Неволји со пријателите...

20.02.2019 02:45
Неволји со пријателите...

Станислав Белковски

...или евакуацијата која тече

 

Во радио емисијата Личниот став на слушателите, својот личен став за некои специфични аспекти од надворешната политика на Русија го изложи политичкиот аналитичар и колумнист Станислав Белковски. Интервјуто го водеше новинарот на Радиото Ехото на Москва, Алексеј Наришкин.

Како ги гледате најновите настани во Венецуела?

Со благо скриена злорадост. Прво зашто гледам дека на планетата сѐ уште има земји во кои се живее многу полошо отколку во Русија. Потоа, по којзнае кој пат уште еднаш се потврдува мојата теза дека ниеден политички режим, па ни овој на Мадуро, не е вечен. И најпосле, како ехо во мене одекнува репликата од стариот американски детективски роман кој во осумдесеттите години беше мошне популарен во СССР: „Е мој Џони, вечно се обложуваш на погрешен“. Така и оваа наша Русија. Штом ќе видите дека Руската Федерација каде било во светот вложува големи пари во некаква политичка сила, знајте дека на таа сила ѝ се ближи крајот.

Како што вели народот, како некаков баксуз сме? Штом Русија ќе одлучи да те намами со нешто, знај...

Да, секако. Уште ако тој мамец се мери со милијарди (сеедно кои), шансите за брза пропаст сразмерно се зголемуваат со овие гломазни бројки.

А, кога станува збор за Венецуела, мислам дека таа на Русија, или поточно на одредени структури на руската власт, ѝ е важна не само како земја поволна за инвестиции во нафтената индустрија, не како нафтоносна провинција, кои, патем, во светот ги има многу, туку и како територија која според многу нешта е поволна за транзит на наркотици, како важен потпорен столб условно кажано на транзитниот мост Венецуела-Куба-Советски сојуз. Намерно велам Советскиот сојуз, зашто како што некои веќе знаат, а многумина оправдано насетуваат, не станува збор за никаква особена новост.

Зарем навистина постои тој мост?

Секако дека постои. Тој мост и тоа како е важен. За квалитетно занимавање со овој бизнис, неопходно е на располагање да се има државата. Зашто како што рече познатиот корејски религиозен лидер, основач на Црквата на обединувањето или поточно сектата Мун, постојат само два стопроцентно исплатливи бизниси во светот: сопствената држава и сопствената религиозна организација.

И затоа, за гарантирано стабилни испораки на кокаин и слични производи, треба да се располага со можностите кои ги има државата, а тоа пред сѐ се сопствена војска, сопствена полиција, сопствен авио-транспорт, сопствени служби кои ќе вршат контрола само на оној товар што треба да се контролира, а оној кој не треба ќе помине без контрола. Треба да се обезбедат и сигурни воздушни коридори за, не дај боже, случајно да не се случи некакво принудно слетување на туѓа територија.

Николас Мадуро

Дали Аргентина не е еден од потпорните столбови на тој, како што рековте, транзитен мост? Само да се сетиме на минатогодишниот скандал во врска со 400 килограми кокаин кој беше пронајден во руската амбасада во Буенос Аирес.

И сами видовте колку беше слаба поддршката. И за да се избегнат такви ексцеси, на Русија ѝ се неопходни апсолутно приврзани и пријателски режими, по можност лево ориентирани, како овој во Венецуела или оној на Куба. Ако му се случи нешто на Мадуро, сиот тој добро разработен огромен нарко-бизнис ќе мора да се преориентира, што ќе признаете дека е енормно голем проблем. За безбедноста на овој бизнис повеќе одговара венецуелската армија која многумина ја сметаат за важен огранок на картелот Сонце (Cartel de los Soles). Односно, венецуелската армија е фактички служба за безбедност на овој нарко-картел. А главен супервизор за безбедноста на оваа организација е Диосдадо Кабељо, неофицијално политичар број 2 во Венецуела и можно е по многубројните преговори и после тешката политичка трговија тој да биде оној кој привремено ќе го замени Николас Мадуро. Не веднаш, туку за неколку месеци или една година, со што под одредени услови изгледа дека се согласни и лидерите на опозицијата.

Тоа е решение за кое Русија сесрдно ќе се залага. Друго решение практично нема. Алтернативни канали за извршување на толку масивен и деликатен транзит практично не постојат.

Но, сепак нешто не разбирам. Ми се чини дека Америка секогаш и секаде наметнува таканаречени демократски решенија. Зошто сега одеднаш го поддржува Хуан Гваидо, човекот кој не победи на претседателските избори?

Тие не го сметаат за легитимен, вистински претседател. Но во исто време неговата положба е апсолутно легална.

Само затоа што самиот се прогласи за претседател?

Па, не е баш така. Ајде да го погледнеме венецуелскиот устав како да е наш - руски. Во Венецуела на последните парламентарни избори победи опозицијата и согласно тоа, тој легално беше избран за претседател на парламентот, официјално трет човек во државата, после претседателот и неговиот заменик.

Парламентот веднаш по изборите активно почна да бара начини како да го оддалечи Мадуро од власта. Како одговор на тоа Мадуро преку Врховниот суд фактички ја забрани работата на парламентот. И тука малку се прецени. Имено, некогаш одамна оваа функција навистина беше во надлежност на Врховниот суд, но во меѓувреме на една од таканаречените уставни асамблеи беше укината и доделена на некаков потполно незаконски државен орган. Така по вина на својот легитимен претседател Венецуела заплови во неуставни води во кои, еве веќе подолго време плута. Се чини дека Мадуро, удирајќи по парламентот, на некој начин себеси се стави над законот и така создаде речиси неразрешлива политичка ситуација.

Бидејќи овој неред трае мошне долго, Хуан Гваидо одлучи да се прогласи за привремен претседател (ми се чини дека се споменуваше рок од една година), по што ќе се распишат нови претседателски избори на кои апсолутно легално и легитимно ќе биде избран нов претседател или претседателка на Венецуела?

Значи, деновите на Мадуро се одбројани?

Тешко е да се каже. Таквите половни, докрај недокажани и условно речено „полусвесни“ системи можат да опстојуваат мошне долго. Земете ја на пример Куба. Уште од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, по тоталниот крах на социјалистичкиот лагер и без економска, воена и политичка помош од СССР, многумина предвидуваа пад на режимот на Кастро. Меѓутоа, еве поминаа речиси 30 години, а тој сѐ уште е жив, и покрај тоа што го напуштија двајцата браќа Кастро. Еден замина на оној свет, а другиот даде оставка.

Хуан Гваидо

Така е и кај нас. Секоја година предвидуваат дека режимот на Путин ќе падне.

Режимот на Путин сепак е неспоредливо постабилен од сите латиноамерикански. Советското наследство на Русија и реално повисокиот степен на диверзификација на руската економија значително му помагаат во тоа. А тоа што на почетокот од нашиот разговор можеше да се насети мојата претпоставка дека на венецуелскиот режим неумоливо му се приближува крајот, се заснова на фактот за неговата покорна некомпетентност, како и отсуството на силно изразена волја на неговите лидери да се борат за него. Зашто додека благодарение на целата генерација харизматични лидери на знаменитата „револуција на брадестите (la revolucion de los barbudos) режимот на Кастро со години од себе едноставно го сееше борбениот елан на своите лидери, дотолку што за венецуелскиот режим (особено денес) тоа не може да се каже во никој случај. Секако, сѐ уште се во игра големите економски или, поедноставно кажано, финансиски интереси кои ќе ги тераат непосредно заинтересираните лица да го сочуваат, но се плашам дека тоа нема да биде доволно.

Таа силно изразена волја за која зборувате треба да ја имаат режимите или личностите кои ги водат?

И едните и другите. Мислам дека режимот беше многу постабилен со Чавез. Видете, и Јанукович (не само во Украина) своевремено го сметаа за водач со челична волја, а само неколку луѓе знаеја дека тој во психолошка смисла е мошне нестабилен. Кога се прават такви проценки никогаш не смее да се помешаат очигледната бруталност и вистинските „квалитети“ на дотичниот деспот. Како што „пукна“ за време на првиот киевски Мајдан во 2004 година, така дефинитивно „пукна“ и за време на вториот - во 2014 година. Оттука произлегуваат моите претпоставки за веројатна смена на режимот во Венецуела. Дали за тоа ќе бидат потребни денови или месеци е друго прашање.

Како Русија може да ѝ помогне на Венецуела или поточно на својот другар Мадуро? И кога веќе го споменавте Јанукович, дали сега евакуацијата ќе биде организирана преку „седум гори и седум мориња“ наместо по широките простори на југоисточна Украина и југозападна Русија?

Евакуацијата веќе тече. Прво ни соопштија дека е заради заштита на Мадуро и реализација на некакви специјални задачи кои изгледа повеќе не можат да ѝ се доверат на месната армија и локалната разузнавачка служба, стотина „вагнеровци“ веќе одлетаа за Венецуела. И овојпат исто така ќе го занемариме фактот дека според важечките руски закони не постојат приватни воени организации, па присуството на некакви крајно матни наемници во Сирија, Судан, Либија, Централно Африканската Република, а сега еве и во Венецуела, во најмала рака е проблематично.

А потоа полета и еден Боинг 777 - ако не сте знаеле тоа е многу голем авион - со задача да помогне во превозот на 20 тони злато од трезорот на Националната банка на Венецуела во Русија. Да не го заборавиме и големиот авио парк кој на Руската Федерација постојано ѝ стои на располагање.

Веројатно мислите на Специјалниот летечки одред Россия?

Не само тоа. Транспортот не е проблем. Може да се соберат уште безброј авиони за транспорт ма бројни членови од венецуелската елита, што неодложно ненадејно ќе ја зголеми побарувачката за луксузни недвижнини во Сочи, Геленџик и Одинцовскиот реон во блиската Московска област. И затоа ги советувам руските агенции за промет со недвижности да посветат особено внимание на овие настани, можеби уште сега да организираат „тркалезна маса“ или да подготват специјален додаток во некое фенси списание со тема „Новото гнездо на Мадуро“.

Можеби и цело дополнително издание на шпански?

Секако, зошто да не. Треба да се шират лингвистичките хоризонти, а особено оние на економските субјекти чии производи се многу важни за проруската елита во Венецуела и на Куба.

Извор: https://echo.msk.ru/

ОкоБоли главаВицФото