Тишина! Мизофоничен сум!

05.11.2018 01:24
Тишина! Мизофоничен сум!

Дали музиката од звучниците во канцеларија ви пречи како што ми пречи и мене?

Еден програмер го поставил ова прашање барајќи поддршка од Reddit заедницата (кога веќе не ја нашол кај своите колеги). Дури и сосема тивка, музиката му пречела толку што сериозно се ангажирал да собере докази за нејзините негативни влијанија во работното окружување и тоа како финален аргумент.

Овој корисник на Reddit сигурно не мислел на терор со лоша музика, уште една типична појава на работното место. Сцената е позната: додека еден вработен ужива и си ги олеснува работните часови изигрувајќи диџеј, на другите им се крева косата на главата, да речеме на звукот на Фрајле или народњаците. Често присуството на музиката површно и слепо се изедначува со весело и тимско окружување. Личноста која ќе се спротивстави се етикетира како чудак или партибрејкер. Личноста која ќе премолчи, губи концентрација дури и за наједноставните задачи.

Слушале музика на работа или не, постои разлика во тоа кои позадински звуци ја попречуваат продуктивноста, учењето или расположението, како и кое ниво на сложеност на задачите и видот на личноста се први на удар. Истражувањата покажуваат дека многу повеќе пречи музиката со вокал од инструменталната музика, без оглед на јачината на звукот. Особено е непријатна вревата која доаѓа однадвор, на пример од блиското градилиште, и тоа доколку задачата која се извршува е сложена и бара концентрација.

Телефонот во канцеларијата кој ѕвони постојано негативно влијае на расположението, концентрацијата и продуктивноста на вработениот. Звукот на туѓиот разговор исто така може да го попречува паметењето, читањето и пишувањето. За сè е виновен ограничениот капацитет на краткорочната работна меморија, така што сето она што го свртува вниманието од основната активност го попречува учинокот. Според теоријата на когнитивното оптоварување, количината информации кои човекот може да ги обработи истовремено е ограничена. На пример, додека решаваме математичка задача, музиката од звучниците нè попречува, зашто станува дополнителен когнитивен товар кој мораме да го обработиме, иако нема никаква врска со задачата на која се обидуваме да ѝ се посветиме.

Програмерот од Реддит не би имал причина да се пожали доколку позадинските звуци негативно влијаат на сечија продуктивност. Станува збор за тоа дека некој едноставно има поголем капацитет на работна меморија, подобро го контролира и насочува своето внимание или ги кочи и блокира неважните информации. Претходните истражувања покажале дека музиката и позадинската врева особено го попречуваат учинокот на интровертите, додека тоа не е случај со екстравертите. Исто така, екстравертите порадо избираат да работат и учат во окружување кое е барем умерено активно, додека интровертите избираат места далеку од вревата, како библиотеките.

Луѓето се разликуваат според степенот на чувствителност и на специфични звуци кои не се говор или музика. Постои посебна група луѓе за кои чкрапањето на пенкалото, џвакањето гума за џвакање, туткањето хартија, длабокото дишење или мласкањето, претставуваат неверојатна фрустрација. Ваквата чувствителност на специфични звуци се нарекува мизофонија, а се движи од пониските нивоа на чувствителност како незадоволство или иритабилност до екстремните за кои е потребна психотерапија зашто личноста не е во состојба секојдневно да функционира. Сркнувањето кафе или грицкањето чипс, на пример, некого може да доведе до бес и потполна дезориентираност.

Мизофонијата не спаѓа во психијатриските нарушувања и се смета за еден вид намалена толеранција на звук. Се разликува од тинитусот (зуење во главата или ушите), хиперакузисот (болна пречувствителност на звуци) и фонофобијата (страв од изложеност на звуци).

Студијата објавена во 2017 година во списанието Применета когнитивна психологија испитувала токму на кој начин мизофонијата влијае на учењето. Испитаниците биле поделени во две групи – звучна и контролна, а сите добиле задача да научат лекција за мигрените за краток временски период. За разлика од контролната, со звучната група испитаници седел помошник истражувач, задолжен да им го попречува учењето со гласно џвакање гума за џвакање (веројатно и правење и пукање балони). Во следната фаза, сите испитаници правеле тест на знаење за мигрените како и тест за чувствителност на мизофонија.

Резултатите покажале дека испитаниците склони на мизофонија, во звучната група полошо го направиле тестот, но во контролната група – подобро од нечувствителните на мизофонија! Испитаниците кои ги фрустрира џвакањето или кој било друг ирелевантен звук, тешко учат и задржуваат информации во такво окружување, што сугерира дека мизофонијата може да биде поврзана со академското (и зошто да не, деловното) постигнување.

Така гледано, слушањето музика во канцеларија е тренд, но тренд кој нема на сите да им ја подобри продуктивноста, да им ги прошири видиците и да го направи денот на работа поподнослив. Правото на тишина е значајно колку и правото на дополнителен звучен ритам. Двата проблеми ги решаваат само едни слушалки.

Извор: http://www.psihobrlog.com