Холивудските неволји на еден коњ

02.10.2018 02:08
Холивудските неволји на еден коњ

Треба ли воопшто посебно да се претставува оваа серија? Колку има смисла сега овде да пишувам за што се работи во „BoJack Horseman“ и каква серија е тоа...колку луѓе имаат обичај да читаат текстови за серии на сајтови за култура, а уште да не ја гледале „BoJack Horseman“? Нула? Еден? Можеби дури и двајца? Не знам дали која било серија, лево од мејнстримот, е толку обожувана како „BoJack Horseman“.

Но, добро, ајде сепак да почнеме со основните информации за тие двајца-тројца кои кликнале на овој текст, а поради некое чудо никогаш не ја гледале „BoJack“, затоа што „не гледаат цртани филмови“ или имаат некое друго оправдување. Насловниот лик, „BoJack Horseman“ е холивудски актер (т.е. „холивуски“, затоа што еднаш толку се напил што од заебанција ја оттуѓил буквата „д“ од иконичниот знак на брдото во Лос Анџелес и оттогаш фабриката за соништа, сите во серијата ја нарекуваат „Холиву“). Тој се прославил со главната улога во фиктивната популарна комедија „Horsin' Around“ во деведесеттите, но оттогаш кариерата му тргнала надолу, иако и натаму може да си дозволи живот во луксузна куќа и бескрајни количини на дрога и алкохол.

BoJack Horseman истовремено е и коњ, во преносна смисла (шупак), но и буквално. Имено, серијата се случува во свет сосема налик на нашиот, различно е само тоа што луѓето се во најнормален соживот со антропоморфните животни: од главните ликови како BoJack и неговиот пријател, актерскиот ривал, лабрадорот господин Peanutbutter, преку споредните ликови како уредникот на издавачката куќа „Penguin“, кој и самиот, се разбира, е пингвин, па сè до другите еднократни појавувања на хуманоидните животни.

„BoJack“ е полн со гегови и детали кои лесно може да ги пропуштите ако трепнете; толку многу ги има, дури кога повторно ќе ги прегледате епизодите ќе налетате на фори кои ви се промушнале (така на пример, отпрвин не ги видов нарачаните натписи на роденденските прослави: „Среќен роденден „Diane“ и ставете го тоа во некој згоден фонт“, „Среќен роденден Mr. Peanut Butter, peanut butter е еден збор“). Та погледнете го само овој список на номинации за Оскар во една епизода од третата сезона – списокот кој само накратко можеше да се види на таблата зад г-дин Peanutbutter. Еве повторно го читам и умирам: „Tom Hardy (Who Is a Cat)", „Spotlight Bling (Theme from Spotlight)". Комплетна категорија на филмови од неанглиско говорно подрачје!

Освен што е многу смешна, серијата е и исклучително паметна, дијалозите понекогаш се како мини есеи. Еве, на пример, прочитајте го монологот во кој една од главните ликови зборува за една поп – ѕвезда: „Ха, види, не дека нешто многу размислувам за неа. Се разбира дека ги сакам нејзините рани дела, во кои истовремено сатирично ја обработила и искрено ја прославила опседнатоста на младите со сексот. Иако пак, како феминистка од третиот бран се прашувам дали жените воопшто можат да си ја вратат назад сексуалноста во вакво длабоко патријахално општество, или тоа е само лага што ја повторуваме за да смириме совеста додека му повладуваме на машкото око? Од друга страна, ме загрижува што таа се дискредитира како обична марионета на конците на индустријата, која, како таква, не е во состојба да учествува во вакви расправи – самиот чин на инфатилизација е производ на длабоко мизогеното општество во кое живееме...Но, како што кажав, не дека нешто многу размислувам за неа во животов!“

И згора на сè, „BoJack Horseman“ истовремено е и една исклучително тегобна серија. А за разлика од другите продукти на современиот жанр на тнр. хумористични серии кои често воопшто не ни тежнеат кон тоа да бидат смешни, хуморот и драмата „BoJack“ не ги држи во одвоени фиоки, туку смешното и тегобното постојано се мешаат и ретко се оддалечени едно од друго повеќе од неколку минути, а притоа ниту хуморот на драмата не ѝ ја одзема тежината, ниту драмата го загушува хуморот.

А драма има во повеќе од доволни количини и тоа тешка драма. И тоа уште од самиот почеток, кога серијата беше релативно непозната и кога гледачите ѝ пристапуваа без никакво предзнаење и по неколку епизоди помислуваа: „ха, види ова е симпатично“, за да потоа во втората половина на првата сезона ги дочека пресврт во некои подлабоки, помрачни води, па на крајот да останат паф, мислејќи: „Чекај, дали штотуку ме уби во поим серија во која се раскажува за еден коњ?!“

Да, токму така! Затоа што не станува збор за каков било коњ што зборува, туку за еден коњ што сака да биде подобра личност, но постојано се сопнува од својата себичност и недостиг на самопочитување, па кога и да помисли дека конечно го постигнал тоа што го сакал, повторно прави некоја глупост, по која уште повеќе се мрази самиот себе и така во круг, повтоно и повторно... BoJack е урнебесна, шашава, анимирана комедија, но е и болно сурова серија за депресијата во која може да се препознае секој што некогаш се мразел самиот себе и не можел секогаш да побегне од своите слабости и демони. Значи сите.

Но колку серија за еден таков лик може да ја задржи свежината? Неодамна на Нетфликс излезе и петтата сезона во која BoJack, уште еднаш, остварува позитивни исчекори и на деловен и на личен план, само за да веднаш потоа ги саботира со својата склоност кон автодеструктивност. Како е можно и натаму тоа да е гледливо?

Па можно е благодарение на она со кое BoJack Horseman, меѓу другото, го заслужи местото во пантеонот на најголемите, со способноста да изненадува дури и во овој поодминат стадиум. Било да се работи со поигрување со форматот (како епизодата во која низ паралелни сцени од четири прослави на Ноќта на вештерките ги следиме различните временски периоди на љубовниот живот на Peanutbutter), или за развојот на односите помеѓу БоЏек и Дијана, неговата пријателка и сега веќе поранешна сопруга на господин Пинатбатер...

Кога сме веќе кај тоа, не можам да се воздржам и да не го цитирам еден од најдрагите моменти од претходните сезони, оној кога Mr. Peanutbutter се плаши дека BoJack нешто мати со Дијана, а овој го уверува дека нема причина да биде љубоморен: „Ма дај, што ти е...Мислам ок, дали таа ме привлекува? Се разбира дека да. Се чувствувам ли подобро кога таа е во близина? Секако. Дали таа ме разбира повеќе од која било друга жена? Дефинитивно. Дали фантазирам за неа? Да, ама само во две пози. Гледај, дали сум јас тип на фраер кој би се обидел некому да му ја украде девојката? Се разбира дека сум. А дали сега таа ми се допаѓа? Одоговорот е не. Ете, нема зошто да се грижиш“.

Ако приказната на BoJack можеби веќе ни е премногу позната, тоа е причината што има други ликови чиишто приказни уште не се раскажани до крај, како на пример Дијана, која во одличната втора епизода на новата сезона се обидува да ги истражи своите корени во Виетнам. Всушност и старите приказни секогаш можат да се раскажат на нови начини, како во уште подобрата шеста епизода која се гледа во еден здив, наспроти тоа што BoJack цело време таму...ха, нема сега да ви го расипувам задоволството!

Главно, серијата „BoJack Horseman“ трае веќе пет сезони и толку нè разгали што се чувствуваме помалку разочарано кога ќе видиме дека новата сезона не уште посјајна од претходната, туку е само – сјајна. Некои тоа го велат за оваа петта сезона, додека според мене, серијата стагнираше во четвртата сезона: оваа новата ја доживеав како повторно вивнување и многу ме интересира до кога Raphael Bob - Waksberg заедно со својата екипа сценаристи и аниматори ќе успева сето тоа да го држи на константно високо ниво. Но имам доста добро претчувство и за шестата сезона.

Извор: kulturpunkt.hr

 

ОкоБоли главаВицФото