Зимско утро

19.12.2018 11:33
Зимско утро

Студ

Ноќеска е надвор голем студ, цибрина. Небото сосем јасно, мрзне снегот на улиците. Се враќам доцна дома. Студот ме боцка со танки иглички по писките. Еве ме сега веќе во топла соба. Земам книга да прочитам некоја страница пред спиење. Уште не сум сосем затоплен и студенилото искри од мене. И одеднаш мисла – нагла, јасна и студена – дека е толку природно што сум осамен, дека ништо пологично нема од тоа, дека сѐ морало да биде како што било. Мрзне крвта во мене оваа ноќ, зашто мрзне сѐ наоколу.

 

Зимско утро

Молчи зимското утро.
Се стуткало в соба, како куче.
Уште не му се излегува надвор.
Студи.
Под мојот прозорец
и додека цвркоти и си рипка шалава
сипка:
сип, сип, сип!
и тоа како порив за живот
во мене пак да буди.

29 ноември 1993 г.


На денешен ден, 19 декември 1921, во Небрегово е роден Блаже Конески. По тој повод го објавуваме краткиот прозен запис „Студ“ и песната „Зимско утро“, која, според кажувањата на Трајко Стаматоски, е последното нешто што го запишал Конески.

Илустрација: David Álvarez

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото