Господинот Хенри и енциклопедијата (3)

01.11.2018 16:56
Господинот Хенри и енциклопедијата (3)

 

Кивање

Господинот Хенри рече: Мувите постојано ги мијат рацете како Пилат.

... дали, уважени господа, знаете кој бил Пилат? Човекот што миел раце како мувите.

... се шегувам.

... дали некогаш сте виделе муви кои постојано ги тријат ноџињата едни од други?

... изгледаат како богаташ кога ќе заврши со броењето на сите банкноти.

... проблемот на мувите е во нивото на ерудиција ‒ рече господинот Хенри.

... мувите немаат јазик зашто немаат библиотека. А да имаат библиотека би имале и ерудиција.

... ерудицијата е вид јазик кој е ист со нашиот, само што не го разбираме.

... јас сум голем ерудит, но кога ќе влезам во библиотекава на шишиња, ја оставам ерудицијата пред врата и станувам ѕвер со чаша.

... оваа установа има повеќе муви од што Пилат имал деца.

... а Пилат, судејќи по името*, веројатно имал многу деца.

... човек кој се вика Пилат мора да остави впечаток секому.

... јас знам дека не сум никаков Пилат, но и јас имам свои квалитети.

... ова е мошне префинет хумор.

... најтешко е да се биде духовит на темата секс а да не се повреди туѓата осетливост.

... еден од моите квалитети е хуморот што не ја навредува осетливоста.

... повреда на осетливоста е мошне сериозна работа.

... после повреда, осетливостите тешко закрепнуваат.

... Лапонците верувале дека снажното кивање може да убие ‒ рече господинот Хенри.

... Лапонците верувале дека снажното кивање може да ја убие личноста што кива, но кога би виделе како вие, уважен господине, токму кивнавте, ценам дека би го смениле мислењето.

... вашето кивање може да ги убие другите.

... како некого да сте шлакнале со белите дробови сред глава.

... таквото кивање, како ова кое вашето господство штотуку ни го овозможи, никому не смее да му се дозволи.

... со такви подароци можам да заработам заразни болести.
знајте, премачкан господине, дека во Средниот век цело село можело да се зарази со чума ако некој само еднаш кивнел.

... знајте го и тоа, господине, дека веќе не сме во Средниот век за да може така да кивате.

... а знајте и дека, освен што е одвратно и заразно, ваквото кивање е одраз на бескрајна непристојност од ваша страна.

... знајте дека само од почит спрема уважениот сопственик на чеснава куќа не сум заминат оттука.

... кивање од вакви димензии е полошо од вештичија клетва.

... во ваквото кивање сигурно има повеќе болести отколку во медицинските каталози.

... знајте, господине, дека ваквото кивање покажува дека немате култура, а ни библиотека.

... вака може да кива само некој неписмен и необразован, општествен паразит кој избира чесни места за врз нив да го рашири својот моќен отров и со тоа полека да ја подрие цврстата градба која го сочинува нашето општество.

... знајте дека сега ќе испијам уште една чаша апсинт за да ги согорам сите тие демони кои вие, господине, ги испаливте кон нас со своето топовско кивање, сосем немилосрдно, налик на некој џелат од Средниот век.

... знаете ли, премачкан господине, дека во Средниот век џелатите ставале качулки, за никој да не ги препознае и им се одмазди? И знаете ли дека во денешно време на џелатите веќе не им требаат качулки и дека, згора на тоа, примаат и редовна плата од државата?

... вие, господине, би требало да знаете дека оваа држава е најголемата срамота на нашата земја бидејќи не ги штити установите каква што е оваа, кои ја штитат културата со целото тело, како што тоа го прави добрата чашка апсинт!

... знајте, господине, дека вие сте еден лицемер и, од денес, веќе немојте да ми се обраќате.

... ве молам, донесете ми ја сметката, драго превасходство, и се извинувам поради својата возбуденост, но вие, уважен газда, припуштивте во оваа сала за примање некои натрапници недостојни со нога да стапнат на ова благородно тло.

... ви посакувам пријатна вечер, моја господо, а тебе, драг непријателу, ти посакувам грозна вечер.

... и не заборавајте дека јас сум како слон: никогаш не заборавам и нема да се смирам додека не ве дофатам.

... вие, господине, над сè, сте незнајко.

... вие, господине, веројатно не знаете ништо ни за мравките, а камоли за слоновите.

исчезнете, господине, од мојот воздух, оти вие сте во состојба да ги заразите дури и веќе болните бактерии.

... вие имате повеќе отров од цело семејство шкорпиони и од собрание полно со политичари, не нужно по тој ред.

... вие, господине, не сте достоен ни да пиете.

... вие, господине, сте грешка на природата, трагична грешка на овој толку прекрасен ден којшто Нашиот Господ ни го подарил.

... господине, вие му штетите на сонцето.

... господине, вие сте полош од животно.

... и престанете да молчите, оти ме нервирате.

... вие, господине, сте мамлаз, стојам зад тоа.

... мамлаз, и тоа е тоа.

... и не заборавајте чадор утре, ќе врне.

... вие, господине, не верувате во Бога и не знаете да пиете апсинт.

... не владеете со себе.

... и не верувате во Бога, го знам јас тоа добро.

... а тоа е грев, да не се умее да се пие апсинт ко што треба.

... апсинтот мора да се почитува.

... не се пие така како што вие го пиете.

... вие, господине, сте агностик во сите насоки.

... се кладам дека дури и со својата жена сте агностик.

... се шегувам со вас. Вие, господине, не го разбирате мојот хумор, вие сте неписмен, необразован и имбецил.

... и ќе ви речам нешто многу полошо: не знаете да пиете.

... вие, господине, дури не го знаете значењето на зборот агностик.

... вие, господине, се возбудувате, вие не владеете со себе.

... догледање на сите, што е тука е.

... вие сте, господине, будала.

... така не се кива ни во Кина! ‒ рече господинот Хенри.

 

*Името Пилат во себе го содржи зборот „pila“ со кој во португалскиот жаргонски се означува машкиот полов орган ‒ Заб. прев.

Избор и превод: П. В.
Слики: The Royal Art Lodge
Наслов на оригиналот: Gonçalo M. Tavares, O Senhor Henri e a enciclopédia, 2003.

ОкоБоли главаВицФото