Господинот Хуароз и мислењето (3)

19.12.2018 18:06
Господинот Хуароз и мислењето (3)

Вода што врие

Господинот Хуароз размислуваше како забите, устата, јазикот и грлото, заедно, дејствуваат како скулптори на воздухот, преобразувајќи го во зборови.

Да го кажеш наједноставниот збор (како куче или маса) претставува детална мануелна работа која ја извршуваат органите и цевките низ кои воздухот минува. Да не сме скулптори на зборовите, со устата само би џагореле, како вода што врие ‒ мислеше господинот Хуароз.

Ненадејно, господинот Хуароз престана да размислува за да се сосредоточи на својот слух. Навистина, од кујната допираше чуден звук, налик на вода што врие.

Господинот Хуароз тогаш брзо стана и отрча во кујната.

Да, водата повторно испарила од ѓезвето.

Трет пат за десет минути заборави на водата што ја пристави.


Музика

Прашањето што во тој миг го окупираше господинот Хуароз беше ова: ако е музиката, во суштина, воздух со одреден ритам, и ако човечкото дишење е сочинето од издишувања ‒ со кои се исфрла воздухот ‒ и вдишувања, со кои воздухот се голта ‒ дали е можно дека тој ‒ господинот Хуароз, во тој миг ја вдишува ужасната музика што ја свири некоја неука група?

Господинот Хуароз не беше хемичар и до детали не го познаваше составот на отровниот јаглен-моноксид, но сепак, од проста љубопитност, го побара во програмата името на композицијата која ја слушаше со големо страдање.

Меѓутоа, зборот јаглен-моноксид не го најде. Не само што лошо свират, помисли господинот Хуароз, туку грешат и во имињата на супстанците.

Отровот го нарекуваат симфонија.

Организам

Да се мери организмот ‒ мислеше господинот Хуароз ‒ значи да се прифати лагата, оти организмот по дефиниција нема должина, туку глад.

Како да се измери нешто што се менува? Како да се измери промената? ‒ мислеше господинот Хуароз.

Докторот пред него, меѓутоа, само што не се беше откажал.

‒ На крај, можам ли да Ве извагам или не?

Извагај ме дури кога ќе престанам да се менувам ‒ само што не изусти господинот Хуароз. Меѓутоа, во истиот миг помисли дека во тој момент можеби веќе би било доцна медицината нешто да направи.

‒ Повелете, повелете ‒ рече најпосле господинот Хуароз, крајно љубезно.


Воспитување и природа

Допирањето парченца земја за господинот Хуароз беше опсцен чин. Како да ѕирка низ клучалка додека некоја госпоѓа се соблекува.

‒ Допирањето природни елементи е недостаток на воспитување ‒ велеше господинот Хуароз.

Сетилото за допир го сметаше, дотолку, за потполно простачко.

‒ Допирањето на работите, освен што открива недостаток од префинетост, открива и слабост, првин слабост во мислењето, а потоа и слабост на слухот и на мирисот и, најпосле, на видот.

Ги допирам работите само зашто сум слаб ‒ гласно рече господинот Хуароз, во моментот додека снажно ја стискаше раката на својот комшија.

Слики: Valerio Adami

Избор и превод: П. В.
Gonçalo M. Tavares - O senhor Juarroz e o pensamento, 2004

ОкоБоли главаВицФото