За новата ера

18.09.2018 01:56
За новата ера

Во новата ера која надоаѓа после постмодерната клучно е еколошкото просветлување. Можеби ќе се нарече еколошка ера: антропоцентризмот се заменува со биоцентризам, или, дури и со физиоцентризам. Добрите нешта од модерната и постмодерната се прифаќат, а се отфрлаат лошите, освен тоа, некои духовни струи избиваат во прв план.

Запоставените вредности како грижа, сочувство, емпатија, соработка (наспроти натпревар), пријателство, топлина, разбирање, конструктивен пристап, растеж, интуиција, едноставност, суптилност, скромност, практичност, доверба, добиваат сè поголемо значење. Токму физичарите во минатиот век, но и уметниците, ја констатираа кризата во перцепцијата и го иницираа процесот за промена на моделот во посматрање на нештата: владеечката парадигма не ги задоволува потребите за напредок на човекот, развивање на неговата свест и социјалните односи, и го турка кон автодеструкција. Се развиваат нови методи и методологии во научно-истражувачката работа која како главна цел си го поставува унапредувањето на животот, поттикнување на еволуцијата за влез во повисок статус, органско-холистичата парадигма ја заменува механицистичката концепција, процес кој води кон длабински промени и во општествено-политичките структури.

Веќе од седумдесетите години на минатиот век се забележуваат „ ...фундаментални промени во светогледот на науката и општеството, разоткривањето на новата визија на реалноста и општествените импликации на оваа културна трансформација“(Фритјов Капра, Време на пресврт). Бидејќи јас сум од областа на уметноста можам да кажам дека достигнувањата во апстрактно-беспредметното сликарство се аналогни на откритијата во модерната физика: радикално менување на концептот за материјата во субатомската физика, потоа на концептот простор, време, причина-последица...

Конечно треба да се надмине консумеризмот како истурена форма на еден веќе крајно заостанат и нехуман владеечки систем. Во него алчноста и агресивноста се најштетни нагони и треба да се сосечат во корен. Низ едноставен но духовно полн живот и уживање во природата како нов животен стил човекот ќе ја истисне потрошувачката хистерија (колку помалку се има потреба од предмети толку помалку се троши планетата). И во сиромашните земји како и во богатите се случува истиот процес, дури, можеби, во сиромашните е полесно тоа да се реализира. Дополнителен проблем, пак, во сиромашните општества е ниската еколошка свест. Каде е Македонија во целиот тој процес не е тешко да се процени...

Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „Пламен“, 2018; „Океан“ , 2018.