1022 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 15:59
Петта
Колку е подиференциран односот кон социјализмот, толку е попроѕирен ослободителниот триумфализам на неолиберализмот, а сегашноста е попроблематична. Самоуправувањето и неврзаноста се надидеолошки идеи и не се поврзани само со еднопартискиот режим. Не е иронија на историјата тоа што денес неврзаноста ја бранат Тома Николиќ и Стипе Месиќ, туку тоа е резултат и на немоќта на левицата. Да се истражи наративната технологија на конструирањето на мрачното минато и нејзиното масмедиумско ширење одозгора е подеднакво важно колку и испитувањето зошто оваа слика се прифаќа лесно во просторот оптоварен со вишокот од минатото. Славното минато треба да се демонументализира, а исконструираното мрачно минато да се дестигматизира. Секаде каде капитализмот е безалтернативен, социјализмот е сатанизиран. Наспроти тоа, кога ќе се дозволи капитализмот да има алтернатива и сликата за социјализмот веднаш ќе станува посложена. Лишен од демонското социјалистичко минато и занесениот антититоизам балканскиот етноцентризам веројатно би бил помалку делотворен и експлозивен. Не е тешко да се разбере дека најтешко употребливо е сложеното повеќеслојно минато, зашто го збунува и му бега на инструментализирањето. Тоа уште повеќе важи за левицата, која мора да биде кадарна да се соочи со авторитарните страни на титоизмот, но не на антитоталитарен начин. Да се деконструира титоизмот од лево, а не од десно, значи да се истакне антиавторитарната критика на титоизмот и партиската бирократија од 1968 година која преобратените 68-маши денес ја гледаат како романтична илузија. Револуционерните студентски движења од 1968 беа актери на последниот меѓународен потрес на капитализмот во САД и Западна Европа кои доведоа во сомнеж многу измами од „слободниот свет“ и „општеството на изобилство“ (Милиќ). Тито во Белград 1968 година јавно ја споменуваше својата оставка, а партиската бирократија беше во паника. Немирот се проби како прва граѓанска должност. Германските студенти ги прозиваа родителите заради нацизмот, белградските студенти заради бирократизмот. Во генерациски поглед 1968 беше космополитко освестување на младите, додека деведесеттите беа реакционерен пресврт кон национализмот и религијата. Антиинституционалната и антикапиталистичка 1968-ма ги одбележа ѕвездените моменти на непосредната, а не форумска демократија на Беркли, Сорбона и Берлин, но и на југословенските универзитети кои покажаа дека демократијата како процес на постојано учење за солидарно коодлучување е споива со револуционерниот активизам. Наспроти тоа, враќањето кон капитализмот бараше харизматизација на легализмот – маскиран бирократизам. Новиот легализам се темели на премисата за нормативната сила на фактичкото, а демократијата, само навидум јавна, е сведена на форумска трговија на партиските кругови.
Шеста
Солидарната и демократска самоуправа, а не форумското или децизионистичко декретирање, не е само антитеза на неолиберализмот туку и на цезаризмот чиј хилијазам се темели на емоционализација на војната. Затоа следниот услов е важен за усложнување на сликите од минатото со потиснување на военоцентричното сеќавање. Имено, гледањето на својата група како жртва е поуверливо кога минатото се центрира околу војни, а не околу периодот на мирен развој. Историјата на 20 век претежно се пишува со sub speciae војни, иако на Западен Балкан само 15 од 100 години во 20 век биле воени години. Војните се развојни пресвртници, но тие во средиштето на историографијата повеќе се маркантни симболи на смислата, пред сè на ослободувањето (национално, класно). Истакнувањето на војните, а не периодот на мир, е механизам за редукција на сложеноста на хаосот на балканското минато и основа за периодизација (предвоена, повоена, меѓувоена). Уште повеќе, војната е симбол за славното минато (кое не може да биде такво без страдање), а во војна просторот за сеќавање полесно се дели на јавни пријатели и непријатели отколку во мир. Не треба да се заборави дека на Балканот во деведесеттите подеднакво се гинеше и лиферуваше под наметката за заштита на националниот интерес, правната држава и борбата против комунистичкото предавство и едноумието. Воените профитери лесно се патриотизираа, а шокот од глобализацијата дополнително беше замаглуван со вооружената граѓанска војна и граѓанската војна на сеќавањето. Ако беше повлијателно гледиштето дека на овие простори историски е мирот е, а не војната, тогаш татковинските војни ќе беа апсурдни, а не монументални. Воениот криминал е патриотизиран и заради тоа што полувековниот мир насекаде е оценуван како национално пропаѓање.
Седма
Треба одлучно и упорно да се разоткрива јазолната противречност на современиот капитализам помеѓу вербалната еднаквост и реалната нееднаквост. На една страна е инфлацијата на залагањата за дијалог, плуралистичката еднаквост и легализмот, а на друга реалната и поддршката на нееднаквоста на капитализмот. Медиумите се преполни со „демократски“ дебати, а од другата страна е огромната невработеност. Хегемоната реторика на наводната плуралистичка еднаквост ја замаглува општествено економската нееднаквост на нормализираниот капитализам. Нема критична маса левичарски интелектуалци кои аналитички, а не политички, би покажале дека кај нас не се појавија само нови видици, туку се крена и нова магла. За да се разбие маглата таа треба да се скандализира, наместо да се нормализира. Како? Треба најпрвин да се деконструира емфатичната и романтична визија на транзицијата и транзицискиот фундаментализам како единствена основа на големите очекувања од ЕУ. Важна основа на надежта во транзициската топла чувствителна заедница е сатанизацијата на социјализмот. Оној што го градел поредокот отсекогаш морал да создава страв од хаос. Оној што денес го гради капитализмот мора да создава страв од социјализмот. Новите социјални надежи се вперени во легалистите, транзицијата и ЕУ. Секој се надева дека ќе има сопствен дуќан, па така капиталот полесно станува хуман. Оскар Негт додава дека недостасува работа околу интензивирањето. Да не се радикализираат и драматизираат ситуациите, туку реалноста треба да се анализира така што општествените противречности ќе станат скандалозни. Тоа е смислата на работата на интензивирањето, со што би се спречило затапувањето на противречностите на капитализмот. Едноставно кажано, треба да се прозре цинизмот на владејачите кој за жал има рационална содржина: подобро да се биде експлоатиран, отколку никогаш експлоатиран. Лесно е да се воочи потенцијалниот страв од невработеност кај вработените, како и кај милиони невработени. Тоа е егзистенцијален страв да се биде прогонет од општеството со губење на работното место. Тоа ја зголемува подготвеноста за прилагодување и за тоа да се биде експлоатиран. Ни претприемачите, а ни нивната држава не го отстрануваат овој страв, туку манипулираат со него. Левицата треба да го пренасочи тој страв во процесот на изострување на општествените противречности. А тоа значи дека во ширењето на ЕУ на Исток треба да се гледа не само космополитизација, туку и економска колонизација, а тајкуните кои се претставуваат како нови инвеститори треба да се маркираат како економски полусвет (Хофбауер).
Осма
Со природноправната премиса дека невработенста е патолошка, а не нормална појава, левицата одлучно треба да му се спротивстави на рефренот на неолибералните фундаменталисти дека помина времето на работата со полно работно време и дека во јадрото на „транзициската правда“ е работата со скратено работно време. Самоволието на капиталот лишено од отпорот на левицата и синдикатите децизионистички ја заострува експлоатацијата легализирајќи го отвореното самоволие на капиталистите при отпуштање на вработените. Ако се сложиме дека наемната работа е важен сегмент во самоописот на човекот, тогаш без заобиколување треба да се каже дека невработеноста е акт на насилство и напад на интегритетот на човекот. Денес човекот не може да обезбеди работно место за цел живот, па работната биографија му е испокината. За општествената структура денес треба да се размислува во светло на новите испокинати работни биографии на невработените и привремено вработените. Францускиот социолог А. Турен неодамна воочил дека на дело е тенденција за раслојување на општеството на три дела: првата третина е стабилна и привилегирана со гарантирани работни места и се движи на релативно високо животно ниво. Животот на втората третина од работоспособното население кое е во пораст е сè понестабилен. Има сè повеќе привремени договори кои не се продолжуваат и работни односи кои не овозможуваат преживување. Засилената социјалдарвинистичка борба за преживување станува основа за опасни екстремизми. Последната третина ја сочинува сè побројната армија „трајно непотребни“. Неолибералната идеологија го смета за нормален новиот општествено економски социјалдарвинизам. Со национализирање на конфликтот таа уште повеќе го спречува скандализирањето на обновениот капитализам. Нема да се претера ако се каже дека денешната левица лебди во воздух, зашто исчезнаа вредностите на демократскиот социјализам, општествената правда и солидарност. Оскар Негт подвлекува дека декомратскиот социјализам е реформски процес во демократијата, отворен, но не и бесцелен. Насочен е кон алтернативна целина и бара економска демократија. Општествената правда, солидарноста и демократскиот социјализам не се музејски идеи. И покрај тоа тие се актуелни. Во глобализацијата за првпат општеството и деловниот поединец станаа тотални приврзоци на капиталот и пазарите. На вработените им треба многу емпатија за да сфатат дека невработеноста е акт на насилство, удар на телесниот и духовниот интегритет, поробување на способноста и знаењето кое макотрпно е стекнато во семејството и училиштето и дека таа предизвикува тешки нарушувања на личноста. Со еден збор, капиталот му го одзема достоинството на поединецот. А достоинството нема цена (Кант).
Деветта
Затоа треба да се реафирмираат идеите на солидарноста, демократскиот социјализам и самоуправувањето. Левицата треба да работи на заострување на општествено-економските противречности, наместо на нивно затапување преку апсолутизација на националниот интерес или магливата легалистичка реторика. Се заборава дека демократијата како облик на посакувано уредување е процесна состојба која мора постојано да се учи и збогатува. Не еднаш засекогаш да се затвора во конечни вербални конституционални и легалистички канони, туку постојано да се трага по нов спој на општествена сигурност, вработеност и законска еднаквост. Охрабрена од исчезнувањето на европскиот реален социјализам глобализацијата го ослободи духот од шишето, неолибералниот дух на претприемништвото и профитот. Сумата на претприемачките профити се изедначува со благосостојбата на целото општество, а покорените ја прифаќаат оваа политичка себеизмама, зашто нема алтернативни визии за посакувано општество. Реално испаѓа како тоа да е единствено можно. Се заборава дека историското искуство повеќепати убедливо покажало дека можното не може да се достигне, доколку постојано се стреми кон невозможното. Не само што поранешните комунисти како Франсоа Фире се најзаслужни за тоа што утопијата по крахот на Студената војна е деградирана на опасна илузија, туку на нив им се верува најмногу божем токму тие ја доживеале утопијата. Додуша и без нормативна перспектива лесно може да се согледа сè подлабокиот јаз помеѓу сиромашните и богатите, центарот и периферијата и сè поострата класна поларизација во сферата на образованието. Елитните универзитети ѝ се потребни на државата како инструмент за решавање кризи (О. Негт). На другата страна универзитетите ја напуштаат сопствената хуманистичка и универзалистичка улога и се деградираат на ниво на проширени стручни школи. По природата на нештата безалтернативноста на капитализмот ги гуши критериумите надвор од профитната рационалност. Технократското и менаџерско стеснување на образовните содржини и идеологијата на модулот (Негт) ја намалуваат слободата кај научните истражувања. Нема критична маса левичарски интелектуалци ниту критика на отуѓувањето: радосниот релативизам на постмодерната ја деградира теоријата за отуѓување на телеолошка голема приказна и хазардна утопија. Проѕирно е присвојувањето на Дерида на начелото на Маркс за критика на сè постоечко, зашто овие два писатели ги дели тенка црвена линија – потполно различен однос кон безалтернативноста на капитализмот. Не треба да се дозволи во социологијата на Фром, Маркс и Милс да се потиснат Дерида, Гиденс и Хаек. Само со просветителски авторитети може успешно да се покажува дека нема развиена плуралистичка демократија без високоинституционализирана социјална правда, моќни синдикати, заштита на невработените и декласираните не само на државно туку и на меѓународно ниво. Додека мултинационалниот капитал со здружување освојува пазари, здружувањето на левицата на меѓународно ниво е услов за социјално ослободување. Веберовски кажано, станува збор за разлика помеѓу небратска и братска космополитизација. Енормните нееднаквости лесно се шовинизираат па се јавува глобализациски социјалфашизам како верзија на етнократски либерализам: правна држава и социјална програма, но само за припадниците на мојата нација. За странците нека се грижат невладините организации. Секако дека веќе не смее да се купува поголема материјална еднаквост со стеснување на демократијата. Но, за тоа е потребна солидаристичка политичка култура наместо натпреварувачка која ги велича и растоварува успешните „добитници“ на транзицијата, а „губитниците“ ги оптоварува и ги брка кон шовинистичката десница. Социјализмот од 21 век треба да го почитува плурализмот на сопственичките облици, но негов приоритет се солидарноста и полната вработеност. Целта не е рамнотежа на капитализмот преку социјална држава, туку борба против разорната колонизација на општеството според логиката на немилосрдниот пазар. Треба да се скандализира глобализацискиот фундаментализам кој регулацијата му ја препушта на неконтролираното пазарно натпреварување.
Илустрации: Escif Street Art
Извор: http://www.noviplamen.net