Професионален Сирано

16.03.2018 01:38
Професионален Сирано

Секој е, велат, добар во нешто. Хелио Башиќ е добар ебиветер. И сега му е сè смешно, иако седи во локалната полициска станица, валкан и претепан. Од хромираниот столб му се клешти сопствениот искривен одраз.

Динамично е уредена таа соба во полициската со раштркани столпчиња и тавански халогенки кои зјапаат во него наместо злогласните џандарски рефлектори.

Речиси домашна атмосфера: теписон – фикус – класери – фиоки – решо, а на ѕидовите плакати од Валканиот Хери, Мајк Торело и зајачицата од јулскиот „Плејбој“ во полициска униформа... хммм, всушност без униформа, со капа, чизми и пендрек.

Но, повеќе од тоа Хелио го весели неговиот домаќин, инспекторот Џирлиќ Џирло, стамен маж со шармантен мустаќ и со цврсто држење, сериозен божем пред него седи сериски ограбувач на банки.

– Значи Вие, Башиќ, ништо не работите? Триесет години, невработен. А стан, нова кола... Богати, ко тие ствари да се добиваат бесплатно... или шверцаш, дилаш?

Дал му е ова офанзивна или дефанзивна тактика, си мисли Хелио.

– Ма дааа... дилам?! Откај Ви таа идеја?! Грубо сум навреден. Ја сум од добрите момци, уметник, господине Џирлиќ.

– Инспектор Џирлиќ, за странките.

– Веќе Ви реков, инспекторе Џирлиќ, пишуем љубовни писма по нарачка. За добра пара.

– На црно?

– А ете, не знаев дека треба да регистрирам фирма.

– Сега и ме дупиш, пич – го погледна Џирло под веѓи, па ненадејно му се внесе в лице. – А зборат дека си ти хо-мо-сексуалец!

Сепак офанзивна.

– И што викаат? Добар ли сум? – се смешка Хелио.

– Ај, немој за јајца да те бесам, што викаат... Викаат, викаат... Ја викам: како може педер да им пишува љубовни писма на жени?! Слушај ваму! – се накашла Џирло и почнува на глас да чита од светлосината хартија:

– ... Само еднаш да го почувствувам мирисот на твоите гради, да запловам меѓу твоите бедра и да го испијам... хмм... морето од твојата сребрена... хмм... растреперена шко... ова школка ли е? Растреперена школка. Па потем времето нека сопре, нека вкусот на љубовната гозба засекогаш остане на нашите усни...

Инспекторот ја спушти хартијата, па подзамижано го погледна мршавиот тип кој инстинктивно си ја лижеше болната, расечена долна усна:

– Ти тврдиш: под а – дека тие писма ти си ги пишуел; под б – дека од тоа добро си живеел и под в – дека поради тоа те претепале. А ја не ти веруем ни под а, ни под б – тоа па ич, а со самото тоа ни под в! Ни по една точка не ти веруем, сега шо праиме?

– Инспектор Џирлиќ, и пак нагласуем дека во овој случај ја сум жртва, а уз тоа да се напомене – ја и не ве викав, оној Вашион колега случајно налета.

– Налета?! Си се дерел ко луд додека оние двајца те шутирале. Ко татко да си им убил! Да не улетал колегата, ќе наебеше ко никој мој Башиќу, бубрезите по дрва ќе се ги бараше. А, све ми се чини... да не е тоа некоја ваша хо- мосексуална афера?

Хелио се исклешти од уво до уво. Ќе треба овде такт. Овој смотан инспектор Џирлиќ и тоа како му треба, доколку не мисли до утре да се пресели на Нов Зеланд. А не мисли. Никако.

Работата добро му одеше, а со неа под рака и емотивниот живот. Зрачеше со успех и на него каменот и сексот се лепеа како врз испотена цицка на кафеанска пејачка. А некој вид пејачка и стана пред само година дена.


***
Пред само година дена беше оставен, без ебана банка и на чекор до самоубиство. Неговата единствена збирка песни Љубовни злостори, горчлив плод на една бедна зима, беше темелно премолчена и, да има апсурд – ја сакаа жените.

Од заспаниот младич на Весна Парун во нашата книжевност не се појавила таква химна на машката убавина.

Го сакаа до последниот стих и дрските Ани и сонливи- те Марии, голите Маи ја оставаа невиноста меѓу нејзините корици, ја читаа убави госпоѓи и благопрекорно воздивнуваа при погледот на сопругот кој ’рчеше, а штитеничките во манастирот ја криеја во навлаките од перниците и очајно се вљубуваа за време на мисата, една по една, во зеленоокиот министрант ни малку сличен на Спасителот.

Ги прочита Љубовните злостори и младата госпоѓа Певалица. Ги стави на ноќното масиче, погледна на саатчето, го цмокна господинот Певалица и двете дечиња па весело тргна на новата работа. Во прегратките на својот работодавец.

Во следниот чин го гледаме господинот Певалица пред вратата на тогаш скромниот Хелиов дом. Чук-чук. Нашиот поет, кој моментно се крие од газдарицата и од неколкумина нељубезни луѓе, ѕирка низ малата завеса, внимателно ја отвора вратата. Пладне е, Хелио е тукушто разбуден, ја нашол и ја облекол само десната папуча, нагрнал наметка преку боксерките, шеретски се потпира на касата од вратата:

– Ви треба некој?!

– Господин Башиќ?

– Присутен.

Певалица е вознемирен, се осврнува околу себе:

– Драг Башиќу, дали би можеле на минутка внатре!? Во прашање е работа од интимна природа, многу деликат- на... Не грижете се, чесно ќе Ве хонорирам.

– Ма слушајте Вие...

– Певалица. Инженер Певалица.

– Моеш да бидеш шо сакаш, ама ја не се ебам за камен! Ја сум поет, не некој џанкер од паркче! Срам ве било, така озбилен чоек... а и не сте мој тип, пуно сте ми, шо знам, пифтиести.

– Но Башиќу... – Певалица буквално го истурка во ста- нот. – Човеку, погрешно сфативте. О, Боже!

Типот седна на каучот, го зари лицето во дланките и заплака.

– Еј, ајде, ајде, првиот пат е најтешко, посебно во тие години, хмм, како не бе. А глеаш, мојот coming out беше...

– Чујте, ма слушајте, пријателе, мене ми треба тоа писмо... – се прибра Певалица и ја отвори душата – Можеби тоа е погрешен, можеби очајнички потег, но мојата сопру- га ми замерува, таа всушност баш тоа и најмногу ми го замерува, зашто јас, знаеш, не сум романтичен. Таа тебе, Вас, на пример, Ве смета за романтичен, тие Ваши дела... Проблем е што госпоѓата се заљубила. Јас го знам, обичен шупак, пријателе. Можеби тој ѝ е романтичен?! А јас правам грешки. Ѝ купувам проклети тенџериња од инокс за роденден...

– А ме изненадивте. Полни сте, како да кажам, изненадувања. Ама не го сфаќам линкот, шо врска иам ја со тоа?

– Хех да, простете. Значи, јас Ве молам за неколку смислени реченици, за едно романтично љубовно писменце кое можеби ќе ми помогне да ја вратам, мојата сопруга. Како што предложив, готов сум да платам колку барате, без оглед на исходот...

...без оглед на исходот, мила моја, го завршуваше истата вечер писмото Хелио Башиќ, секогаш ќе те љубам до болка. Тебе, најубавата жена на светот, мојата светлина, единствената љубов на ова лудо, отфрлено срце, кое, се плашам, од очај ќе сопре, ако сепак заминеш кај друг, баш како во тажните песни кои порано сакавме да ги слушаме, во врелите ноќи полни ѕвезди, ветре и славеи...


***
И тоа всушност беше почеток на бизнисот со љубовни писма.

Храбрен со сопствениот благослов на очајник кој нема што да загуби, а и за лична веселба и опуштање, Хелио ја огласи својата услуга на интернет и во познато списание за мажи. И, види чудо – работата цутеше! А цветот на младото претприемништво замириса под прозорците, скалите и вратите на многу припаднички на поубавиот пол. Некои баш и немаа премногу разбирање за поетичните епистоли на своите обожаватели и додворувачи, но кај мнозинството тие нежни, патетични, страсни писма, ако не баш љубовта во срцето, а тогаш барем им ја вратија насмевката на лицето и ги смекна за еден попомирлив однос кон спротивниот пол. Повеќе пати се докажа и она дека убавиот збор и вратата од спалната соба ја отвора.

А потоа се измори од пустите емоции. Сите тие туѓи љубови наликуваа една на друга. Сите можеа да се подредат во неколку категории. Статистиката според побарувањата беше ваква:

тајни обожаватели 32%

пригодни (годишнини, родендени, Св. Валентин, Осми март, и сл.) 25% заводници а) на слободни жени; б) на зафатени жени 18,5%

оставени мажи и презрени љубовници 17% сексуални манијаци 5,5 %

мативоди 2%

Во почетокот на минатото лето му падна на памет одлична деловна идеја. Ги извлече од напишаните писма најдобрите фрази, најзвучните рефрени, ефектните уводи и бравурозните завршетоци – направи шест обрасци за шест најдобри љубовни писма, за шесте вида побарувања.

Беше тоа деловен потфат кој му ги наполни џебовите и кој во влажниот есенски ден го донесе во оваа станица пред инспекторот Џирлиќ.

– Па шо се деси, Крлежа? – го прашува сега начитаниот Џирло, воздржано заинтересиран.

– Ги измешав обрасците за госпоѓа Палаверса! Знаете, понекад се дешаваат и тие двојни нарачки. Углавно, и на мажот и на љубовникот на истата госпожа им даов писма по образецот број 5. Имав луд ден, фрка.

– Број 5?

– Е, петката е за овие лудациве, сексуалните. А замисли ѝ ја фацата коа тоа го добила прво од едниот па од другиот! Да пукнеш од смеење! Углавно, Палаверса се нафурала дека они се во некој дил, дека ја заебаваат, коваат одмазда... Попиздила и му се излајала на мажот. Тој кај љубовникот, а двајцата кај мене. На мртво ќе ме претепаа, ко шо рековте: бубрезите по дрва, ако полицијата не реагираше промптно. Ај кажете ми, инспектор Џирлиќ, има ли тука правда и морал, така да се претепа недолжен граѓанин!? Ја парите поштено ќе им ги вратев!

– Само ти не ми збори за морал, знаеме ние кој си и шо си! Ама, закон си е, нели, закон. Ние ќе те пазиме, можеме и нив казнено да ги гониме, ако ги тужиш, а ти престани со тие твои писанија! Слушаш? Немој пак модар да ми доаѓаш! А гитла да не те видам!

– Шибаааам! – потскокна Хелио од столчето и весело му намигна на инспекторот.

Овој се сепна. Но потоа набрзина се фрли по Хелио и го фати за мишка.

Младичот вресна:

– Ма шо ти е, не ти мигав така!

– Ќути будало, некој да не нè чуе! – во грчовит полушепот почна Џирло – Има една мала, работи доле на врата, дообра! Се гледаме, се пошалуваме, онака. Ама ја не сум ти баш да знам да ѝ пријдам на некоја женска, ако ме сфаќаш. Малку сум смотан, се бунам... Па ако ти би можел нешто да напишеш, да дојде она со мене на пијачка? Многу ми е драга...

– Образец 3 – тоа Ви треба! Дискреција гарантирана!

– Каков образец?! Само немој нешто простачки. Ама нека е еротично, тоа жените го сакаат – се провртка инспекторот. – На пример, стави некоја растреперена школка!


Превод: Игор Исаковски

Фотографии: David Zaitz

Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

 


 

ОкоБоли главаВицФото