Состанокот почна

27.12.2018 11:30
Состанокот почна

Ми беше наредено да присуствувам на состанокот зашто така посакал директорот. Им реков дека не работам во нивната институција. Ми одвратија дека најдобро е да молчам и да пишувам белешка (значи да бидам безгласно писарче). Две жени насилно ме одвлечкаа до салата, ми го покажаа столчето, кое, патем, беше на ќошот, и пред вербално да негодувам ми рекоа: „За ова добиваш плата!“, а тие не беа мои работодавци и од нив не добивав плата.

Од оние седнати близу до мене слушнав дека состанокот ќе го води заменикот на директорот, а директорот, пак, ќе бил нешто како во сенка, што го протолкував дека тој подоцна ќе го разгледа кажаното. Заменикот дисциплинирано дојде навреме; се зачудив зошто толку недискретно му тропка чевелот и дискретно му ги погледнав нозете забележувајќи потоа дека се потпира на едно речиси проѕирно бастунче (значи тоа тропкало!). Сите станаа, станав и јас, тој благо се поклони (што беше ова со главата?) и посака да објасни дека пред извесно време на работното место (ова посебно го истакна) симнувајќи се по скалите што водат кон канцеларијата на „нашиот почитуван директор“ се сопнал; веројатно бргу ќе му помине. Но мене ова ми беше сосема непотребна информација зашто претходно додека тој така елегантно се поклонуваше пред присутните, забележав дека на главата има нешто како круна, ама кога се исправи, круната како да доби облик на... мал дефицит на зборови... Круната како да личеше на две полукружно свиени сабји (?)... ками (?)... извиени шупливи рога... и како да не беше на неговата глава, туку како веднаш зад него да имаше сенка, па на неа да беше прикачена. Инаку, сè друго му беше обично, дури не беше ни импозантно висок.

– Ќе ја замолам колешката – и ме погледна со втренчен поглед, па дури и потоа, кога се разви дискусијата и кога тој го имаше главниот збор, ме гледаше втренчено како да имам рогови на глава – пред да почнеме да има предвид дека белешката ќе биде класифицирана „строго доверливо“.

Изби некакво негодување меѓу присутните, па една симпатична госпоѓа со некакво ѕвездено ѓерданче погласно рече нешто како „Таа нема сертификат“; личниот секретар на заменикот укажа на потребата белешката да биде на ранг на „државна тајна“, а некој во моја близина, иронично или не, ѝ дошепна на госпоѓата со бела коса дека белешката нужно е да биде „космичка тајна“. Заменикот благо ја сврте главата кон десно, па уште малку кон десно (имаше навистина еластичен врат), ги придвижи усните артикулирајќи ѝ нешто на празната позадина, па се заслуша, па прсече:

– Таа е дел од нашата работна група. Ја преземам целата одговорност белешката да биде „строго дов.“, а на нашата колешка привремено усно ѝ давам сертификат соодветен на ваквиот тип белешки.

Јас за сето време бев безгласна буква и не бев нивна колешка.

– Дали, колешката го знае јазикот на кој ќе се води состанокот? – не знаев дали замеников ми се обраќа мене, зашто нели треба да ми се обрати со соодветно глаголско лице, кога веќе така втренчено ме гледа: Дали го знаете или го знаеш итн.

– Добро – продолжи – молкот е индикатор за потврден одговор – констатираше, додавајќи потоа:

– Потсетувам дека е нужно белешката да биде потпишана од изработувачот пред да ја проверам.

Состанокот почна, а Господ беше толку милослив кон мене, што ми даде дар да го разберам кажаното.


***

Јас, пак, за цело време додека така покорно си молчев и си пишував, имав претстава дека тоа што го гледам/слушам претставува театарска претстава, а не состанок. Па и јазикот на кој зборуваа, ајде да ги наречам артистите, беше некако артифициелен. Секако, како и секој просечен претставник на публиката, подоцна, многу подоцна доживеав нешто како внатрешно откровение дека се работи за реална стратегија обмислувана и реализирана со години.

Откако состанокот заврши и актерите жедно чекаа заменикот на директорот да го навести крајот, стомакот почна да ми пулсира, некаква жештина започна да ми ги зафаќа стапалата, змиски да ми ползи по нозете, преку колковите, ’рбетот, вратот, па сè до темето на главата. Не видов, но знаев дека очите почнаа да ми поцрвенуваат и од жолтите петна на рожниците да ми излегуваат млазеви неподнослива светлина, па ги склопив капаците од страв да не ја забележат другите.

Но оној заменик веќе ја улови мојата пеколна состојба и како загрижено (барем така ми се чинеше неговиот глас) праша:

– Дали е сè во ред со колешката?

Му одговорив потврдно, значи, го излажав, подотворајќи ги очните капаци и почувствував дека се движам околу масата, дека дури им ги гледам грбовите на луѓето, дури и грбот на заменикот, којшто не беше негов грб, туку некоја сенка со змиски облик прилепена за него, што испушти некаков глас ссс.

Но сеедно, јас си седев на ќошот од масата и не разбрав како се движам, кога во тој миг заменикот ме погледна како престрашено, констатирајќи дека имам нездрава боја на лицето.

– Нека стане! – слушнав глас од зад заменикот чии контури почнаа да се релативизираат.

Другите ме гледаа со уплав и неверување кога и по неколку подолги секунди не станав. Со звучно движење заменикот придржувајќи се на бастунче, тешко и елегантно ми се приближуваше. Потоа ми го бакна челото, се подистави во неверување и рече:

– Таа гори како пекол – и ги исклешти своите совршено бели заби, а мене веќе почна да ми се повраќа од последниот збор што ме потсети дека еднаш, и не така одамна, допрев до неговата вистинска семантика.

Со проѕирното стапче заменикот покажа кон госпоѓата со бела коса и кон еден господин со црвеникава коса, тие станаа, ми се приближија и цврсто прегрнувајќи ме едната за едната, другиот за другата страна, ме станаа (белокосата госпоѓа беше навистина силна).

Заменикот ме опфати со погледот кој за кусо време му се слизна на мојот стомак и таму се закотви. И... со стапчето почна да ми ја поткрева кошулата и маичката под неа. Не му беше доволно, па со поглед ѝ покажа на белокосава нешто што таа веднаш го декодираше и нејзините тенки прсти за миг ми го откопчаа копчето од пантолоните. Целиот мој стомак беше разоткриен пред сите присутни.

– Можам ли да констатирам – благо се поднасмевна заменикот – дека нашата колешка или внесува премногу јаглехидрати, или има проблеми со метаболизмот, или...

– ... е бремена – нестрпливо продолжи белокосата госпоѓа.

Заменикот имаше поинаква замисла како да го формулира истото и сам доврши:

– ...веќе е невозможно да се игнорира големината на фетусот. – Ја погали брадата веројатно чекајќи ја мојата реакција, а јас немав што да кажам. – Па добро... – продолжи – нашата госпоѓица колешка молчи!

– Госпоѓа сум – реков како да се правдам (од што?), но овој, на кој веќе сладострасно му светеа очите, нешто поинаку го протолкува ова, по што следуваше едно-двеминутно божем феминистичко објаснување за дискриминацијата етикетирана преку двојството госпоѓица-госпоѓа, ама некако первертирано зашто, нели, тој првично ме ослови со госпоѓица итн.

– Ние целосно ќе те поддржиме во твојата одлука – спуштајќи ги усните на моето вжештено уво, за првпат употреби соодветна глаголска форма. Неговиот глас имаше црно ехо, додека неговата работна орда на големо дискутираше за мојот проблем и од нивните зацрвенети усти веќе излегуваа и можни решенија. Госпоѓата со ѕвезденото синџирче се осмели да даде погласна солуција:

– Госпоѓицата колешка, согласно нејзиниот статус, мора да биде третирана... се извинувам, нејзината состојба мора да биде третирана согласно постоечките закони, што значи, ќе биде задржана извесно време на испитување.

Заменикот од внатрешниот џеб на костумот извади некакво книвче (успеав да прочитам нешто како „Законски измени“) и не обѕрнувајќи се на коментарот на оваа госпоѓа, го даде финалното решение:

– Подготвени сме детето да го признаеме како мое – слушнав дует од гласови, иако устата ја отвораше само заменикот. – Се нудиме да му бидам татко. Ќе ме удостои ли понизната колешка со еден потпис, еве овде... – извади бланко-договор на чии маргини беа испишани некакви болдирани иницијали и име и презиме кое веројатно требаше да биде мое, но не беше мое.

Откако виде дека стојам речиси неподвижна, почна да го врти вратот лево-десно, десно-лево, десно, десно и повторно кон мене:

– Каде е сопругот на драгата колешка? – прашуваше. – Го гледате ли некаде, колеги? Каде е татакото?


Заминував бавно и со цврсти чекори, речиси потпевнувајќи:

– Вие ќе ја почитувате мојата одлука! Царски збор назад не се враќа!

Се повлекував; се повлекоа и неколкуте гласови во просторијата. Сега имаше штама, а јас упорно одев кон вратата.

– Белешката ќе ја доставам за одобрување штом ќе ја завршам – речиси шепотев.

Сепак, ме чудеше мојата сила (вообичаено сум плашлива). Ме чудеше и нивното повлекување.

Подоцна доживеав нешто како епифанија, но од понизок степен, не како онаа првата. Макар и во фраза го споредив со цар. Подоцна кога жештината почна да се повлекува од темето, преку рацете, колковите, нозете, стапалата. Кој да ми ја одобри белешката? Подоцна кога излегов и кога гледајќи нагоре видов вени на небото кои набрекнаа до пукнување. Зошто да потпишам?


Заврна немилосрдно, како пред потопот.

 

Слики: George Tooker

ОкоБоли главаВицФото