Санаториумска балада

08.06.2018 13:22

1.

Еден Циган без цигулка
Еден Циган без Циганка
Еден Циган без дружина
донесоа денеска

Замижано над постела
тој стегаше раце суви
борејќи се со некого
заздиван
Па наеднаш грабна дизгин
невидлив и атот игрив
го потера сиот в пот
и распеан
Но в час коњот се исплаши
и се сопна Тој извика
на уста со топла пена
румена
Не го крена коњот сакан
Не намести нови жици
Под чергата в пламен сета
замолча

Еден Циган без дружина
еден Циган без Циганка
еден Циган без цигулка
однесоа денеска.

 

2.

Еден Циган со цигулка
Еден Циган со Циганка
Еден Циган со дружина
го бараше другарот

Цела вечер дружината
цела вечер Циганката
цела вечер цигулката
викаа по Циганот

 

3.

На крај село куп од земја
стара цигулка на неа
место име, место знак

Ноќе ветрот цигулката
ја искрева над класјето
и плаче по патот зелен
што ги скри Циганите

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото