Само љубовта е тајната на двата света

06.10.2018 12:12
Само љубовта е тајната на двата света

„Џун (Маја Рудолф) и Оскар (Фред Армисен) живеат угоден, ама прекрасен брачен живот, сѐ додека не се најдат во целосно неочекувана ситуација, која ќе ги наведе да ги испитаат љубовта и бракот.“

Така гласи намерно скудниот опис на серијата Forever под трејлерот на Youtube, во кој – во склад со наведениот опис – ги гледаме Џун и Оскар во миговите на заедничка среќа, која, како што одминува трејлерот, станува сѐ позасенета од растечкото незадоволство на Џун од брачната рутина. Според тоа, се чини дека гледаме најава за обична романтична драма, или драмедија...

И тогаш почнуваат да се редат необични глетки: Џун под плаштот на ноќта трча на плажа во бела одежда. Нечија рака зема нож. Непознат човек со актовка се оддалечува по мрачното патче. Насобрани луѓе танцуваат околу клада. Џун го посматра огнот со злокобен израз на лицето.

На што следуваат коментарите на збунетите гледачи на трејлерот: „Хммм... Што?“ „Обрат: двајцата се сериски убијци.“ „Само да не се вампири или зомби!“ И погаѓањата продолжуваат зашто, сѐ до излегувањето на серијата на streaming сервисот Amazon Prime кон средината на минатиот месец, приказната на серијата остана обвиена во тајна. А ни првите рецензии не помогнаа нешто многу ако конечно сте сакале да дознаете за што, по ѓаволите, тука станува збор!

Имено, за разлика од нашата заостаната медиумска сцена, на која е сосема нормално дури и инаку исклучителни автори мртви ладни, без никакво предупредување, да ги спојлираат комплетните содржини на сериите и филмовите за кои пишуваат (ЗДРАВО, ЈУРИЦА ПАВИЧИЌ) – во американската критика проблематиката на спојлерот се третира сериозно. Па кога, на пример, критичарите однапред ќе добијат рецензентски примероци од новите епизоди од некоја серија, заедно со нив често добиваат и документ во кој авторите излистале попис од делови во приказната за кои молат да не се спомнуваат во рецензиите за да не им се расипе изненадувањето на гледачите.

И мене ми е тоа повеќе од ОК, затоа што сум голем спојлерофоб. Преферирам да знам што помалку за филмот или за серијата што планирам да ја гледам. Толку се трудам да останам табула раса, што неретко ги избегнувам дури и самите трејлери, до максимум напрегајќи ги своите вештини за интернетско скимање за да дознаам што би можело да ме интересира, а притоа што помалку да разберам за што точно се работи. Па кога после, да речеме, некому му кажам дека едвај чекам во нашите кина – или во, како што е сѐ поверојатно, во некое пиратско веб-легло – да дојде Sorry to Bother You, па тој некој ме прашува за што воопшто се работи, јас можам да одговорам само во стилот: „А, тоа е некој, како... современ Repo Man, така нешто, наводно? Ама сите ептен го фалат филмот и го има режирано еден лик што е, она, хардкор социјалист!“

Па, ако сте крајно алергични на спојлери како и јас, еве неколку доволно магливи реченици за Forever. Ако ги сакате Маја Рудолф и Фред Армисен, мислам дека нема да бидете разочарани – јас секако не сум. Па макар што серијата ретко беше ха-ха смешна, затоа што е пред сѐ драма. Ама не е само љубовна драма, туку има и други жанровски елементи. Според кои во голема мера потсеќа на една друга актуелна, воедно и посупериорна серија – ама таа е и онака една од најдобрите актуелни серии воопшто, па тоа што оваа ѝ е инфериорна не значи дека е лошо, напротив, ептен е добро. Приказната се одмотува полека, но не и глацијално бавно. Првата сезона има само осум епизоди, а бидејќи тука има и понекоја мистерија – cliffhanger на сезоната е точно онолку фрустрирачкa колку што и очекувате дека ќе биде.

Е, а сега!

Ако НЕ СТЕ нешто многу спојлерофоб, можете да продолжите да го читате и остатокот од текстот – во кој и натаму ќе се трудам да спојлирам што помалку, ама сепак ќе го откријам генералниот концепт на серијата (кој, инаку, станува разложен во своите основни црти во третата епизода). А ако сте спојлерофоб, а и ПОНАТАМУ продолжувате да читате, екстра ви излегувам во пресрет со тоа што нема да ве доведам до фаталната можност со крајчето на окото да забележите некој разоткривачки детаљ од почетокот на следниот извадок – така што помеѓу овој и следниот извадок ќе го уфрлам текстот на песната Zauvijek tvoj (Засекогаш твој) од Жак Худек. Па, ете, скролај натаму само ако ти е спојлерот мил!

ZAUVIJEK TVOJ
(tekst: J. Houdek)

Ti, ti si ta
Koja svaku moju tajnu zna
Tebi vjerujem
Ti si ta koja voli me bez uvjeta

I siguran sam, ti si sve što mi treba
Ti sunca si sjaj i plavo od neba
Tebi poklanjam sve, baš sve svoje dane
Ti mi otvaraš ruke

Ref.
Zauvijek tvoj, ljubav žrtvu traži
Ja to dobro znam
Zauvijek tvoj, lice mi pokaži
Tebi pripadam

Zauvijek tvoj, ne boj se života
Sviće novi dan
Zauvijek tvoj, nama je ljepota
Utkana u dlan

Ti, ti si ta
Koja svaku bol izliječit zna
Tebi vjerujem
Ti si ta koja uz mene je do kraja

I siguran sam, ti si sve što mi treba
Ti sunca si sjaj i plavo od neba
Tebi poklanjam sve, baš sve svoje dane
Ti mi otvaraš ruke

Ref. 2x


Уште сте тука? Супер, следуваат СПОЈЛЕРИТЕ!

Џун и Оскар се мртви, то ест ќе бидат и двајцата мртви до крајот на втората епизода. Вечноста од насловот на серијата се однесува на задгробниот живот (ergo, онаа гореспомената посупериорна сродна серија = The Good Place), која се одвива... па, на овој наш свет. На кој мртвите (formers) и живите (currents) престојуваат едни до други, со тоа што секако живите не можат да ги видат мртвите – ама мртвите затоа можат живите. Формерсите притоа живеат во куќи во кои имаат на дофат горе-долу сѐ што им треба (на пр. секој ден во фрижидерот ги дочекуваат омилените намирници), ама тоа не се некои паралелни населби туку стварни, ненаселени куќи: во првата сезона така претежно сведочиме за секојдневниот задгробен живот на заедницата формерси во предградието Риверсајд, затворено за курентсите поради црната мувла.

Е, сега... Точно е дека на светот постојат многу ненаселени куќи и згради. Дури и срамотно многу, со оглед на тоа колку има бездомници, но... Доволно многу за да се вдомат сите луѓе на светот што умреле само во последниве неколку десетлетија, а камоли низ целата човечка историја? Нема шанси.

Како точно тогаш функционира станбеното прашање во универзумот на Forever? Можеби тоа воопшто и не е битно, можеби серијата е само алегорија што не претендира да биде некаков детално разработен СФ, а фаќањето за такви детали е јалово гиковска работа... Но сепак... Можеби и е битно, само што не е сѐ уште сѐ објаснето? Можеби Џун и Оскар се, штознам, во некакво чистилиште? Или на некоја слична прва етапа кон блажената вечност?

Или, еве, да речеме вака... Дали некогаш сте се запрашале како би изгледало кога, на пример, би доживеале длабока старост, па потоа во некој евентуален задгробен живот повторно се сретнете со својата непрежалена љубов од младоста? Колку години би имале на оној свет во тој случај, а колку тој/таа? Дали секој од вас двајца би имал онолку години колку што сте имале кога сте умреле, или шемата би била од типот вие во задгробниот живот да имате онолку години колку што сте имале кога сте умреле – а тој/таа онолку колку што имал/имала кога вие сте се вљубиле во неа/него? Или и двајцата би продолжиле во вечна младост? Или нешто потполно четврто? И какви би биле импликациите на која било од тие варијанти во однос на вашата задгробна вечност?

Во Forever така еден од главните споредни ликови е некој што умрел како тинејџер во седумдесеттите, преминал на онаа страна на постоењето како тинејџер – па и по четири десетлетија останал еднакво тинејџерски незрел. Меѓу староседелците на Риверсајд има и едно мало момче што, колку долго и да живее задгробно во предградието (а имплицирано е дека се работи за барем неколку десетлетија), и натаму е на ментално ниво на мало дете. Значи ли тоа дека секој во задгробниот живот на Forever има некој свој индивидуален плафон на личен раст и зрелост? И ако е така – има ли тогаш некакви надежи за Оскар и за Џун, двајца луѓе што се сакаат, ама чија врска сериозно го гуши и го ограничува едниот од нив? Може ли Џун навистина да ја помине вечноста со тој човек?

Со само осум достапни епизоди досега – тешко е да се каже. И натаму не ми е јасно која е точно поентата на оваа серија. Но тоа што можам да го кажам е дека е многу интересна, дека знае да биде трогателна, и дека тера на размислување. И дека сакам уште.

Извор: kulturpunkt.hr

ОкоБоли главаВицФото