Кога кралицата почина, некој мораше да им каже на пчелите

13.09.2022 21:01
Кога кралицата почина, некој мораше да им каже на пчелите


Додека веста за смртта на кралицата Елизабета Втора одекна низ светот, еден наслов во текот на викендот збуни многумина на социјалните мрежи - ексклузивната вест на „Дејли Мејл“ дека кралскиот пчелар ги известил пчелите на кралицата дека таа починала.

Дали на пчелите треба да им се зборува за човечките работи? Дали тие би имале некакво мислење по тие прашања?

Некои пчелари, поддржани од историчари на фолклорот, велат дека „кажувањето на пчелите“ е стандардна практика која датира со векови наназад, со потенцијални тешки последици доколку не се следи.

„Тоа е многу стара и добро воспоставена традиција, но не и многу позната“, вели Марк Норман, фолклорист и автор на книгата „Известување на пчелите и други обичаи: Фолклорот на руралните занаети“.

Традицијата вели дека пчелите, како членови на семејството, треба да бидат информирани за главните животни настани во семејството, особено за раѓањата и умирањата. Пчеларите тропале на секоја кошница, ја пренесувале веста и понекогаш ја покривале кошницата со црна ткаенина за време на периодот на жалост. Оваа практика е попозната во Британија, но се среќава и во Соединетите Држави и во други делови на Европа.

Во 18 и 19 век, се верувало дека занемарувањето да им се каже на пчелите може да доведе до разни несреќи, вклучително и нивна смрт или заминување или неуспех да се направи мед. Во денешно време, пчеларите можеби се со помала веројатност да веруваат дека ризикуваат лоша среќа, но можеби ќе продолжат да ја следат традицијата како „ознака за почит“, вели Норман.

Стивен Флеминг, кој се занимава со плечарство 25 години и е со-уредник на BeeCraft, списание за британски пчелари, рече дека еднаш ја извршил традицијата откако починал негов пријател. Тој отишол кај пчелите на пријателот, тивко тропнал по куќиштата и им ја кажал веста, изјави тој.

„Тоа беше нешто што мислев дека на мојот пријател би му се допаднало“, додаде тој.

Џон Чапл, пчеларот во Бакингемската палата, одби да коментира. „Дејли мејл“ објави дека ставил црни ленти врзани во лакови на кошниците пред да им каже со тивки тонови дека кралицата умрела и дека ќе имаат нов господар.

Г-дин Флеминг рече дека повеќето пчелари најверојатно ќе бидат свесни за традицијата, но не толку многу што би ја практикувале.

„Генерално се смета дека е добра и убава работа“, рече тој.

Извор: New York Times
Слика: Ханс Тома, "The Bee Friend", 1863/1864