Почина писателката Даша Дрндиќ

07.06.2018 02:04
Почина големата хрватска писателка Даша Дрндиќ

По тешко боледување на 5 јуни во Риека почина познатата хрватска и европска писателка Даша Дрндиќ.

Таа е родена во Загреб 1946 година, а од 1953 година живеела во Белград, каде студирала англиски јазик и книжевност, а магистрирала драматургија на американскиот Универзитет Јужен Илиноис, како стипендистка на Фулбрајт.

Работела како преведувачка на книжевни дела (превела есеи, студии, проза од Борхес, Пинтер, Орвел, Гомбрович, Сангвинети, Бродски...), работела како професорка по англиски јазик, драматург и уредничка на драмската програма на Радио – Телевизија Белград. Авторка е на голем број радио драми. Во Белград бил објавен и нејзиниот прв роман „Патот до сабота“ (1982).

На почетокот на деведесеттите години од Белград се преселила во Риека, каде докторирала на Филозофскиот факултет. Докторската дисертација на Даша Дрндиќ е на тема „Феминистички ракопис или политичка парабола: идеите за феминизмот и левицата во драмите на Лилиан Хелман”. До пензионирањето предавала британска книжевност и креативно пишување на одделот по англистика.

Нејзиниот последен јавен настап бил пред еден месец во антикварницата „Ex libris“, каде било претставено реобјавеното издание на нејзината прва книга, која прв пат излегла во 1997 година во Хрватска – „Умирање во Торонто“.

Даша Дрндиќ имаше освоено многу книжевни награди и припаѓа на врвот на современата книжевност во просторот на поранешна Југославија.

За документарниот роман “Sonnenschein” ги доби наградите „Фран Галовиќ“ и „Киклоп“, двете за најдобра прозна книга во 2007 година, а беше номинирана и за книжевната награда на „Јутарњи лист“. Со истата книга беше во најтесен избор за престижната британска “Independent Foreign Fiction Prize”, заедно со великани како Исмаил Кадаре, а ја доби “Independent Foreign Fiction Readers Prize”. “Sonnenschein”, на англиски јазик објавен под насловот “Trieste“ веќе е преведен на десетина јазици. Во Франција, доживеа издание кај престижниот „Галимар“, еден од најугледните светски издавачи, и тоа како еден од ретките автори од балканските простори. По преводот во САД се објавија афирмативни рецензии во „Њујорк Тајмс“, „Стар“, „Трибјун“...

Книгата “Лајка формат” во 2004 година беше номинирана за наградите “Вјесник”, „Јутарњи лист”, „Владимир Назор” и „Киклоп” и преведена е на шест јазици. Во Македонија оваа книга ја објави издавачот Готен.

„Април во Берлин”, во 2010 година повторно беше номинирана за сите реномирани хрватски награди и е преведена на повеќе јазици.

Во мај 2014 година беше гостинка на Фестивалот Про-за Балкан во Скопје каде ја доби наградата „Прозарт“.

Книгите на Дрндиќ се добро познати и вреднувани од публиката и од страна на меѓународната и балканската критика. Со своите дела, особено со романот „Лајка формат“(2003), документарниот роман „Sonnenschein" (2007), или „Април во Берлин“(2009) се наметна со својот препознатлив, богато иновативен стил и слоевито авторско писмо.

Во романот „Sonnenschien“ на Дрндиќ од 2007 година, кој беше објавен на англиски јазик под наслов „Трст“ и кој е добитник на наградата за најдобар странски роман (Independent foreign fiction prize), една жена чека да биде повторно да го види својот син, 62 години откако ѝ бил одземен од нацистичките власти. Користејќи сè, од судски записници до фотографии, таа во овој роман ги утврдува и прикажува ужасите на Холокаустот. Исто така, Дрндиќ ги наведува и имињата на околу 9.000 Евреи кои биле депортирани од Италија или убиени од Италија за време на војната.

„Неодамна во Шарлотсвил, но и насекаде низ Европа и пошироко, екстремната десница е сè повеќе присутна, за среќа сè уште се движи на прсти и во „les petits pas“, што, се разбира, не ја прави помалку опасна. Нема мали фашизми, нема мали, бенигни нацизми ", рече таа. „За тоа се обидувам да зборувам во моите книги, за важноста на сеќавањето. Во оваа ера на агресивен ревизионизам - кој има тенденција да ги измие нашите веќе оштетени, деформирани умови - без меморија, ние сме лесен плен за манипулација, го губиме идентитетот ".

Објавувајќи ја веста за нејзината смрт, „Гардијан“ напиша: „Илустрирајќи ги големите злосторства на 20-от век, таа се здоби со меѓународно признание за начинот на нејзиното пишување кој често беше брутален, но истовремено и прекрасен".

„Бестрашното и бескомпромисно пишување на Дрндиќ никогаш не им дозволувало на нејзините читатели да ја свртат главата од вистината, од фактите за најлошите злосторства на 20 – от век, за кои, сепак ретко се зборува. „Секое име носи приказна" е рефрен што се провлекува низ нејзините книги, кои содржат списоци, табели, фотографии, семејни истории ", вели Катерина Биленберг, издавачката на Дрндиќ во Велика Британија.

Нејзини два последни романи се „Belladonna" (2012) и „EEG" (2016).

Во „Белладона“, минатиот месец прогласен од „Гардијан“ за еден од најдобрите нови европски романи преведен на англиски јазик, Дрндиќ пишува за битката со ракот на еден стар човек. Нејзиниот издавач во Хрватска од „Фрактура“, Сеид Сердаревиќ, изјави за Гардијан дека читањето на нејзините книги е како „цело време емотивно да ве удираат во стомакот".

Во својот последен роман „ЕЕГ“, објавен во ноември, минатата година, Дрндиќ пишува: „Историјата се сеќава на имињата на криминалците, а имињата на жртвите се заборавени".

Слични содржини

Книжевност / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Книжевност / Екологија / Живот / Историја
Книжевност / Психологија / Живот / Култура
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото