Премиера на монодрамата „Џанки“

25.12.2018 14:37
Премиера на монодрамата „Џанки“

Вечерва (25 декември) со почеток во 20 часот, во Кинотека на Македонија ќе се одржи премиерната изведба на монодрамата „Џанки“ (Ајде да не зборуваме за очајот...)

Шокантен текст и режија на Југослав Петровски, кој по долги години „цензура“, се враќа на театарската сцена со продорен авторски крик за – дрогата и пеколот што ја носи таа, за заблудите, измамите, етикетирањата .... за многуте влезови во тој пекол и титанската борба при излегување од тоа пеколно царство. Но секако дека тоа е само иницијална капсула, драматуршка ударна игла која ни отвора цел еден свет на ерозија на светот во кој живееме, и ерозија на самиот човек било каде во оваа време – невреме.

„Кога ќе си ја продадеш душата на ѓаволот, тогаш место кај што била душата, тоа место, не може да се исполни со ништо, останува – празнина... А таа празнина, пече, боли проклетото; и ти се обидуваш да ја наполниш така настанатата црна дупка со било што ... со - дрога, алхохол, похота и порок, со сите сладострастија на Содома и Гомора, но колку и да сипуваш внатре таа е сè попразна, а човекот кој си ја „продал душата“ е во сè поголем пеколен хаос: при ситост - да неможе да се засити!“, вели авторот Петровски.

Оваа монодрама е инспирирана и преставува спој на неколку вистински животни исповеди. Трогателни, хаотични, приказни кој можел да ги смисли и спроведе во дело само ѓаволот лично. Во монодрамата се говори сурово, се става 'живо парче месо' пред публиката, не се морализира, и ништо не се кажува во бели ракавици. Во оваа монодрама животот е онаков каков што навистина е.

Се работи за независен проект во изведба на актерот Горан Ников, по текст и режија на Југослав Петровски.
Организатор и глас: Маријана Миа Петровска
Дизајнот на плакатот и сценографијата се на Мето Кузманов.