Никој

17.11.2018 13:06
Никој

Еден човек возеше велосипед и исплашено се вртеше назад. Зад него немаше никој.

Човекот вртеше сѐ побрзо со педалите. Лицето му беше искривено од страв. Постојано се вртеше зад себе. А зад него немаше никој.

Беше ноќ. Улиците на градот беа празни. Имаше слаба магла. Човекот на велосипедот јуреше напред, исплашено вртејќи се зад себе. Но зад него немаше никој.

Стравот се зголемуваше со секој изминат миг. Лицето на човекот изразуваше огромна несреќа. Целата негова појава одразуваше избезуменост. Вртеше силно со педалите и исплашено се вртеше зад себе. Иако зад него немаше никој.

Маглата се згуснуваше. Човекот на велосипед силно се заби во белиот облак што наеднаш се создаде пред него. Се слушаше чкрипењето на неговите педали.

Јуреше напред, на слепо. А потоа во ноќта се разнесе неговиот силен вресок.

Извор: Очудувања #1 и #2 (кратки раскази), Бегемот, Скопје, 2018

Фотографија: Victor Habchy

ОкоБоли главаВицФото