Писмо на неизлечивата болна

30.06.2018 00:58
Писмо на неизлечивата болна

Вие еротски чудовишта,

не се сомневам, би ви било чудно кога само би биле свесни како со вашите пискави сексови, дивјачки крици и идиотско однесување повторно ми го направивте животот интересен, а веќе со години ми е доста од него. Се разбира, доста ми е само од страдањето, од животот никогаш не ми е доста. Прво ме нервиравте и ми се гадеше од вас, потоа ми пречевте, сакав да спијам, ама јас и онака не можам да спијам, па ми станавте смешни, потоа, моето тело накратко заборави на болката и ми прати благ сигнал за возбуда, можеби навестување на задоволство, па јасно сеќавање на задоволството, желба за допир и конечно допир. Размислував за телесната љубов, за животинското меѓу вас, нас, животинско на убав начин, за тоа што го имав во првата младост, ама тогаш не знаев колку жестоко и алчно требаше да го зграбам тој живот, затоа што ќе го снема, незабележливо, како бело во бело, како вода во вода. И сакав да бидам вулгарна, непристојна, ексцесна, сакав да пламнам и да ги заборавам мислите и главата и екстремитетите. Сега веќе не ми е страв, би знаела да се предадам и не би прашувала по која цена. Болеста ме подготви за љубов, а обете се неизлечиви.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш (вака планирам да си го разгалам телото):
Ќе водам љубов на отворено на највисок кат, на врвот од градот, меѓу облаците.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов во шума во прегратка со маж и стебло.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов во чамец на отворено море.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов со убава и паметна жена со пријатен глас.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов со добро и силно момче со темен тен и велик пенис.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов во море.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов со некој што првпат води љубов.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Ќе водам љубов на кујнска маса.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Почесто ќе водам љубов во поза 69.
Иако знам дека нема да оздравам, ако некогаш оздравам, тогаш:
Нема да имам побитна обврска од таа
Да водам љубов секој ден со тој што го сакам секој ден.

превод: Румена Бужаровска

 

Оља Савичевиќ Иванчевиќ е прозаистка и поетеса од Сплит, Хрватска. Таа е една од најистакнатите регионални писатели и е годинешната лауреатка на фестивалот Друга приказна. Овој извадок е од нејзиниот последен роман, Пејач во ноќта, љубовно патешествие низ градовите на поранешна Југославија, квази-сентиментална романса со елементи на сапуница напишана во извонредно свеж, духовит и сликовит стил – какви што се и главните ликови во оваа сјајно скокотлива, возбудлива и трогателна приказна.

Р.Б