Господинот Хенри и енциклопедијата (2)

25.10.2018 16:49
Господинот Хенри и енциклопедијата (2)

Земјотреси

Господинот Хенри рече: Ако сакате да ископате бунар, најдобро е прво да пронајдете мравјалник.

... уште една чаша апсинт ‒ нарача.

... бидејќи секој знае дека под мравјалник има многу вода.

... мравките, според тоа, се билки напола интелигентни, а напола глупави, додека билките се животни без каква било интелигенција.

... на мравките им е потребна вода за да засноваат семејство. Во тоа се налик на луѓето.

... под земја постојат движења на енергијата кои се еквивалентни со движењата во мравјалникот.

... и токму од мноштвото вакви движења се раѓаат земјотресите.

... јас секојдневно читам енциклопедија за да можам да дојдам до неопходниве информации ‒ рече господинот Хенри.

... човек никако не може да живее без информации.

... информацијата ‒ рече господинот Хенри, веќе плеткајќи со јазикот ‒ информацијата е другата страна на апсинтот.


Влијанија

Господинот Хенри рече: Пред многу милениуми Кинезите изградиле кула на среќните влијанија. Прочитав во енциклопедија.

... тоа била мошне висока кула, направена за, од поголема близина, да се бара помош од ѕвездите овде долу.

... ако бараш помош од сонцето со нозете наземи, сонцето не те слуша.

... небото подобро слуша џин отколку џуџе. Тоа е математика.

... така што, кога сакаш да му зборуваш на небото, качи се на највисоката кула и викај.

... елем ‒ рече господинот Хенри ‒ проблемот на немите, несомнено, е недостатокот од глас.

Свињарија

Господинот Хенри рече: Келтите верувале дека, ако оглувиш некого, тој човек засекогаш останува твој роб, поради што нема да може да разбере ничии туѓи учења.

... но тоа било во времето кога писмото сè уште не било измислено. А ни филмот.

... сега е потребно некого да оглувиш, ослепиш, да му исечеш шаки и стапала, ако го сакаш за роб.

... бидејќи во денешно време се осознава со секој дел од телото.

... а тоа, по мое мислење, е недостиг од хигиена.


Виножито

Господинот Хенри рече: Виножитото е создадено 1656 година.

... се шегувам, се разбира.

... разликата помеѓу природните и човечките творби е во тоа што природните творби немаат датум кога се создадени ‒ рече.

... природните творби се секогаш постари.

... чаша апсинт, молам ‒ нарача.

... има такви што веруваат дека постои и ножно виножито, кое не го гледаме зашто сме слепи.

... никогаш не сум го разбирал прогресот.

... ја пиеме чашата апсинт на сосема истиот начин како и жителите на стариот Рим.

... а и понатаму ни зборуваат за прогресот.

... добар е апсинтов.

... апсинтот е создаден пред интелигенцијата, тоа е еден од малобројните неизбежни историски факти.

Клетва

Господинот Хенри рече: Оној кој еден ден ќе ја затвори вратата на чесниов локал, нека го прогонуваат сто илјади куцкави демони и една трикратно грда вештерка.

... чаша апсинт, молам.


Избор и превод: П. В.
Слики: The Royal Art Lodge
Наслов на оригиналот: Gonçalo M. Tavares, O Senhor Henri e a enciclopédia, 2003.

ОкоБоли главаВицФото