Претседателот и имигрантите

29.06.2018 00:59
Претседателот и имигрантите

Американските имгирациски службеници, минатиот месец го одвоиле од татко му петгодишното момче Хозе од Хондурас, откако тие двајца ја преминале границата кај Ел Паса. Таткото е префрлен во логор. Хозе, потполно сам, бил ставен во авион што летал за Мичиген и сместен е во семејството на љубезни, но воздржани странци. Ноќе, во својата спална соба, на градите стискал еден лист хартија на кој си го нацртал своето семејство – мајката, браќата и сестрата во Хондурас, каде се шири епдемија на насилство меѓу клановите, и таткото, кој сега е во американски затвор.

Тој цело време не престанува да прашува: „Кога ќе си го видам татко ми?“.

Неволјите на Хозе – рутинска последица на имиграциската политика на администрацијата на Трамп да ги раздвојува децата од родителите кои во САД влегуваат без потребните документи – ме потсети на разговорот помеѓу Хенри Кисинџер и Рут К. Вестхајмер што го слушнав пред неколку години.

Бевме во Њујорк, како гости на вечерата приредена во чест на германската канцеларка Ангела Меркел, за која напишав опширен текст. На масата седеа ликови кои доаѓаа од американската и од германската надворешна политика, и можев лесно да разберам зошто е поканет и доктор К., но ми беше мистерија зошто е тука и др. Рут, неа ја познавав од телевизија само како ситната терапевтка за секс.

Тоа беше есента, 2015 година, во врвот на мигрантската криза во Европа. Германија соопшти дека ќе прими еден милион бегалци, од кои најголемиот дел бегаа од граѓанската војна во Сирија. Меркел доживеа тешки критики заради таа одлука и додека нè послужуваа со супата, Кисинџер – во тоа време на возраст од 92 години, осум децении подалеку од своето сопствено искуство на еврејски бегалец од нацистичка Германија – пред Меркел си кажа сè што му лежеше на срцето. Се разбира, тој рече дека може да се восхитува на човечкиот импулс да се спаси некоја личност, но да се спасат милиони? Тоа би ја „променило“ германската цивилизација.

Тоа би било, рече Кисинџер, како Римјаните да им дозволат на варварите да влезат внатре во градските порти. Меркел го слушаше на нејзиниот својствен фокусиран начин и не му се спротивставуваше, освен што рече: „А имаме ли друг избор?“

Кога заврши Кисинџер, кој седеше од десната страна на канцеларката, Меркел се сврте кон др. Рут од нејзината лева страна и ја праша дали таа има нешто да додаде на ова? Др. Рут е пет години помлада од Кисинџер и толку е ситна што нејзините нозе не достигаа до подот. (Од мене бараше да ѝ ја приближам столицата до масата за да може да ја јаде супата).

Изгледа дека др. Рут имаше нешто да додаде. Нејзиниот висок, весел франкфуртски акцент ми беше познат колку и акцентот на Кисинџер кој беше тмурен, грлен, баварски, но таа почна тивко, речеси како да се извинува, како да не сакаше премногу да се повикува на авторитет за тема која нема никаква врска со оргазми.

Др. Рут ни раскажа приказна за Евиан конференцијата на Женевското езеро во јули 1938 година, каде што се состанале земјите од целиот свет за да разговараат за проблемите на Евреите во Германија. На крајот на конференцијата, само една земја – Доминиканска Република – се согласила да прими значителен број еврејски бегалци.

Сите останати, вклучувајќи ги и САД, се извинувале со различни причини.

Четири месеци по неуспехот на Евиан конференцијата, во ноември, се случила Кристалната ноќ. Во тоа време Карола Рут Зигел била десетгодишно еврејско девојче што живеело со родителите во Франкфурт. Нацистите се појавиле пред нивниот стан со налог за апсење на нејзиниот татко, имотен трговец. Додека го уфрлале во каминот покриен со церада, Рут го гледала сето тоа од прозорецот. Му мавнала и тој ѝ одмавнал. Потоа ѝ се насмеал за да не заплаче. Никогаш повеќе не го видела. По два месеци, во јануари 1939 година, мајка ѝ ја сместила во воз кој одел за Швајцарија заедно со други германски еврејски деца, тоа било дел од тнр. „Киндертранспорт“. Мајка ѝ ја прегрнала на платформата, ни раскажуваше др. Рут - на Ангела Меркел и нам останатите, а таа додека се возела во возот, за да не плаче, почнала да пее песни што ја потсетувале на некои посреќни времиња. Др. Рут ја преживела војната и Холокаустот во Швајцарија. Нејзините родители никогаш не се вратиле од нацистичките логори на смртта.

„Не ни помогна Евиан конференцијата“, рече Рут. „Да не беше Киндертранспортот, јас денес немаше да бидам овде. Се надевам од вечерашниов разговор ќе се изроди нешто повеќе за сириските бегалци отколку што за нас беше Евиан“. Во тој момент гледаше право во Кисинџер.

Тогаш сфатив зошто Ангела Меркел сакаше др. Рут да присуствува на таа вечера. Немаше ни трага од обвинување во нејзиниот глас – цело време само ја раскажуваше својата приказна со тој полуизвинувачки тон – но никој, а најмалку Кисинџер, не ја пропушти нејзината поента: Вие и јас сме исти, сите сме исти, исти како и Сиријците. Јас тоа не сум го заборавила. А вие?

Во собата завладеа тишина. Потоа разговорот се префрли на американската политика, изборите за претседателски кандидати беа за само неколку месеци и, иако Трамп веќе беше медиумска сензација, сè уште не беше очигледен фаворит. Меркел сакаше да знае дали може да се случи тој да победи. Експертите за американска политика беа едногласни – нема шанси. Трамп брзо ќе го снема, а Републиканската партија ќе се консолидира околу главниот кандидат Џеб Буш, или можеби Тед Круз.

Нивното долгогодишно искуство во политиката и надворешната политика не им даваше никаков повод да поверуваат дека администрацијата на претседателот Трамп неколку години подоцна ќе раздвојува илјадници бегалски деца од нивните родители. Не за да ги спасат, како што тоа го правел Киндертранспортот, туку заради бесрамна свирепост и за да ги обесхрабрат останатите родители да се обидат да ја преминат американската граница заедно со своите деца.

Др. Рут до крајот на вечерата повеќе не проговори. Веќе ни кажа сè што сакаше да слушнеме.

Извор: The New Yorker

 

ОкоБоли главаВицФото