Што не е во ред со тебе (мали прози)

04.09.2018 17:35
Што не е во ред со тебе (мали прози)

 

ЧУДНО
Штом го запознав, го засакав силно, беспричински, платонски, со општа љубов. Не ми е никој и ништо. Како туѓо, посвоено дете.

 

ХУМАНИСТИКА
Ќе го читам овој којшто пишувал за онаа којашто читала и пишувала за овие и за оние, иако и други пишувале за нив и за неа којашто пишувала за овие и за оние за сите ние да бидеме во бескрајна поврзаност и страшна самотија.

 

ПРАВОПИС
Покрај мене, со боја на крв и злато.

 

СТРЕМЕЖ
Отсекогаш сум го сметала за едно од најголемите достигнувања мирот, длабоката опуштеност, мирното, а радосно срце. Симбол на таа желба, тоа што восхитено го гледав и помислив, тоа е тоа, беше Големиот Лебовски.

НАПУШТАЊЕТО НА СРБИЈА
Не е најлошата земја за живеење, ни случајно. Имаш пиратски изданија на најновите филмови и игри, можеш да се закачиш на вајфај, имаш големи недовршени или, пак, бомбардирани градби, можеш со години да не платиш билет за јавен превоз или нешто друго да не плаќаш – со години, можеш да живееш до (својата!) смрт со родителите и да не работиш, дури ни садови да не измиеш (ако си син), можеш да тепаш жена / сестра / татко / мајка / деца, а никој ништо да не ти пререче, можеш да пиеш пред продавница или трафика и на вересија, имаш пекарници и продавници што по 24 часа се отворени за бурек кога ќе те фати глад по дувањето трева, дежурни клиники што се бесплатни и сè и сешто ако ти пукне филмот кога не е време, таканаречени сплавови со млади жени што се по забавата… имаш ракија мајка и пиво леб… можеш за сè (Неа, Србија) да ја обвинуваш, за сè, оти таа е виновна, и така да ти мине времето на земјава. Ебејќи ѝ мајка. А Таа можеби не ни постои. Можеби никогаш не ни постоела.

 

ALSO SPRACH
Еднаш Небојша рече:
Меѓу сигурност и пичка избрав пичка.

 

ШТО НЕ Е ВО РЕД СО ТЕБЕ
Забележувам дека мојата прекрасна ќерка, паметна ќерка, сè почесто употребува реченични состави и идиоматски форми по англосаксонски јазичен шаблон. Пее на англиски. Можеби затоа.

 

ПОЛЕКА
Се запознавам себеси. Излегувам од емотивното и од теориското клише.

НАШИТЕ МРТВИ
Излегуваат од куќите во кои живееле, исчезнуваат нивните нешта, нивните мириси испаруваат, се заматуваат дури и треперливите спомени на нив. Тие, всушност, сакаат да бидат Таму каде што се, а не Овде каде што биле. Нашите светови се раздвоени, но не знам колку остро. Еднаш, Злата ми дојде на сон и ми рече, Не грижи се, мила. Како кенгурка, ги чувам во торбата на градите, гледаат низ моите очи и ништо не ги чуди.

 

ДРВЕН ЗЕН
Ги сакам дрвјата. Ги сакам дрвјата оти умеат да зборуваат тивко. Многумина не ја забележуваат посебноста на дрвото, исто како што расистички ги изедначуваат сите Кинези велејќи „мене сите ми се исти“. Секое дрво има свој карактер и лелеавост, ѕвонливост на крошната што му е својствена само нему. Свивањето на гранките, треперењето на лисјето, дишењето на кората, обликот и големината, ставата, мирисот… Врвовите на крошните се особено важни, ја отсјајуваат светлината, возвишеното придушено светкање, како радосен кикот, додека се воздигнуваат кон небото.

 

ОТКАЖУВАЊЕ
Од феминизмот, од надежта, од величественоста на разгранувањето во сите правци. Никогаш.

Избор и превод: Магдалена Хорват
Фотографиите се од филмот The Big Lebowski (1998)

Даница Вукиќевиќ (р. 1959, Ваљево) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Студирала Општа и компаративна книжевност, а потоа и родови студии на Факултетот за политички науки во Белград.
Објавила девет збирки поезија на српски јазик (Као хотел на ветру; Када сам чула гласове; Шаманка; Лук и стрела; Прелазак у једну другу врсту; Високи фабрички димњаци; Светлуцавост и милост; Док је сунца и месеца; Ја, Клаудија) и три збирки раскази (На плажама; Живот је горила; Мајка обрнутих ствари), како и една стихозбирка на германски (Schamаnin).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото