Во отвореноста и проточноста кон универзумот

07.02.2019 03:43
Во отвореноста и проточноста кон универзумот

Само да се присетиме каде бевме пред неколку години: затворени и набиени во гето-свест и зовриени како во експрес-лонец! Интелигенцијата секогаш имала можност да се развива, дури и баш во услови на големо незнаење и неосвестеност и мрак во општеството. Многу добро го спознавме тоа! Зарем некогаш интелигенцијата и била во добра позиција? работите да ù одат мазно и без пречки? Во нејзината природа е да открива нови патишта, нови образци и пробив на енергијата во други правци. Има визија, бидејќи ја гледа големата слика на реалноста од многу агли. Свеста ѝ е во трета димензија, па дури има и проблесоци од четвртата.

Мислам дека нашата македонска реалност која треба да ја прифатиме е фактот дека „транзицијата“ која ја форсираме, фактички, никогаш нема да се оствари, бидејќи општеството еволутивно се развива од капитализам кон социјализам, а не обратно. Не е во законите на еволуцијата враќање назад ниту на видовите ниту пак на општествата. Социјализмот требаше да се доразвива во повисок облик, да еволуира во социјализам на самосвеста, некој тип на продуховен социјализам. Креативноста, која во претходниот систем беше инхибирана од комунистичката доктрина, според која сите требаше да бидеме не само рамноправни и еднакви туку и исти, (значи креативноста) требаше да се поттикнува за да се развива како културен натпревар, а не како нехумана беспоштедна конкуренција (и експлоатација на човечки и природни ресурси) за стекнување само пари и профит.

Вистината е повеќеслојна и интелигенцијата ги гледа сите слоеви и во зависност од ситуацијата ја одбира и посочува најдобрата опција. Ако социјализмот е понапредно општествено уредување, не значи дека треба да поддржуваме диктатури кои се претставуваат како небаре комунистички устројства. Бидејќи повисок тип на социјалитичко уредување подразбира повисока свест во која се победени алчноста и агресивноста – главните нагони одговорни за сите неволји на човештвото. Исто како што треба да се надмине еднодимензионалната свест на робовите и дводимензионалната свест на владетелите, кои се комплементарни и постојат едната за другата. Пробив во тродимензионалната свест е влез во статус кадешто не постојат супериорни и/наспроти инфериорни.

Можеби, во тие стихијни моменти пред дваесет и осум години, ако интелигенцијата беше по(о)свесна за вистината дека меѓучовечките односи и правата на човекот се најбитни за едно општество да напредува, ќе смислеше некој друг облик за приватизација, во корист на колективното добро и квалитетот на животот на сите луѓе. Но, денес нема смисла да се враќаме назад и да мислиме што би било кога би било. Било како било, гледано од оваа временска дистанца, заклучуваме дека нема логика враќањето во капиталистичко устројство. И свеста на луѓето кои живееле во социјализмот не може да назадува, па од заедништво и солидарност да се враќаме во предаторски односи. Наместо да се бориме против штетните примитивни инстинкти и нагони за да ги преобразиме, сега тие дивеат и не знаема како да ги скротиме за да си ја средиме државата. Теоретичарите ни сугерираат дека за едно општество да развие демократски вредности – систем на контрола на моќта и власта преку отчетност, одговорност и преку „пречки и рамнотежи“, се потребни барем педесет години искуство... Во таа смисла, поминавме пола пат.

Интелигенцијата која има развиено акутно чувство на одговорност за состојбите на човекот и планетата, сепак, е лево ориентираната интелигенција. (Нај)новата лево ориентирана интелигенција, конечно, треба да го прифати „материјализмот“ на современите физичари! Што е всушност материјата? Квантните физичари се доближија до концептот на материјата на Ведантата. Влегоа во повисока димензија. Открија дека честичките во атомите на „материјата“ се однесуваат многу непредвидливо за нашиот ограничен ум, но многу законито во однос на некоја повисока вистина. Интелигенцијата треба да ја следи отвореноста и проточноста кон универзумот на умот на овие научници. И лево и десно, и горе и долу, и во сите правци истовремено, така се движеле честичкиве. Наука, не догма , духовност, не окултизам, чисто срце, не идеологија!

Денес многу се напреднати технологијата и науката за постепено да може да се напушти експлоатацијата на необновливите извори на енергија (нашата мила планета Земја), со што ќе се сруши пирамидата на коорпорациската моќ како кула од карти. Може да се произведува ефтина енергија со помош на фантастични пронајдоци – новооткриени материјали кои сончевата енергија или некои други обновливи ресурси од природата ги претвораат во силен извор на топлотна или електрична енергија. Затоа „материјализмот“ на најновата левица треба да биде „материјализмот“ на овие научници. Односот кон материјата се менува – „материјата“ пак станува голема енигма како и сè друго во нашето постоење.

Дали интелигенцијата конечно го лоцира проблемот и прецизно го дефинира – ова е проблемот?! Па да не се бега од одговорноста и енергичноста и настојувањето тој проблем да се реши!? За таа цел процесот на преобразба на свеста и енергијата да се доведе до хоризонтот на постојана самообновлива повисока реалност!?

Но, потребна е некаква минимална чистота, некаква невиност во срцето и искрено да се сака да се направи нешто, така со несебична мисла да се делува за општото добро. Тоа е она што го нареков да се комуницира директно, од срце, без потреба од посредство од каква било идеологија. Тогаш се комуницира од повишена свест и од статус во кој е победен култот кон фетишот, тој голем монструм кој ни ја вшмукува сета енергија и сите наши дела, емоции, сили ги претвора во предмети за посед и консумирање (фетишизација и реификација во црната дупка на дистопијата). Не смееме повеќе да гравитираме околу фетишот. Но, интересен е фактот дека сè додека му се угодува на фетишот тој ни угодува нам, а кога потполно ќе му ја откажеме послушноста тој ни ги покажува своите остри заби!

Во Македонија интелигенцијата од сите страни и правци треба да се здружи. Постојат елементи-нитки за фино ткиво на здружување и постои таа неопходна минимална чистота за која веќе зборував. Бидејќи во здружување и во фузија на позитивната енергија, таа расте. Здружувањето да биде во визијата за поголема вистина која го опфаќа и локалното и глобалното, и внатрешното и надворешното, и високото и поприземното, и материјалното и духовното, во визијата која не е крута во однос на разни специфики и разлики и, што е многу битно, да биде без калкулантство. Значи, она нешто што на некој начин веќе е дефинирано во Националната стратегија за културниот развој на Р. Македонја 2018-23 да премине од теорија во пракса, барем, на почетокот, во културното јадро на интелигенцијата. Зарем очекува(в)ме кога тоа нешто (таа нова културна свест) сè уште не е стварност ни во душата на интелигенцијата дека може да стане реалност преку институцијата (Министерство за култура или Министерство за образование)? 

Кога сите ние со својата мала вистина која ја носиме како аспект-зрак на повисока посеопфатна вистина се потпираме еден на друг и така се надополнуваме (бидејќи никој не е совршен и ја нема сета вистина во себе и ги нема сите способности), малите искри се фузираат во голем оган, голема енергија која ја крева свеста. Таа свест треба да го совлада големиот проблем (интелигенцијата веќе го лоцира и го дефинира како таков) којшто најпрвин и пред сè е културен проблем. Не еднаш, туку сто пати ја кренавме енергијата и знаеме како...

Слики: Татјана Миљовска, од серијата Отаде, 2019.