Каква транзиција се случува?

18.03.2019 02:55
Каква транзиција се случува?

„Чувството кое гласно говори, порано или подоцна уметникот, исто како и реципиентот, ќе го поведе во добра насока. "
Василиј Кандински

Карактеристики на кризата на нашето време е новото тивко зло: бесчувствителноста и желбата да се колонизира приватноста, модерното ропство и социјалниот апартхејд, постепеното исчезнување на политичкото од универзитетите, криза на инструменти/ двигатели/канали за ефикасна акција за промени, осаменост/несигурност/ страв, прекаријат, моќни медиуми за владеење на медиокритетската свест итн. А либерализмот кој почна да се одгледува на почвата на пост-комунистичките општества станува карикатура, се претвора во инверзија на марксизмот, во опсесивно славење на економската и финансиската моќ, наместо да се развива во корист на човековите права и слободи (Донскис & Бауман). Било како било, се убедивме дека треба да ги следиме западните демократии како во промена на структурите на власта така и во менување на менталитетот. Капитализмот, иако сите се сложивме дека е далеку од совршен систем, премолчено го прифаќаме, следејќи ја бесмислената логика дека барем подобар систем не можело да постои. Но, како воопшто да развиваме визија за подобро општество кога заостанати меѓучовечки односи, односи во кои доминираат агресивноста и алчноста се „нормалност“ и ние треба да ги прифатиме?

Неприфатливо е дванаесетгодишно дете да има сериозен израз на лицето и да е загрижено за судбината на светот. Грижата е работа за возрасните! Децата ја изгубија безгрижноста! Денес тоа е многу честа појава!

На „транзицијата“ не ѝ се гледа крајот

Каква транзиција се случува или треба да се случи? Свеста на човекот сè уште гравитира кон вториот статус, кон втората димензија, каде што владеат предаторските односи. Тоа е статусот на животинскиот свет, нормален за животните. Но, не е нормален и за човекот! А ослободувањето не може да оствари само низ анархистички револт, при што не се увидува од каде почнува и каде завршува проблемот. Сепак, анархистите добро детектираат каде е причината за неслободата – отуѓувањето од природното битие и супериорно-инфериорните односи!

Траумата од нерешливата ситуација – а нерешлива е оти се нема повисок идеал, похумано општество на повидок кон кое ќе целиме – води кон чувството на безнадежност, безизлезност, апатија, безволност. На „транзицијата“ не ѝ се гледа крајот! Оти, знаеме ли ние кон каков свет треба да транзитираме? Тој свет треба да биде подобар од (до)сегашниот, инаку каква е смислата на промените?

Терапијата со уметност

Терапијата со уметност само го одложува проблемот, бидејќи причината не се искоренува . Можеби единствена „корист“ од кризата е да цутат уметностите како катарзични изблици. На некои уметници тоа им успева. Но, знам уметници кои го губат тлото под нозете. Луѓе ползуваат уметност и за самоизлекување, во аматерска смисла, не како професија. Но тоа е привремена терапија, бидејќи не ја решава подлабоко кризата. „Потребите од ваков, алтернативен пристап, во Македонија се, исто така, видливи, имајќи предвид дека македонското општество е обележано со непрекинати и надпросечни политички и егзистенцијални тензии, општество на една сложена „транзиција“ која е како „ѓаволски круг“, не ѝ се гледа крајот, а во процесот на премин (т.н. транзиција) од еден во друг општествено-политички и економски систем, на удар е внатрешната и надворешната хармонија на луѓето, меѓу луѓето и меѓу луѓето и институциите, меѓу единката и власта, па дури и на рамниште на колективитети (при што имаме конфликтно-трауматични односи меѓу различните етнокултурни заедници и расцеп внатре во една заедница, за што добар пример е македонскиот народ)“ (Ќулавкова).

Денес кризата е посложена од пред сто години, од времето кога Кандински ја идентификува духовната криза! Денес освен економската криза, што е како константа, постои психичка криза, криза во меѓучовечките однсои,т.е. криза во општеството, и еколошка криза. Човекот има потреба да премине од ментално битие со центар во егото кон духовно битие со центар во срцето (од втор во трет и четврти статус). Па така, клучна е транзицијата најпрвин во човекот однатре! Како да се смени општеството, т.е. односите меѓу луѓето, ако претходно не се случи напредок во свеста на човекот? Секако, најдобро е и едното и другото да се одвива паралелно, и промената внатре во свеста на човекот и надвор во заедницата, што во смисла на координација/ синхронизација, иако би било поефектно, ми изгледа поневозможно.

Треба да се случи транзиција кон Ера на голема духовност (Кандински) или кон Четврта димензија (Малевич) или Четврти статус. Човекот се ослободува кога ќе го најде мирот во природата (екологија) и во духот, и кога расте во комуникација со другите луѓе, така заедно градејќи општество во позитивна енергија.


Морално слепило

Тешките ломови и длабоките психички кризи што се случуваат во земјите на транзицијата (и не само во нив) произлегуваат од неприроден процес – враќање на еволуцијата назад. Не е природно луѓе кои граделе социјалистички односи, заедништво, солидарност (трет статус) да се вараќаат назад во предаторски односи какви што се капиталистичките (втор статус).

Но ако проблемот се разгледува подинамично, значи и на локално рамниште и како зависен и испреплетен глобално, значи ако се разгледа од повеќе агли, поуспешно ќе се изнајде решение. Од друга страна, пак, така се добива добар изговор за „нерешливоста на проблемите“! Кај нас главниот проблем е сиромаштијата. Врската – глобално е во тоа што кога некој енормно многу и брзо се богати, друг енормно осиромашува на другиот крај на светот. Изолацијата придонесува за заостанатоста исто како и лагата/незнаењето што владее заради недоволна ангажираност на интелигенцијата во јавната сфера и во оформување на општата свест. Интелигенцијата одбра комфорен живот (секја чест на исклучоците) и не чувствува потреба своето знаење (а, имаат знаење, стекнување знаење е нивна работа) да го рашири така придонесувајќи за кревање на свеста, со тоа и на енергијата во општетвото.

Така сите сме потонати во една состојба на затапеност, заглупеност, летаргичност и примитивност, а живиот песок на моралното слепило на провинцијализмот го повлекува и она нешто што се обидува да излезе над просекот. Кога пред седум години бев испровоцирана од ставот дека немаме државотворна свест (капацитет за државотворност), јас се бунтував. Така тогаш почнав да пишувам. Сега се прашувам дали сепак во нас се буди совеста која поттикнува кон дела за општо добро? Грижа за другите и другото, а не само за себеси?

Транзицијата најпрвин се случува во свеста на човекот, потоа во сè друго.

А свеста на човекот има потреба да премине во повисок статус!
Денес во светот превладува чувството дека човекот е оставен самиот на себеси и обезмоќен. „Општеството веќе не постои“, човекот е „индивидуа“ и ќе успее ако е способен (ако е снаодлив) – така се дефинираа работите некаде на прагот на неолиберализмот. Дали новата класа прекаријат ште се формира од разни категории на луѓе, не само од работници кои останаа без работа или кои се без стална работа, туку и од образовани, паметни луѓе со напредни ставови кои останаа без идеали и без повисока смисла на животот, се оформува во нова сила и движење?

Но, зошто денес е толку тешко луѓето да се покренат кон промени? Затоа што се атомизирани, фрагментирани, и затоа што во ерата на консумеризмот се задоволуваат со ситни задоволства. Оти, во неолиберализмот човекот се држи во ропство преку задоволување на неговите желби и наводни слободи. За секого има по нешто, од евтини и плитки задоволства до скапи и многу луксузни. Секако, му се дозволува и да се бунтува, дозирано (како вентил), во границите во кои неговиот гнев и револт се држат под контрола... Така разединети, луѓето се расплинуваат. На многу страни ја губат силата. А не се среќни. Ем не е се среќни, ем не се трудат да превземат нешто за да станат среќни. Или не знаат како, или немаат сила или немаат храброст или немаат визија или просто се заглавени во сопствените концепти на вистина/лага па го изгубија критериумот за повисока, посеопфатна вистина. Мој заклучок е дека луѓето сè потешко можат да се усогласат идеолошки. Затоа најсигурно е да го следат едноставното и чисто чувство: срцето обединува, умот (менталот) разединува.


Слики: Татјана Миљовска, од серијата слики Езерото Ракшастал и Езерото Манасаровар, 2019