Џинот ги намами хипстерите

12.03.2019 13:48
Џинот ги намами хипстерите

ЛОНДОН – Откако во 16 век европските аптекари почнале да дестилираат џин и да го продаваат како лек за сè, тој алкохол со вкус на смрека се пие во разни коктели и се обвинува за поттикнување на јавниот неред.

Сувиот џин сега ја доживеа својата ренесанса во Лондон.

Продажбата на џин во Велика Британија достигна вредност од речиси две милијарди фунти, односно 2,6 милијарди долари, минатата есен, додека во истото време во 2017 година, таа вредност изнесуваше 1,26 милијарди фунти. Џинот е сега втор пијалак според популарноста во таа земја, веднаш по вотката.

Џинот во Велика Британија стана толку популарен, што Националниот завод за статистика повторно го класифицираше меѓу производите според кои се мери инфлацијата, откако пред 13 години го тргна од таа листа.

Меѓу новите производи – кои, навистина, имаат препознатлив вкус на смрека – можат да се најдат мармалад со вкус на џин и свеќи со таков мирис. Британците сега сакаат да заработат на џинот и надвор од домашниот пазар.

Сем Голсворди и Ферфокс Хол во 2007 година планирале да отворат дестилерија во Западен Лондон, но нивниот план го спречиле бирократските правила стари 250 години, кои предвидуваат дека џинот може да се произведува само во услови каде што капацитетите за производство се најмалку 1800 литри.

Бројот на дестилерии во Британија порасна од 113 во 2009 година на 419 во 2018. Тие, исто така, станаа популарни туристички дестинации. Само „Сипсмит“ годишно го посетуваат околу 25000 посетители.

„Тоа е сега дел од прехранбената култура што веројатно не постоела во Велика Британија пред 20 години“, вели Мајлс Бил, извршен директор на британското Здружение за трговија со вино и алкохолни пијалаци. „Луѓето, исто така, сè помалку пијат, но се заинтересирани за тоа што го внесуваат во себе. Затоа се подготвени да платат повеќе.“

Ијан Падик во 2013 година открил дека лондонската зграда во која се наоѓале просториите на неговото водоинсталатерско претпријатие некогаш била дестилерија во која се произведувал џин. Тој ги пронашол потомците на сопствениците и заедно ја отвориле Old Bakery Gin, чии производи сега се продаваат во стоковните куќи Harrods и Fortum & Mason.

Големите компании купуваат дестилерии за да заработат на светскиот пазар за џин, чија вредност, според податоците на фирмата за истражување Евромонитор, од 10,5 милијарди во 2007 година пораснала на дури 15,5 милијарди во 2017 година.

Помалите произведувачи од други делови на светот исто така си го најдоа своето место на пазарот.

Привлечноста на овој пијалак е во тоа што, вели Кук, тој е „истовремено и за возрасни и хипстерски“.

Извор: The New York Times | International Report