За идентитетот

03.09.2018 01:57
За идентитетот

Вџашена сум од апокалиптичките ставови искажани од некои наши академици во странски часописи. Читам и си ги тријам очите, дали добро гледам или не, дали сум будна или е ова кошмар.

Не разбирам како може идентитетот туку-така да исчезне, да го снема и ние Македонците (не мислам само на Македонците во етничка смисла) повеќе да не постоиме. Не во смисла да бидеме егзекутирани физички, туку така во еден момент да престане да постои нашиот духовен идентитет од било која причина. Зарем не е вистина дека духовниот идентитет дури и смртта не може да го уништи? Па тогаш во што е проблемот?

Треба неколку работи да бидат јасни за да се направи малку ред во менталот после ваква голема нејаснотија и апсурдност на мислата. Ако еден идентитет е вистински, значи духовен, не може туку-така да исчезне. Колку повеќе се изложува на ветрометини тој јакне. А, во комуникација со други идентитети се потврдува и зрее и расте.

Значи, може туку–така да згасне не идентитет вистински, туку лажен. Бидејќи лажен идентитет нема супстанца, туку е како шуплива лушпа. Кога тој лажен идентитет минува низ големи искушенија како кога се менува насоката во движењето при крупни историски промени, или со пресвртници во еволуцијата, какви што сега искусуваме ние, тој едноставно не може да опстане, нема сила духовна, нема Сепство. А кога ќе се соочи со други духовни идентитети, други сепства на други народи тој се чувствува инфериорно, бидејќи нема нешто автентично да понуди како култура.

Оттаму процесот низ кој минува македонскиот идентитет може само да го зајакне и да го исчисти од лажни „вредности“ и толку. Секој човек со здрав разум, јасна мисла, добра волја и едноставно чувство го увидува тоа.

Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „Океанморе“ , 2018; „ Пламен“, 2018