„Учествуваме, Застапуваме, Менуваме“ јавен настан на ЈАДРО во Охрид

21.07.2018 15:04
„Учествуваме, Застапуваме, Менуваме“ јавен настан на ЈАДРО во Охрид

Во рамки на проектот „Учествуваме, Застапуваме, Менуваме – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модeл на институција на јавно-цивилно партнерство“, ЈАДРО -асоцијацијата на независната културна сцена на 20 јули го реализираше третиот јавен настан, како дел од програмата на фестивалот „Beach Film Festival“, во организација на Медиа Артес-Охрид, членка на ЈАДРО.

Во Филмска академија во Охрид се одржа работилница за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство со граѓански здруженија од охридскиот регион и со претставници на Општина Охрид.

„Можни се други начини на дејствување, содружништво и поврзување помеѓу локалната или централната власт и граѓаните. Модераторот Анита Ивковиќ рече дека општеството кое не сака да ја види важоста на овие начини на организирање, всушност не сака демократија. „Локалните власти многу брзо ќе се соочот со вакви барања од страна на ЕУ, со која ќе почнеме преговори. Овие начини на соработка со граѓаните ги бара ЕУ и ако не за една, тогаш за три или пет години ќе треба да се работи на ова“, рече Ивковиќ.

Таа ја претстави новата институција Центар - Јадро, која засега е единствен вид на јавно - цивилно партнерство во Македонија, а која се разви како соработка помеѓу Општина Центар и асоцијацијата за независна културна сцена ЈАДРО.

„Со ова ќе се обединат локалните и националните иницијативи, таа ќе биде сервис на организациите од независната културна сцена со што ќе се поддржи нивната продукциска и репрезентативна дејност, институцијата развива проектна и продукциска дејност - заеднички културни активности и поттикнува културна размена, таа ќе има и улогата на институција која служи како поддршка на развојот на сцената, вклучувајки ги организациите и поединците кои не дејствуваат во сферата на културата, младите луѓе, активистите, и поширокиот граѓански сектор и пошироката заедница“, рече Ивковиќ.

Беа поставени прашања како овој начин на организирање да се заштити од партиските влијанија, дали општината треба да обезбедува буџет или организациите и други. Ваквиот модел на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанска мрежа овозможува децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Што се однесува до начинот на организирање на јавното – цивилно партнерство тоа треба да произлезе од потребите на граѓаните.

Јасмина Билаловиќ од Медиа Артес рече дека во тек е мапирање на конкретни потенцијални простори во Охрид и најави средба со Општина за да се преземат следни чекори за обезбедување на простор преку моделот на цивилно-јавно партнерство.

Во гимназијата „Св. Климент Охридски”, членовите на ЈАДРО одржаа културни интервенции во јавен простор.

Публиката ја виде финалната презентација од работилницата за креативна едукација на деца и младинци „Мојот свет”, под водство на Марија Дамјаноска (К.Ц. Медиа Артес) и Томе Станкоски (Beach Film Festival).

Потоа, членовите на Медиа Артес изведоа драмско читање на извадок од текстот „Против демократијата“ на авторот Естев Солер. Свој соло слем настап имаше поетесата Елена Пренџова, а визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ го изведе перформансот „Нема пари за кои нема да работам“.

На крајот се одежа промоција на изданија од едицијата „Лифт“, и едицијата на сликовници „Во пет кај вртелешките!“ од издавачката куќа „Темплум“. Изданијата ги претстави Никола Гелевски.

„Намерата на проектот „Учествуваме, Застапуваме, Менуваме“ е да ги претстави процесите на застапување во рамки на овој пионерски модел инициран во Скопје, преку серија на јавни презентации, работилници, културни интервенции и дебати, и истовремено во соработка со 5 партнерски организации (МКЦ-Битола, Стрип центар на Македонија-Велес, Љоја-Тетово, Медиа Артес-Охрид и ИНКА-Струга) да отпочне процес за развивање на модели со свои локални специфики за формирање на културно–општествени центри во Битола, Велес, Тетово, Охрид и Струга. На тој начин проектот ќе овозможи зацврстување на позицијата на граѓанските организации во културата и поширокиот граѓански сектор на локално ниво и ќе придонесува кон процесите за демократизација и демонополизација на јавната сфера“, велат од ЈАДРО.

Фотографии: А.Б.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото