Рајхот на Земјата

06.11.2018 10:40
Рајхот на Земјата

Со доаѓањето на Ерик Овермаер на местото showrunner, серијата The Man in the High Castle од третата сезона доби неспоредливо послоевити ликови и подинамична приказна.

Еве нешто што не се гледа секој ден – драмска серија што стана добра дури во третата сезона. Не, стварно!

The Man in the High Castle е адаптација на една од најпознатите фиданки на фикцијата за алтернативна историја, на истоимениот роман на Филип К. Дик во кој силите на Оската победиле во Втората светска војна, а САД се поделени на западен дел под јапонска окупација (Пацифичките Држави на Америка), источен дел под германски јарем (Големиот Нацистички Рајх), и мала неутрална зона во средина. Во таа алтернативна Америка, и нацистите и припадниците на движењето на отпорот се во потрага по филмови што прикажуваат свет во кој силите на Оската ја изгубиле Втората светска војна, а кои во промет ги пушта таинствениот Човек од високиот дворец. Филмовите делуваат толку реалистично, што не изгледаат одглумено туку како документарни снимки, но ако тоа е навистина случај – како е тогаш тоа можно?

Па, така што во моментот на објаснувањето на таа загатка The Man in the High Castle ја минува границата што ја дели спекулативната фикција од научната фантастика, користејќи го СФ-концептот по кој посегнаа бројни ТВ-серии, со Fringe на чело како најтемелен и највпечатлив пример. Да не спојлам натаму, станува збор за концепт што е сега веќе на добар пат да стане излитен, ама сепак и натаму е потентен – па во комбинација со основниот коцепт на алт-историја прави плодна почва за една интригантна серија. А кога на тоа ќе му се додаде уште и врвниот визуелен word-building, ги имаме речиси сите состојки за добра драма: фалат уште само... пих, ликови!

И тука доаѓаме до Ахиловата петица на првите две сезони од The Man in the High Castle, чии најфасцинантни ликови се американскиот обергрупенфирер Џон Смит и министерот за трговија на Пацифичките Држави на Америка, Нобусуке Тагоми, кои, секој на свој начин, го чувствуваат товарот на моралните дилеми. И тоа само по себе не мора да биде лошо: слоевитите ликови секогаш се поинтересни од негативците од цртаните, а The Man in the High Castle меѓу другото и е серија за тоа како фашизмот може да биде заводлив и колку морничаво лесно е да се навикне човек на него како природна состојба на нештата, па се подразбира дека во така поставената серија барем понекогаш ќе мора да се има барем по малку симпатија за понекој фашист...

Но, проблемот со The Man in the High Castle е во тоа што во неа беше тешко да се симпатизира некој друг ОСВЕН фашистите! Зашто, имено, речиси сите други ликови освен споменатите двајца беа плочести непознати и еднодимензионални тапа-фраери. И за да биде работата уште полоша, наједнодимензионални и најтапа по правило беа, ни помалку ни повеќе – припадниците на движењето на отпорот, кои место херои за кои би требало да навиваме повеќе делуваат како неспособни смотаници и длабоко антипатични давежи.

Како декларативно антифашистичка серија, која беше во состојба со леснотија да фрли интересно светло на фашистите, ама истовремено мака мачеше со привлекување на симпатиите на страната на антифашистите – The Man in the High Castle неретко изгледаше како мрачен продукт на една сѐ посјебана доба. Но, дали навистина проблемот беше во општествената клима во која настана серијата – или просто во неумешноста на нејзините автори?

Па, испадна дека е и едното и другото. Иако повеќе ова второто.

Серијата среде работата на втората сезона ја напушти нејзиниот творец и showrunner Френк Спотниц, поради креативни разминувања со челниците на Amazon Prime, streaming платформата на која The Man in the High Castle беше и остана ударна мамка за претплатниците. По неговото заминување, втората сезона до крајот ја осмисли и ја напиша тим од сценаристи без showrunner, што само ја продлабочи веќе постоечката болка – не само што ликовите останаа тенки, туку и приказната, и онака веќе фрустрирачки развлечена, сега беше дополнително забавена до граница на кататоничност. Во Amazon Prime скопчаа дека работата сериозно губи контакт, па најдоа нов showrunner – Ерик Овермаер, кој занаетот го калеше на класиците како The Wire и Homicide – и...

Колкава разлика помеѓу новата и старата The Man in the High Castle, небо и земја! Вистина е дека мораа да минат речиси цели две години помеѓу излегувањето на втората и третата сезона, ама се исплатеше чекањето, затоа што подолгиот период на инкубација е искористен за систематско поправање на сѐ што не чинеше во серијата. За почеток, имам впечаток дека новиот тим седнал пред работната маса, ги попишал сите ликови и потоа фатил со ред да дума какви интересни црти би можел секому од нив да му додаде, а притоа сепак да не ги претвори во целосно нови ликови. Па иако Смит и Тагоми и натаму остануваат главната драмска атракција, тие веќе не се опкружени со иритантни давежи, туку со полнокрвни карактери, кои ви се важни и на кои со радост им се враќате, наместо едвај да чекате да исчезнат од екранот.

А па темпото на приказната! Тоа што претходно се развлекуваше низ поголемиот дел од сезоната, сега се разрешува за епизода-две. Веќе самата петта епизода по напнатоста и густината на настаните го надминува кое било од финалињата на претходните сезони. А дури и кога приказната повремено забавува, тоа веќе не делува како прпелкање во безидејност – туку како нужен маневар за регрупирање, пресложување на фигурите за да биде сѐ на свое место, подготвени за идниот чин.

И најнакрај, третата сезона почна да се пишува тамам таму негде кога се случи – Доналд Трамп. Кога на Американците фашизмот веќе не им беше некој апстрактен баук од минатото, туку стануваа сѐ појасни контурите на можната иднина. Секако, не е случајно што сцената во финалето на сезоната, кога орда разулавени млади неонацисти со факли дивее по Њујорк, потсеќа на демонстрациите во Шарлотвил, ама посебно паѓа во очи разликата помеѓу оваа и претходните сезони во прикажувањето на опонентите на фашистичкиот режим, чиј антифашизам веќе не е само – што би рекол еден наш wannabe obergruppenführer – празна флоскула, туку сега делува поавтентично, помотивирано. Навистина се чувствува како се ужаснуваат од она што стана општествено нормално, им веруваш кога зборуваат дека мора да направат сѐ за да го запрат ширењето на ракот на фашизмот и, конечно, навиваш за нив без задршка.

Извор: kulturpunkt.hr