Сонот на утопијата – надеж, бегство од реалноста или реализација на исконскиот стремеж?

22.01.2019 03:23
Сонот на утопијата – надеж, бегство од реалноста или реализација на исконскиот стремеж?

(Прв дел)

Третиот статус е состојба во која ние се издигнуваме прогресивно, надминувајќи ја битката за живот со заемно проголтување и опстанокот на најсилните во таа борба; оти има уште повеќе и повеќе опстанок со заемна помош и себе-усовршување со меѓусебно приспособување, размена и фузија.
Шри Ауробиндо

Дивеењето „...на не-онтолошкото ѝ го одзеде на уметноста сонот на утопијата.“ (Абаџиева, 2000: 6) Емоцијата, страста, екстазата, трагедијата во боените полиња на Марк Ротко (Mark Rothko) „се надминаа“, немаше повеќе интерес да се истражуваат боите и чувствата, реалноста на битието. Самодоволноста и уште повеќе возвишената мисија на ликовната уметност уште еднаш се укина, исто како што се укина автономијата на уметноста на руската авангарда кога теоретичарите на конструктивизмот и некои уметници „формата, јазикoт и говорoт на ликовната уметност ги приспособија на барањата на новото социо-политичко опкружување“ (Mijušković, 1998: 166-169). Поп-артот, ликовната уметност ја стави во служба на потрошувачкото општество.

Добротo нешто што се случи во постмодерната состојба е револтот на безбројните мали наративи против големите приказни, како што се: слепата верба во прогресот, просветителството или спасението, догматското слепило од било кој вид, па и вербата во монетарниот систем. Тие меганарации се доживуваа(т) како провидни концепти со кои центрите на моќ манипулираат и владеат. Но, лошата страна е во тоа што се индуцира и иницира едно плитко, лежерно и некритичко постоење – „сè поминува“.

Кунсумеризмот, забетониран во задоволствата кои ги пружа популарната култура, не беше навреме сфатен како многу успешна идеологија со која се спроведува уште поперфидна манипулација! Се има впечаток дека ако се бунтуваш против неолиберализмот, значи, против консумеризмот, е исто како да си против најдлабоките желби и задоволства на човекот!
Сето тоа води кон депресија и потреба од запрашаност за крајот на сонот на утопијата. Бидејќи неолиберализот е систем кој апсорбира и асимилира сè, а во суштината не се менува, тој ја проголта и идејата за утопијата, за веднаш да ја поврати како дистопија – црна дупка која вшмукува сè. Но, на почетокот на овој век, клатното се враќа во спротивна амплитуда, за да се возобнови духовното, оти, во минатиот век, сонот на Утопијата се доближи до стварноста!

I. Што е Утопијата?

Во исто време кога се поставуваа прашањата дали се наближува крајот на утопијата, веќе се градеа утописки проекти! Во Индија, во близината на градот Пондичери, Мира Алфаса (Mirra Alfassa) ја иницира реализацијата на визионерската градба – Ауровил (Auroville). Овој град, кој уште во својата инаугурација беше поддржан од УНЕСКО, на 28 фебруари 2018 година го прослави педесеттиот роденден, а денес има околу три илјади жители од педесетина нации и сè уште се смета за утописки. Во слична суптропска клима, но на другата страна на Земјата, на Флорида, во Венус се градеше проектот Венера (Venus project), експериментален центар за истражување и планирање на футуристичка визија за следната етапа на социјалната еволуција. Сонот на утопијата не може да умре, затоа што потрагата кон идеалот е длабоко втиснат стремеж во човекот. Нели е малку и понижувачки и деградирачки човекот да се ословува со „консумент“, односно да се сведува на таа функција? – прашува Жак Фреско (Jascque Fresco), авторот на проектот Венера. Ќе се запрашаме зашто и после големото „задоволство на масите“, покрај изобилството и високата естетизација во сите сегменти на развиентие општества, современиот човек и понатаму запаѓа во длабоки морални кризи? Дали тоа е последица на фактот дека во светот владее дисхармонија, сиромаштија и беспоштедна екплоатација (на луѓеото и природните ресурси)? Дали затоа што наметнување моќ од позиција на физичка сила е сè уште закон на оваа планета!? Затоа што ропството не е искоренето и во овој XXI век?!

И покрај тоа што индивидуи низ историјата имаа предложено разни идеални социјални уредувања – од Платоновата република до модерната Утопија, ниедна индустриска нација не одобрила план за уредување кој ќе ги унапредува животите на луѓето, ниту пак изградила навистина цивилизирана нација. Ова не е тешко да се разбере кога ќе се разгледаат принципите кои ги водат најголемиот број социјални системи. Владините принципи се засноваат врз сопствеништво и врз акумулација на богатство, моќ и посед (...) Неколку смели обиди за обединување на светот пропаднаа бидејќи лидерите на движењата немаа вистинско разбирање за силите кои ја обликуваат социјалната еволуција. Индикативно (забележително), тие трагаа кон решенија во рамките на монетарниот систем, никогаш не сфаќајќи дека природните ресурси, не парите, се она битното во умеењето, знаењето и способноста на социјалниот систем да ги одржи своите луѓе (Fresko, 2008: 26).

Проблемот е во крајно заостанатиот и нехуман монетарен систем, и тој треба да се промени. Но, како да се промени? Според Жак Фреско, досега низ историјата на човештвото само големи катастрофи, војни, глад, епидемии и други несреќи ги здружувале луѓето, ја буделе солидарноста во нив, заедничката неволја ги обединувала во хуманост. За жал, при евентуална следна голема катастрофа, можеби ќе биде доцна за обединување на човештвото, оти тоа можеби ќе биде и крајот на планетата! „Твоите идеи се утопија!“ му забележуваат на Жак Фреско. А тој им одговара дека, напротив, неговите идеи се применета технологија во служба на природата и човекот, економија базирана врз ресурси, а не врз монетарниот систем. Во согласност со постулатите на биоетиката, неговите идеи се заклетава за верност кон планетата Земја.


Насушната потреба од зачувување на планетата не е само поради тоа што треба да се заштитат природните ресурси за следните генерации, туку и заради нејзината убавина која ни носи естетско задоволство. Во девствената природа природните елемети се чисти, а кога тие интерферираат со брановите на истите неизвалкани елементи внатре во енергетските центри на човекот (земја, вода, оган, воздух, етер, и би додале, светлина и вистина, кои одговараат на повисоките/духовните центри во индиго, виолетова, бела и златна боја), се возобновува и продуховува неговиот елан –витал.

Кога виталот и духовното интерферираат, човекот ја преобразува својата природа. Тогаш на планетата Земја се откриваат пофини енергии и убавини. Таа се доживува како алегорија за рајот, како што за неа се изразуваат суфиите.

II. Четири статуси на животот

Луѓето како еволутивни битија ги поминуваат фазите на еволуција на живиот свет на Земјата: од примордијален мрaк, преку предаторски односи, до свесни битија со заемна соработа, за да се остварат на крај како психички- духовни битија. Клучниот момент на преобразба на природата на човекот се случува кога потребата за меѓусебно голтање, нагонот за поседување, наметнување физичка сила и моќ, што често застрануваат до ненаситност и алчност во големи размери, се надминува и се трансформира во соработка, сочувство, емпатија, љубов – премин од вториот кон третиот и потоа во четвртиот статус на животот. Преминот во повисок статус значи ставот да се биде да превладее во однос на она да се има, да се надмине алчноста, лакомоста, култот кон фетишот.

Toa е еволутивен процес кој не може да се сопре. Бавно се одвива во човештвото, но не може да запре. Преобразбата секогаш е нужно тројна (во физичкото тело, виталот и умот), но преобразбата во физичкото тело (материјата), а во организмот во клетката, е супстанцата на новото ткиво. Виталот не може да достигне флуидност и свежина, а умот чистота без оваа пребразба!

III. Преобразба на физичко ниво, во клетката – база за преобразаба на умот и виталот

Виталноста на клетката го прави организмот витален. Клетката е основна органска единица со интегрален живот, која покрај сложените функции што ги извршува во процесот на метаболизмот, како и при митозата, има уште една, друга, помалку истражена страна. Таа помалку истражена природа е психологијата на клетката која се потврдува преку нејзините реакции кон негативни или позитивни психолошки состојби, емоции и влијанија. Психичкиот стрес, болеста на современиот човек влијае крајно деструктивно на структурата на клетката. Обратното – радоста, мирот, хармонијата, љубовта, го стимулираат самообновувањето на клетката, со што се потврдува вистината за психолошките особини на клетката. За преобразбата и чудото во клетката сведочи Мира Алфаса. (Satprem, 1977).

Отфрлањето на антропоцентризмот (или, попрецизно, андроцентризмот) и декартовско-њутновскиот механицистички светоглед и прифаќањето на органско-холистичката парадигма се во основата и на постулатите на радикалната екологија. Длабоката екологија смета дека треба да се случи радикална промена на парадигмата на западните општества, а ќе се оствари само преку самосвеста, низ процесот на самоспознание на човекот. Екофеминизмот и социјалната екологија, причината за кризата (и за сите неволји на човештвото) ја гледаат во социјалната доминација, во поделеноста на општеството на супериорни и инфериорни и во доминацијата над природата и се заложуваат за принципите на новата светска демократија „која вклучува еднакво вреднување на сите видови (човечки и нечовечки), на луѓе и култури, зачувување на културниот и биолошко/еколошкиот диверзитет и зачувување на локалната економија.“ (Вандава Шива, Vandava Shiva, цитирано според Popović, 2001:443)

Заеднички став на радикалните екологии е дека треба да се случи еден вид просветлување, еколошка мудрост, длабока промена во свеста на човекот, во неговиот светоглед и во уредувањето на општеството. Моралните квалитети како грижа, заедништво, соработка, доверба, солидарност, растеж, подигање, негување, заштита, закрила, нега, го ткаат новото ткиво на текстурата во односите кои добиваат сè поголемо значење (во третиот статус). Самата дисциплина длабока екологија во теоријата ја воведе норвешкиот филозоф Арне Нес (Arne Naess) кој филозофското извориште го најде во филозофијата на Спиноза. Според него екоцентризмот се наложува не толку како одговор на прашањето „Што е нашата должност?“ колку на прашањето „Која е смислата на нашето постоење?“ Како одговор на тоа прашање тој ја развива својата теорија за само-реализацијата: смислата на човековиот живот е да го реализира својт потенцијал на тој начин што ќе се идентификува со пошироката заедница, целото човештво и целиот еко-систем, дури и со целата планета и универзумот.

IV. Сочувство, емпатија и љубов

Во мојата иконографија две бои означуваат и симболизираат еволутивна трансформација (динамика) во најзгуснато ниво, на „материјален план“. Оваа синтагма ја ставам во наводници, оти тој план навистина е голема мистерија за уметниците исто како што е и за научниците физичари. Колку што е конкретна, толку е и апстрактна категорија! Станува збор за згусната структура, аналогно на густа паста и текстура во една слика или структурата во атомите за физичарите. Во таа згусната структура на нештата е базата за трансформација, кога е обоена со две бои. Бордото (кон вишна) е боја на сочувството, емпатијата и добрината, златната е боја на мудроста, божествената љубов и топлината. На овие бои одговара вибрација на звук со ниска фрекфенција...

                           ПРЕОБРАЗБА

Тие бои потсетуваат на придушена светлина на мал пламен на кандило покрај икона и топлината што зрачи во тој амбиент. Многу дрвни бои се, како да се самите бои на молитвата и мантрата. Би рекле дека се самите бои на Буда и Исус, двете најзначајни духовни личности за поновата историја на човештвото. Во суфизмот кандилото кое свети во вдлабнатината на ѕидот го симболизира битието на просветлениот човек (светец, wālī) кое пламти благодарение на маслото од маслиновото дрво – неговото чисто срце.

На таблата која го означува Центарот за индиска култура во градот Ауровил, ги препознав истите две бои: златна и темноцрвена-бордо, како во она мое дело Преобразба.

Црвена боја, како згусната и многу древна, добива темна нијаса – бордо. Златната боја, исто така, е згусната до паста. Бидејќи до густината на исконската црвена се поставува згусната златна, се фузира со неа и ја преобразува, го преобразува тој план во суптилен материјален, и обратно, згуснатиот план во бордо боја преминува во злато, суво. Згусната суптилност (или суптилна згуснатост) е уште една возбудлива синтагма која ја означува преобразбата.

До главната станица на преобразбата – големо прекршување и преструктуирање, имено, како што железничкиот работник ги придвижува шините на пругите за да се пренaсочи движењето на возовите – стигнуваме кога ги прифаќаме како животен став и поставеност кон светот сочувството, емпатијата и љубовта. Би рекла дека тоа е самата срж на секоја изворна духовност. Моја заложба е ревитализација на изворната духовност и како таа да се интегрира во современиот контекст. Тоа, со други зборови кажано, значи како да се надмине заблудата околу моќта на лажните авторитети во корист на моќта на психички-духовното битие, моќ што тивко ги придвижува нештата однатре! Духовното се чисти од окултизмот и од секакви празноверија и суеверија кои се во суштината (во темелот) и на владеењето на лажните авторитети. Сите центри на моќ се лажни авторитети! И обратно: сите лажни авторитети се центри на некаква „моќ“. Само-реализација значи секој човек во себе да го изгради психичи-духовното битие; малечкиот пламен што го носи во себе да го развие во голем оган, силно Себство. Само Тоа е за мене вистинскиот авторитет.

(Продолжува)

Слики: Татјана Миљовска, Преобразба, 2006 и од циклусот Езерото Манасаровар, декември 2018.

Трудот е изработен како семинарска работа по предметот Еко-културни теории, на Културолошките студии при Институтот за македонска литература. Објавен е во списанието Контекст бр. 15/2017. Текстот што се објавува на Окно е малку изменета и проширена верзија.

Користена литература:

Абаџиева, Соња. 2000. „ Збогум на утопијата?“. Големото стакло – списание за визуелна
уметност. Скопје: Музеј на современа уметност.
Sri Aurobindo. 2005. The Life Divine. Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press.
Krišnamurti, Džidu. 1986. Neophodnost promene. Novi Sad : Književna zajednica Novog Sada.
Лиотар, Жан-Франсоа. 2007. Постмодерна состојба. Превод: Деспина Ангеловска. Скопје: Аз-Буки.
Mathews,Freya. Environmental Philosophy. Available from:
https://www.researchgate.net/publication/305702378_Environmental_Philosophy . [accessed Nov 15 2018].
Mijušković, Slobodan. 1998. „Ka konstruktivističko – proizvodnoj paradigmi“. Vo Od samodovoljnosti do smrti slikarstva – Umetničke teorije (i prakse) ruske avangarde. (Elektronsko izdanje autora). Beograd: Geopoetika.
<https://monoskop.org/images/e/e1/Mijuskovic_Slobodan_Od_samodovoljnosti_do_
smrt_slikarstva.pdf >
Popović, Dragana. 2001. “Rod i ekologija”. Vo Malojević I. & S.Markov (ur.) Uvod u rodne teorije.
Novi Sad: Mediteran Publishing.
Satprem, Nandanam (ed). 1977. Mother’s Agenda – Vol.VI (1965). Paris: Institute Recherches Evolutives. < http://www.marrabliss.com/uploads/1/7/7/9/17790039/agenda.pdf >
Fresko, Jack. 2008. The best that money can’t buy : beyond politics, poverty & war. Venus FL: Global Cyber – Visions.
Šuvaković, Miško. 2012. Konceptualna umetnost. Novi Sad : Muzej savremene umetnosti Vojvodine.
Алерт! Пред портите на моќта – очекувајте исклучување. Програма на Крик – фестивал
за критичка кулура. Музеј на современа уметност – Скоје, декември 2018.