилиндер.

„Благодарам, колешке“ – со службен тон одглуми К.(К.), и откако едвај го олабави стисокот на Мила околу неговиот општествено и службено исчезнат приватен дел, брзо седна на своето биро и од таму не се помрдна целиот тој ден.
Изчезнувањето на својата долна половина заедно со новиот иницијал, К.(К.) го обзнани дури утредента, на вториот ден од долгото, топло лето.


7.

Поради спецификата на неговото ново полуисчезнување, К.(К.) веќе не водеше сметка за долниот (и буквално) веш, ниту за белите и тегет „падобранки“, како што во последно време популарно се викаа машките слип-гаќи, ниту за „боксерките“ кои сакаше да ги купува со живи бои и дезени, зашто веќе свикна, на големите летни жеги да се движи, и надвор како впрочем и низ канцелариите на работа, не само полуисчезнат, туку и наполу гол, што се разбира не го знаеше никој освен неговата љубена и верна Мила Домазет.

Здравјето на нејзината мајка беше, фала на прашање, сосем добро, а со тоа, перспективите за нејзиниот нов, брачен статус со К.(К.) беа догледно исчезнати, токму како долниот дел на човекот на нејзиниот живот. Тие наоѓаа различни начини на утеха во непроменливата ситуација. Се среќаваа и, среќни кога тоа ќе се случеше, занесено ѝ се препуштаа на страствената љубивна игра во празните канцеларија. Други пати, К.(К.) знаеше, онака невидлив во нозете, со трупот да долебди до нејзиното биро и во текот на работата во инаку редовно преполната канцеларија, зборувајќи ѝ на Мила неважни работи, исчезнатиот дел од себе дискретно да го положи на бирото, додека таа, сета среќна, го галеше невидливиот дел од сѐ помилиот... и помилиот К.(К.).

Беа тоа мигови кога му доаѓаше да напише песна, иако запираше кај нејзиното име кое не му се римуваше со нежните чувства што ги негуваше со неа. Барем да се викаше „Лила“ та да направи рима со „драга“ и со „мила“. Направи обид токму на таа игра на зборови и по час думање, чкртања и доправки, напиша неколку редови на исшпартаниот лист за воведување на продадените артикли: „Да се викаше дури и Лила/ ти љубов одново би ми била/ пак би ми давала нежност и сила,/ сакана моја Мила“... но напишаното не му фати око, па листот го стутка и го фрли во корпата за отпадоци, заедно со откажаните дневни нарачки.

Што се однесува до колегите во неговата фирмата за увоз и трговија en gros со керамика, порцеланска опрема и ситна галантерија за бањи и тоалети, тие веќе беа свикнати на тоа да недоставува дел од него, додека за тоа кој дел недостасуваше, сe покажа дека не водеа никаква сметка.

Единствено, извршниот директор на фирмата, од шефот на комерцијата Ламбро пошироко познат како Говедо, скришно ги бараше извештаите за трговската продуктивност на К.(К.) и љубопитно ги следеше неговите, инаку, уште подобри работни и комерцијални постигања. И покрај тоа, платата на полуисчезнатиот човек останување преполовена.
„Нема што, треба да му ја покачиме платата...“ – замислено коментираше извршниот директор листајќи ги напред и назад извештаите и споредувајќи ги трговските ефекти на полуисчезнатиот службеник.
„Вчера, директоре, пак бев кај... кај вујче. Мислам...знаете, кај Вујче со големо ‘в’... “ – како да не го беше чул, рече внукот на претседателот на државата.
„Добро де, знам...“ – нестрпливо го пресече извршниот директор, па додаде - „И?!“
„И, ме прашува нашиот Претседател, мислам, Вујче ме прашува: ’Што има, вика, ново во вашата фирма?’...’ Има еден полуисчезнат човек’, му велам јас, ама онака внимателно.“
„А, тој? Што кажа тој?“
„А!- рече - ништо чудно!“
„Како бе ништо чудно!!!“ – извика директорот.
„Па и јас тоа му викам: ‘Како, бе вујче, му ’икам, ништо чудно! Немој така, молим те’... “
“ ’Така, бе Говедо на Вујчета!’. Он така ме вика, ама од нежност, исто со големо ‘Г’ . ‘Моите служби’, вика, ‘постојано ги следат тие случаи.’. “
„ Т и е случаи?...“ – повтори директорот нагласувајќи ја множината во чуениот исказ.
„‘Да’, вика, ‘ги следиме ние сите нив’... “
„Значи не е само нашиот?!“ – рече директорот
„‘Не бе!’, вика Претседателот – ‘Ги има’, вика, ‘уште неколку такви случаи.’.
„Сега ми лекна. Секогаш е полесно кога не штрчиш во општествената, а посебно во политичкава наша јавност. Не би сакал, брате, фирмава да нѝ ја покажуваат со прст. “ – рече директорот, се издиша со олеснување и посака да си порача мокачино и да си го испие на раат, па реши побрзо да го откачи и онака неомилениот соговорник – „Добро, гов... мислам шефе, можеш да си одиш. Ти секако ќе добиеш покачување поради добите резултати во секторот, а за комерцијалистот ќе размислам...мислам, посебно сега кога е ставен под надзор...“.

„Разбирам директоре“ – толку лигаво рече шефот на секторот за комерција што на директорот му се стори дека на говедово повеќе ќе му одговара да го викаат црв.
„Кур мој разбираш“, си помисли извршниот директор, но гласно му дофрли:

„И поздрави го вујче ти! Мислам Апостол, драгиот роднина, претседателот наш Дрвошански...“
„Фала, ќе го поздравам“ – рече со старата, говедска наивност шефот, додека во исто време и нему му избликна невидлива мисла: „жими куров што ќе го поздравам него, ама дека тебе ќе ти го сместам, чекај па да видиш!“


8.

Една вечер, Кристијан (К.) фати да ги средува старите документи коишто по смртта на татко му останаа расфрлани по старите папки. Беше тоа по вообичаениот вечерен телефонски разговор со Мила во кој, додека тој нежно ќе ѝ шепотеше убави нешта или ќе ѝ прочиташе некоја штотуку пронајдена (туѓа!) љубовна песна, таа од онаа страна на жицата ќе беше кратка и службена во одговорите, а долго и внимателно вслушана во неговиот глас и љубовен говор, наводно примајќи извештај за дневната продажбата, за да не ја предивикува бескрајно болната мајка којашто не се откажуваше од неа да направи воспитано девојче, и прибрана кандидатка за некоја неодредена идна мажачка. Така, К.(К.) ја заклопи телефонската слушалка и се впушти во педантното редење на пожолтените листови на семејната архива.

Како што тоа бидува во такви ситуации, вниманието му го привлекоа старите документи во чии содржини рачно испишани на различните јазици и оверени со печати врз таксени марки од различи држави и јазици што тој, инаку, ги владееше поради своите претци - К.(К.), за жал, откри и други, за него нови потекла и припадности. Велиме „за жал“ драг читателу, и особено драга и родово сензитивна читателке, зашто, само што се случија тие сознанија, почнаа да исчезнуваат и други делови од несреќниот Кристијан Караџафери! На планот на именскиот израз на новите променливи појави и идентитети на полуисченатиот граѓански страдалник, тој се изразуваше низ несмирената метаморфози изразени преку најразличните комбинации од појави и исчезнувања: ту како Китијан Џафри, Кристи Џафери, друг пат, само како Јан Фери, потоа како Исти Аџа, па К.Караџа, па КараК, и сѐ така без предвиден ред и поредок, без дин и иман, што би рекла една од неговите баби, без глас и одглас, без слика и прилика, без мисла и без смисла...

И она што се случи таа инаку спокојно започната, а се испостави споулавена ноќ на динамично изменуваниот идентитет, продолжи и во иднина, на улица, меѓу пријателите и на работа: Кристијан Караџафери исчезнуваше по сегменти, по неидредени органи, некогаш по делови од краци, некој пат парцијално, други пати половично, еднаш останувајќи постабилно во еден, потоа, неколкукратно и брзо менувајќи го идентитетот во најразличните модалитети...

К.К. едноставно не знеше кога, каде и што ќе го снајде. Одново почна да облекува (буквално долен) веш и класични чевли, одново ги пушташе до неодамна среќно и економично пропуштаните машини за перење, сега облекуваше и горна и долна облека... токму поучен од горчливото искуство со една од раните трансформации му се случи токму на крајот од летото.

Имено, онака невидливо соголен, се смени неговиот видливо-невидлив стасус и тоа на самата каса во хипермаркет, при што пред долгиот ред што следеше по него, неочекувано се појави неговиот потемнет задник и воопшто целиот тој како од мајка роден, предизвикувајќи – иако уредно и правилно иссончан како да беше изложен на нудистичка плажа - бура од смеа, неми ѕверења и гласни негодувања меѓу купувачите зад себе, додека касиерката остана со подзината уста зашто пред неа исчезна најнапред раката со кредитната картичка на муштеријата, за потоа, од срамот што го преплави, во еден момент да се изгуби дури и главата на кутриот (К.)К. Сето тоа не го издржа и онака кревката, неухранета, згора на тоа и непојадувана касиерка, губејќи ја лице-место свеста и бапнувајќи со главата на пултот од касата, додека, онаму, одзади, јасно и публично се изложуваше комплетно соголената и вознемирена интима на несреќниот К(.)К кој го остави пазарлакот и, најбрзо што можеше, го напушти хипермаркетот.


9.

Беше доцна да се менува. Можеше само да избере да остане, така некомплетен во едно комплетно туѓо време или едноставно сосем да исчезне, наполно да го снема оттука и, како јагулите во неговата сликовита претстава, и тој да најде некое свое саргаско море во кое нема веќе да исчеснува, туку да го изразува и размножува својот богат идентитет којшто, овде, мораше да го снемува... Она што, пак, Кристијан Караџафери сепак го држеше тука, беше сознанието дека треба да остане пред сѐ поради себе (добро, секако и поради саканата Мила Домазет!), зашто до колку Кристијан Караџафери и наполно би изчезнал, тоа во ова општество никој (освен неа) и не би го забележал. Пред сѐ не би го забележала државата, зашто таа ниту обрнуваше внимание, ниту пак евидентираше комплетни исчезнувања на инаку полу-исчезнати лица. Таа работеше со презумпции, а за презумција на компленото исчезнување се земаше можноста на сега комплетно невидливото...присуство на некогаш полу-исчезнатиот граѓанин... Освен, можеби, некоја од невладините организации за човекови права, ваква или онаква еднаквост, или маргинализираност или ранливост...кои ќе го регистрираа во своите фокусирани евиденции, и - аспект по аспект, парче по парче, и дел по дел, ќе го водеа за исчезнат, зависно од доменот на интересирањето на соодветната невладина организација.

Таква општествена инстанца што ќе се занимава со интегралната личност на Кристијан Караџафери, но и на сите други сѐ пострадни, поранливи, помаргинализирани, делумно и комплено изчезнати луѓе и судбини...за жал не постоеше.


10.

Време е, почитувана читателке и драг родово диференциран читателу, да ја завршиме оваа повест за човекот со сложено име и идентитет. Како што доликува на една ваква ситуација која колку и да не е до крај трагична, едновемено не поднесува ниту среќни завршетоци.
И така...

Беше тоа денот на прогласувањето на законот за избор на претседателот на државата без траење на мандатот и прогласувањето на третиот реизбор на исклучителниот претседател Апостол Дрвошански кој за чудо, дел од кампањата ја реализираше, на огромни билборди и по телевизиските спотови, и со помош на феноменот на полуичезнатите луѓе (се сликаше и се снимаше сам, а на плакатата и на спотот газеше слоганот – „А. Дрвошански (во ракопис) - Придружуван и поддржуван и од невидливиот сограѓан!“). Тој ден, извршниот директор на фирмата на К.К., најнапред падна покрај бирото погоден од мозочен удар, а набрзо, земајќи инвалидска пензија, и отстапи од фунцијата на која, само по себе се разбира, за нов извршен директор и тоа со проширени ингеренции беше именуван Ламбро, кого веќе никој не се осмелуваше да го вика Говедото, и покрај тоа што веднаш доби мејл со топ-левел домејнот “gov.”, зашто сега сите дознаа дека е внук на доживотно избраниот Вујко, во чијашто подолга листа на недвижности и деловни сопствености, покрај големата фирма со важниот генерички домен „gov.“, фигурираше и „фирмата за увоз и трговија en gros со керамика, порцеланска опрема и ситна галантерија за бањи и тоалети“. Да не заборавиме да го кажеме и тоа дека, при еден од редовните претседателски медицински „чекапови“ компјутерскиот томограф утврди дека кај претседателот А. Дрвошанов и покрај деталното рентгенско и стетоскопско пребарување, како што стоеше во извештајот: „невидлив за долупотпишаниот специјалист и интернистичката екипа, останува еден мек внатрешен орган....“. Кој орган беше исчезнат, тоа остана зачувано како државна тајна.
Во сите тие значајни околности што ѝ припаѓаа на високата политика, многу нешта, а со нив и скромното место на Кристијан Караџафери во фирмата, станаа неодржливи. Тој си даде отказ на работното место комерцијалист и, откако не најде нова работа, замина во топлиот дом на Мила Домазет и на нејзината принципиелна и строга мајка. Крајот на приказнава го наоѓа конечно усреќениот пар на прошетка во градскиот парк терајќи пред себе количка за близнаци во која се појавуваше и исчезнуваше ту едно ту друго буцкасто бебе облечени во сини пролетни костимчиња, се разбира во редовната придружба на мајката на Мила, која живееше стабилно, долго и среќно.

А, да! И тоа:

Додека Кристијан Караџафери ги менуваше појавите и исчезнувањата на своите делови, веќе голем број луѓе наоколу шетаа со исчезнати раце, една нога, уши, без образи и без лица, дури и без цели глави. И за нив беа формирани две невладини организации, едната за појава, другата за полуисчезнување на луѓе и специфични човечки делови.

И за крај, како што е ред, следува и поука од приказнава: до колку некогаш ви се стори дека сте се удриле во некого, а пред вас нема никој, не помислувајте веднаш дека тоа бездруго бил вашиот ангел чувар. Има и други полу-видливи и сосем невидливи суштества наоколу. Само што никој не ги евидентира.

 Слики: Bruno Catalano, Fernando Pessoa

Извор: „Океан од слики“ (книгата ќе се појави кон средината на мај, во издание на „Авант-прес“)

ОкоБоли главаВицФото