Господинот Хенри и енциклопедијата (4)

08.11.2018 12:31
Господинот Хенри и енциклопедијата (4)

 

Стварност

Господинот Хенри рече: Ако човек го измеша апсинтот со стварноста, добива подобра стварност.

... можете да верувате, почитувани слушатели, дека ова што ви го зборувам не доаѓа од ученоста, која без сомневање ја поседувам во големи количества; не, не доаѓа оттаму мојот глас.

... мојот глас доаѓа од искуството, драги сограѓани!

... вистина е дека ако човек го измеша апсинтот со стварноста добива подобра стварност.

... но исто така е вистина дека ако човек го измеша апсинтот со стварноста добива полош апсинт.

... многу рано ги направив клучните избори што треба да се направат во животот ‒ рече господинот Хенри.

... никогаш не го мешав апсинтот со стварноста за да не му го расипам квалитетот на апсинтот.

... уште една чаша апсинт, драго превасходство. И тоа без и една капка стварност, молам.


Мозок

Господинот Хенри рече: Не ми се допаѓа кај џебовите од панталони и кај кошулите тоа што не се направени да носат течности.

... кога облеката на луѓето би била подобро подготвена за пренесување течности а не злато, светот би бил многу подобар.

... вие, господа, добро размислете за ова што господинот Хенри ви го зборува,бидејќи господинот Хенри е мошне умен.

... повеќето луѓе се умни оттука угоре, а јас сум умен одовде угоре и удолу.

... умен сум во сите правци ‒ рече господинот Хенри.

Горниот дел

Господинот Хенри рече: Доаѓајќи наваму, патем видов во паркот медицинска сестра како залева три бебиња како да се билки.

... а бебињата делуваа среќно.

... чаша апсинт, уважен императору ‒ нарача господинот Хенри.

... ако билки залева жена, тие стануваат поженствени, а ако ги залева маж, стануваат погруби.

... сум виѓавал и почудни работи.

... уште една чаша апсинт, драг императору, таа минатата дојде пребрзо.

... направено е истражување кое докажало дека интелигенцијата превасходно се наоѓа во горниот дел од апсинтот.

... и поради тоа јас секогаш пијам почнувајќи одозгора.

... сепак, отсекогаш ме копка фактот дека не е можно да се пие течност од дното.

... но, тоа не е единствената мистерија на светот ‒ рече господинот Хенри.

Теорија

Господинот Хенри рече: Телефонот е изумен за луѓето кои се оддалечени едни од други да можат да разговараат.

... телефонот е изумен за да ги оддалечи луѓето едни од други.

... сосема исто како и авионите.

... авионот е изумен за луѓето да живеат оддалечени едни од други.

... кога не би постоеле авиони ни телефони, луѓето би живееле сите заедно.

... ова е теорија, но добро размислете за неа.

... потребно е да се мисли во моментот кога тоа никој не го очекува.

... така ќе ги изненадиме.


Битното

По подолга тишина, господинот Хенри рече: Денес ќе влезам и излезам без и еден единствен збор.

... од денес своите говори ќе ги сведам на битното, оти согледав дека во оваа установа на моите енциклопедиски беседи не им се придава вредноста што ја заслужуваат.

... од денес ќе отворам уста само за да нарачам уште апсинт, и за ништо друго од мене нема да се слушне ни збор, бидејќи вие, господа, сè на сè, сте купче пијаничишта.

... од денес само навистина битното.

... што се однесува до информациите, овде застанувам.

... уште една чаша апсинт, екселенцијо ‒ рече господинот Хенри.

Избор и превод: П. В.
Слики: The Royal Art Lodge
Наслов на оригиналот: Gonçalo M. Tavares, O Senhor Henri e a enciclopédia, 2003.

ОкоБоли главаВицФото